Спасиа Динковски ја запознавме откако со својот „Мистик Бурек“ стана вистинска ѕвезда на гастрономската сцена во Лондон. Во меѓувреме, на настаните на кои се служи нејзината храна се редат редици од луѓе кои зборуваат на десетици јазици и дијалекти, сите на иста фреквенција кога станува збор за мистичниот бурек. Наскоро Спасиа ја очекува и отварањето на нејзин локал во Саут Ист Лондон, каде што ќе служи македонска храна, а први комшии ѝ се Турци, Албанци, Иранци и Кинези. Сите заедно обожаватели на бурек ала Спасиа
Балканот го нарекуваа јаболко на раздорот, ама ако се земе предвид она што се случува на настаните што ги организира Спасиа Динковски, девојката со македонски корени која е родена во британскиот град Кроли, а живее во Лондон и на кои во редици се чека за нејзиниот бурек, лесно може јаболкото на раздорот да се преобрази во бурек на обединувањето.
Сите тие гладни усти што чекаат во долгите редици за да добијат парче од нејзиниот „Мистик бурек“, во сите свои богати, вкусни, а често за наши поими и егзотични вкусови и комбинации, се усти кои зборуваат на десетици различни јазици, ама очигледно, нивниот апетит и перцепторите за вкус кога станува збор за деликатесите на Спасиа, работат на иста фреквенција.
За Спасиа Динковски слушнавме откако таа стана вистинска ѕвезда во земјата во која е родена, образувана и порасната и откако за неа пишуваа голем број тамошни медиуми, а се најде и во Migration Museum Лондон, како основач на една од најважните женски миграциски приказни во Лондон. Во Музејот таа беше и дел од фестивалот кој опфаќа книги, храна, мода… и многу повеќе и во март годинава го трансформираше нивниот Migrant Makers Market простор во продавница за бурек и баклава, продавајќи некои класични балкански закуски и поканувајки ги посетителите да споделат рецепти и миграциски приказни за храна.
Исто така, со своите објави на нејзиниот Инстаграм профил, но и со настаните на кои главна ѕвезда се питите што ги прави во сите можни варијанти, со сите можни и неможни филови, сосови и преливи, го привлече вниманието на британска издавачка куќа која наскоро (во април 2024), ќе ја издаде и нејзината книга за македонската кујна со едноставен наслов: „Дома“.
За книгата „Дома“
„Агентка од издавачката куќа ми прати порака прашувајќи ме дали некогаш сум пишувала, затоа што им се допаднал стилот на кој ги раскажувам моите приказни на Инстаграм профилот. Таа била и на една од моите поп-ап вечери на кои ѕвезди на вечерата беа сармите со кисела зелка и токму тие сарми, заедно со моите приказни на Инстаграм, биле причината да ми понудат да напишам книга за македонската храна“, се потсетува Спасиа.
Таа вели дека на англискиот пазар веќе постојат книги со рецепти за македонски јадења, но нејзината нема да биде само уште една во низата. Ќе биде книга со рецепти, но и со приказни за сите луѓе што таа ги запознала во текот на своето гастрономско патување низ татковината.
А токму книгата беше причина таа и овој месец да дојде повторно во Скопје со својата пријателка, фотографката Кејтлин Исола за да ги посети повторно луѓето чии приказни ќе бидат дел од книгата, но и за да ги направат фотографиите за книгата.
Вкусот на „Мистик бурек“ за првпат во Скопје
Ова доаѓање на Спасиа беше посебно и поради тоа што неколкумина од нас имавме можност конечно да ги пробаме нејзините пити кои дотогаш ни отвараа апетит само преку фотографиите на нејзиниот Инстаграм профил.
Нивните вкусови, далеку од оние на класичниот бурек, некои дури и навистина егзотични комбинации во кои таа вешто ги измешала и традицијата најдена во спомените од детството и летните распусти поминати кај баба ѝ Славка во Македонија и она што го научила и го прифатила живеејќи во една таква шаренолика и мултиетничка средина каква што е Лондон. Едноставно, одлични, богати, вкусни и шармантни.
Таква беше и нејзината питa со спанаќ (од нашите вредни „Грин репаблик“ од Орешани) и козјо сирење (од „Кози, млеко, планина“), премачкана со лут хариса сос, пекмез од праски и сечкани оревчиња, послужена во скопско Тафталиџе, заедно со салати од нејзините омилени македонски домати и лути пиперчиња, таратур, ракија и вино (од нашиот Захарчев).
Турци, Албанци, Иранци, Кинези, обожаватели на питите на Спасиа
Беше тоа и убава шанса да дознаеме уште некои новости што ги готви Спасиа таму. Имено, нејзините подготовки за отворање на, конечно, нејзино ресторанче, мал локал во Саут Ист Лондон, кадешто нејзини први соседи се Турци кои прават ќебапи, Иранци кои прават пици и Кинези кои прават кинеска храна, а во близина и Албанци кои во своето кафуле прават кафе и чај и едвај чекаат таа да го отвори локалот.
