Секоја лубеница звучи шупливо кога ќе ја чукнете по кората, вели производител на лубеници и објаснува што е важно да се гледа кога се одбира ова овошје
Сочните и слатки, разладени лубеници се најголемото задоволство на летото.
Најдобриот сојузник во борбата против високите температури, ова овошје е највкусно во текот на јули и август. Пазарите и маркетите се преполни со лубеници, но бидејќи тоа е овошје за кое не знаеме точно како изгледа додека не го исечеме, лесно е да се излажеме и да одбереме сосема погрешна.
Прашањето што го поставуваат многу луѓе е како да ја изберат совршената лубеница?
Секој купувач има свој метод. Додека некои ја превртуваат лубеницата, други ја мерат, а трети чукаат по кората барајќи шуплив звук.
Сепак, секогаш постои доза на несигурност.
Во потрага по одговор на тоа прашање, нашите колеги од Слободна Далмација го посетиле Мирко Матага, чие семејство го одгледува ова овошје веќе 25 години.
Тие ги одгледуваат сортите фантазија и романса поради нивниот висок принос и квалитет на овошјето.
Овие сорти содржат повеќе шеќер, што ги прави послатки и популарни меѓу потрошувачите.
Залудно чукате, треба да се гледа нешто друго
„Чукање по кората? Секоја лубеница звучи шупливо. Совршената лубеница ќе ја препознаете по бојата на кората. Зрелата лубеница има раздвоени зелени шари кои добиваат посветла боја.
Исто така, на долната страна на лубеницата треба да има жолта дамка – местото каде што лежела на земја за време на зреењето. Колку е пожолта, толку е позрела лубеницата“, објаснува Матага.
Здравствени придобивки
За оние кои се уште размислуваат дали да одат по лубеница, важно е да се напомене дека овој овошен гигант крие бројни здравствени придобивки кои се клучни за нашето добро здравје.
Лубеницата се состои од 92% вода, што ја прави одличен избор за хидратација, особено во топлите летни денови.
Јадењето лубеница помага во одржување на рамнотежата на течностите во телото, што е од суштинско значење за правилно функционирање на органите и за општото здравје.
Содржи витамин Ц, витамин А, витамин Б6, калиум и магнезиум, кои играат клучна улога во зајакнувањето на имунитетот, подобрување на видот и одржување на здрава кожа.
Калиумот и магнезиумот во лубеницата помагаат во одржување на здрав крвен притисок. Редовното консумирање лубеница може да го намали ризикот од хипертензија и кардиоваскуларни заболувања.
Ликопенот го подобрува и здравјето на срцето со намалување на холестеролот и крвниот притисок.