Арт кујна беше во ресторанот „Корак“ кој ја доби престижната Мишелинова ѕвезда

Фото: Фејсбук
395

Арт кујна беше во една од најдобрите хрватски семејни винарии, винаријата „Корак“ во Јастребарско, во чии рамките е и семејниот фајн дајнинг ресторан кој сега се закити со една Мишелин ѕвезда.

Пред година ипол екипата на „Арт кујна“ беше во посета на винаријата „Корак“ во Јастребарско, гратче во рамките на загрепската жупанија, каде што ги дегустиравме вината, но и замезивме од  нивниот оригинален чипс од стар кисел леб со домашен квасец направен од шеф Бернард Корак, главниот „виновник“ за успехот на фајн дајнинг ресторанот во склоп на винаријата. Токму овој ресторан е единствениот нов ресторан во Хрватска кој влезе во новата Мишелинова листа со една престижна Мишелин ѕвезда.

Иако тогаш шеф Бернард беше отсутен, неговиот татко, нашиот љубезен домаќин Велимир Корак, еден од најдобрите винари во Хрватска, ни ја раскажа нивната навистина убава и успешна семејна приказна. Онаа за винарството како дејност која постои во семејството веќе со генерации, но и онаа поновата, нивниот фајн дајнинг ресторан отворен токму на време – за коронавирусот.

Ресторанот „Корак“, како што беше објавено во новата Мишелин листа на ресторани за Хрватска, е уште едно одлично место кое ја доби престижната Мишелинова ѕвезда.
Како што објаснуваат од Мишелин, Корак ја заслужи ѕвездата за исклучителниот квалитет на својата кујна, а добитник е и на зелената ѕвезда на Мишелин бидејќи посветува големо внимание на одржливата гастрономија, која вклучува и грижа за животната средина.
„Со одлична рамнотежа на семејната традиција и освежително иновативен пристап, овој ресторан нуди исклучително вкусна и примамлива кујна во која ги нагласуваат состојките од сопствената градина и внимателно одбраните околни производители.

Овие одлични професионалци, кои се трудат да ги споделат со гостинот нивните приказни и љубовта кон својата земја, со своите кулинарски креации совршено ја оцртуваат промената на годишните времиња“, се објаснува во водичот на Мишелин.

Покрај Корак, Хрватска има уште 10 ресторани кои ги задржаа своите Мишелин ѕвезди, а исто така, сега имаат дури 14 ресторани со награда Michelin Bib Gourmand (за која главен критериум е одличната храна за добра цена), од кои 3 се нови – Beštija (Загреб), Bougainvillea (Цавтат) и Таџ Махал ( Дубровник). Исто така, оваа година дури 64 хрватски ресторани имаат Мишелин препорака, меѓу кои и 9 нови – Марко Поло (Дубровник), Николо Поло (Градац), Медитеранео (Хвар), БОМЕ (Сплит), PINKU fish and wine (Сплит) , Коноба Кала (Супетар), Оток (Супетар), Балон (Загреб) и Ел Торо (Загреб).