Да, оризот треба да се измие, но дали знаете зошто?

Фото: Pexels
821

Традиционално, плакнењето на оризот пред готвење се смета за пожелно за да се отстрани прашината, инсектите, малите камчиња и парчињата лушпа што останале од процесот на лупење на оризот. Всушност, оризот, дури и оној инстант ориз, мора да се исплакне за да се намали количината на микропластика и тешки метали

Оризот е меѓу најчесто користените намирници ширум светот, а прашањето што се поставува во секоја кујна, без разлика дали е професионална или во вашиот дом, е дали оризот треба да се измие пред да се зготви.

Традиционално, плакнењето на оризот пред готвење се смета за пожелно за да се отстрани прашината, инсектите, малите камчиња и парчињата лушпа што останале од процесот на лупење на оризот.

Но, кулинарски експерти тврдат дека миењето на оризот ја намалува неговата лепливост со отстранување на скробот што доаѓа од зрното ориз, што се гледа во матната вода од плакнењето. Затоа, готвачите се залагаат за миење на оризот за некои јадења кога е потребно зрната да бидат одвоени, додека за јадења како што се рижото, паеља и пудинг од ориз (каде што е потребен леплив, кремаст ефект), се избегнува миење.

Сепак, една неодамнешна студија на Универзитетот за технологија и бизнис во Пекинг покажа дека процесот на миење не влијае на лепливоста или тврдоста на оризот, туку дека лепливоста зависи од видот на зрното ориз, односно скробот наречен амилопектин, кој е различен од површинскиот скроб и се ослободува од зрното ориз при варењето. Значи, разновидноста на оризот – а не миењето – е клучна за лепливоста.

Со оглед на тоа што плакнењето нема ефект врз лепливоста, а навидум оризот изгледа чист, предмиењето на оризот можеби изгледа како излишно и како непотребно губење на време? Сепак, одговорот е не. Оризот треба да се измие пред да се готви од сосема друга причина – микропластика и тешки метали.

Во поново време, покрај големата употреба на пластика во синџирот на снабдување со храна, микропластиката е пронајдена и во оризот. Клаудија Деси од Квинслендската алијанса за еколошки здравствени науки (QAEHS) и Универзитетот во Квинсленд и тим научници открија дека процесот на миење исплакнува до 20 отсто пластика од неварениот ориз.

Истата студија покажала дека без разлика на пакувањето (пластична или хартиена кесичка) во која купувате ориз, тој содржи исто ниво на микропластика. Истражувачите исто така покажаа дека пластиката во претходно сварениот (инстант) ориз е четири пати поголема отколку во неварениот ориз. Со претходно испирање на инстант оризот, можете да ја намалите пластиката за 40 проценти.

Исто така, познато е дека оризот содржи релативно високо ниво на арсен, бидејќи културата апсорбира повеќе арсен. Претходните истражувања покажаа дека со предмиење на оризот се отстрануваат околу 90 проценти од биорасположивиот арсен и до 20 проценти од другите тешки метали како олово и кадмиум, но исто така плакне и голема количина на други хранливи материи важни за нашето здравје, вклучувајќи бакар, железо, цинк, и ванадиум. Сепак, ова е проблем само за оние популации кои секојдневно консумираат големи количини измиен ориз. За сите останати, разновидната исхрана обезбедува доволни количини на овие минерали.