Дали би јаделе сладолед од карфиол? Млади претприемнички од Нов Зеланд прават вкусен вегански сладолед

Фото: Инстаграм
60

Доколку сте љубител на сладолед, оваа приказна ќе ве воодушеви. Нејзините хероини се две млади претприемнички вљубени во овој деликатес и полни со ентузијазам да создадат целосно иновативен производ кој истовремено ќе придонесе за решавање на конкретен и сериозен општествен проблем.

Младоста, знаењето и ентузијазмот се очигледно добитна комбинација од која можат да се родат сосема неверојатни идеи и потфати. Ова е едно од нив… Две девојки од Нов Зеланд – Џени Метисон и Мили Кумар ги споиле заедничките идеи и загриженоста за неодржливоста на системот за производство на храна. Користејќи го своето знаење стекнато на студиите на технологија за храна, но и маркетинг, тие успеале да создадат рецепт за неверојатно кремаст и вкусен сладолед, чија главна состојка е скромниот карфиол.

Џени и Мили смислиле генијален начин да поврзат две навидум некомпатибилни работи – нивната љубов кон сладоледот и решавањето на проблемот со отпадот од храна. Светските статистики покажуваат дека многу голем процент (до 40% во некои земји) градинарски култури од фармите не стигнуваат до полиците на супермаркетите. Плодовите кои се со несоодветна форма или големина и со мало оштетување обично се фрлаат.

Истражувањето и усовршувањето на рецептот за сладолед од карфиол не било лесно, а според младите претприемнички биле потребни речиси три години. Сепак, судејќи по реакциите на луѓето кога го пробуваат својот сладолед, се чини дека сиот тој труд се исплател.

Сите придобивки од овој неверојатен сладолед
Потрошувачите во Нов Зеланд, каде што поголемите продавници веќе го продаваат овој необичен сладолед, се воодушевени не само од неговиот вкус, туку и од другите својства на овој производ:

Тој е вегански, без ГМО, без присуство на палмино масло и не содржи ниту еден од најчестите алергени: кравјо млеко, соја, јаткасти плодови, како и вештачки засладувачи, бои и вкусови. Тоа е всушност производ од соништата за оние кои страдаат од алергија.
Со изборот на овој сладолед, клиентите избираат одржливост и придонесуваат за намалување на проблемот со отпадот од храна, бидејќи во неговото производство се користат само несовршени (само по изглед) главици карфиол.
Потрошувачката на овој неверојатен производ не предизвикува никаква еколошка штета на планетата, бидејќи пакувањето е направено од еколошки материјали кои се целосно биоразградливи (може да се додадат во компост).
И, конечно, најголемата предност – уживањето во омиленото кремасто уживање без грижа на совест, бидејќи неговата главна состојка е карфиолот, еден од најздравите видови зеленчук.

Сладоледот од карфиол наскоро ќе се прошири и на други големи пазари
Младите сопственички на брендот „Eat kinda“, кои станаа сензација по појавувањето на популарна ТВ-шоу програма во Нов Зеланд, се надеваат дека наскоро ќе го прошират својот производ на пазарите во Америка и Австралија. Како потенцијални купувачи на нивниот иновативен сладолед, тие ги гледаат флекситаријанците кои бараат поздрави опции и сакаат да го зголемат процентот на зеленчук во нивната исхрана, ентузијасти во потрага по нови интересни производи од растително потекло, луѓе со алергии на млечни производи, како и вегани кои сакаат вкусни и здрави десерти.