„Сите ги запознав уште од првиот ден откако го земав дуќанот под наем. Секако, им однесов на сите бурек и сега сите тие се мои најдобри другари и ми помагаат за сѐ. На пример, неодамна имав кетеринг и почнав да правам пити кога сфатив дека не се печат добро. Некако ги завршив, но веднаш потоа ја направив најголемата инвестиција во мојот живот и купив одлична, но многу скапа печка со 20 рерни, но кога испорачателите пробаа да ја внесат внатре, сфативме дека не може да помине низ вратата. Тие ја оставија надвор, а додека јас очајував, моите соседи ги заклучија дуќаните и дојдоа да ми помогнат. Ја извадија вратата, ја внесовме печката и повторно ја вратија вратата на место. Мојата интернационална екипа на пријатели се навистина добри луѓе со кои знам дека одлично ќе функционираме и во иднина. Тој ден, баш затоа што бев под голем стрес и имав лоша и тешка недела, сите се погрижија за мене и не само што ми помогнаа со печката, туку се погрижија и да ме нахранат, Турците ми донесоа кебапи, Иранците кокошка, Кинезите од нивната храна. И Албанците од кафулето во близина едвај чекаат да го отворам локалот“, раскажува Спасиа која можеби и поради својата македонска непосредност, но и, како што се вели, „милата ѕвезда“, е навистина магнет за многу добри луѓе.
Сѐ се врти околу бурекот
„Кога го почнав бизнисот со Мистик борек, го употребив намерно зборот борек, наместо бурек, како најпознат термин за таква храна во Лондон, кадешто живее и голема турска заедница, затоа што се плашев од реакциите. Денес се фокусирам на тоа дека сите имаме некои исти јадења, како и различни имиња за истата работа и сметам дека е негативно да се расправаме околу термините, а и јас дефинитивно, во што се уверивте и самите, не правам класичен бурек. Затоа уште на почетокот го нареков „мистик“, но името на локалот сега ќе биде Мистик Бурек. Конечно, кај мене секогаш сѐ било околу бурекот, од таму и ја почнав сета оваа приказна“, вели таа.
Во меѓувреме, додека го спрема отварањето на локалот, Спасиа продолжува со своите поп-ап настани.
„Секоја сабота имам „сатрдеј спешл“ и тогаш се прават најголемите редици, еден ден симит-погача, друг ден ќебапчиња со лепињи. Планот ми е и кога ќе го отворам локалот да работам од почеток само 3 дена неделно. Тоа е сега тренд во Лондон, кој остана после пандемијата со ковид. Да трошиш ресурси и во понеделник да не влезе никој или да влезат само двајца, е навистина бесмислено, такашто планирам да се фокусирам само на четвртоците, петоците и саботите, евентуално, подоцна и во неделите, а во другите денови продолжувам со кетеринг и достава“, објаснува таа.
Инаку, Спасиа во Лондон прави и кетеринзи за свадби, а периодов има и особено интересна нарачка од некоја жена што била присутна на настан на кој нашата Спасиа откривала пита како магионичарите зајак или гулаб и која, иако не се познавале, многу ѝ помогнала да ги послужи сите оние кои чекале ред за да го добијат своето парче. Токму таа жена побарала од неа за нејзината свадба наместо торта да ѝ направи слатка пита на спратови.
Имено, најбарани од нејзините производи засега, освен солените пити, се и баклавата со вишни и араванијата. Од Спасиа нарачуваат буквално сите, и луѓе од Балканот и Британци, Индијци и други. Рестораните во кои таа досега гостувала со своите ручеци и вечери, ја викаат затоа што нејзините поп-ап настани се вистински погодок за нивна промоција, а меѓу обожавателите на Мистик Бурек има и доста Македонци кои се постојани гости, како и луѓе од целиот Балкан.
„Многу луѓе имаше и одлично си поминавме и на настанот кој го организираше т.н.Лондон Балкан колектив, луѓе како мене, кои се родени во Англија, а потекнуваат од некоја од балканските земји и се всушност втора или трета генерација во Британија и ја промовираат културата и традицијата на земјите од кои потекнуваат. На пример, за 8 март годинава, јас ја спремав храната, една Босанка беше диџеј и беше прикажан и нејзиниот документарец за мајка ѝ која по распаѓањето на Југославија го изгубила своето пијано, а една Албанка пееше рап и исто така беше диџејка. Парите што ги заработив таа вечер ги донирав за „Глас против насилство“, женска мрежа за поддршка на жените врз кои е извршено насилство. Имаше 200 луѓе, а редицата за мојата храна почна во 19, а заврши во 21 и 30 часот“, се смее Спасиа.
Но дека сите тие редици и сите тие настани, не се шега, зборува и тоа што Спасиа е често толку истоштена што не може со денови да се спаси од главоболката. Затоа, новиот почеток со дуќанот, ќе биде и почеток за кој таа решила да си обезбеди и помош. Станува збор за готвачка со која се познава од претходно, која исто така пишува книга за храна, но за кујната на Барбадос, Кариби, од кадешто потекнува таа.
„Не спои храната, таа ги сака моите пити и подготвена е да научи сѐ за нив“, вели Спасиа која желно го очекува денот кога ќе може да ги нагости и првите гости во својот локал.
А ние, ја очекуваме повторно тука, во Скопје и се надеваме на уште некоја варијанта од мистичниот бурек ала Спасиа.