Дали глутенот му пречи на вашето тело? Овие 5 работи мора да ги знаете

Фото: Freepik
351

Во принцип, глутенот не е штетен за здравјето, но луѓето со одредени здравствени состојби, како што се целијакија, алергија на пченица или нетолеранција на глутен, треба да го избегнуваат.

Во последниве години многу се зборува за глутенот и за исхраната без глутен, но прашањето дали глутенот е навистина штетен сепак често предизвикува конфузија. За почеток – што е глутен? Тоа е група на протеини кои природно се наоѓаат во одредени житарки како пченица, јачмен и ‘рж. Глутенот има уникатни физички својства и затоа често се додава во преработената храна за да се подобри текстурата и да се пoдобри задржувањето на влагата. Житариците што го содржат често се користат за подготовка на теста што стасуваат бидејќи протеините од глутенот формираат еластична мрежа што се растегнува и ги задржува гасовите, овозможувајќи, на пример, лебот да нарасне и да ја задржи влагата.

Во принцип, глутенот не е штетен за здравјето, но луѓето со одредени здравствени состојби, како што се целијакија, алергија на пченица или нетолеранција на глутен, треба да го избегнуваат.

Што е нетолеранција на глутен?
Друго име за нетолеранција на глутен е нецелијачна пречувствителност на глутен и треба да се разликува од целијачна болест и алергија на пченица. Целијачната болест е сериозна автоимуна состојба во која имунолошкиот систем на пациентот ги напаѓа сопствените клетки на тенкото црево по консумирање на глутен, што предизвикува воспалителни процеси и оштетување на дигестивниот тракт. Алергијата на пченица често се поврзува со глутен, но луѓето со овој тип на алергија немаат проблеми со конзумирање на глутен, туку конкретно со пченица. Затоа треба да ја избегнуваат, но можат да консумираат други видови житарки кои содржат глутен.

Кај луѓето чии наоди покажуваат дека немаат целијачкија или се алергични на пченица, а сепак чувствуваат симптоми како надуеност, гадење или замор, кои исчезнуваат по елиминацијата на глутенот, зборуваме за нетолеранција на глутен. Секој може да има нетолеранција на глутен, но таа е почеста кај жените и може да биде присутна од раѓање или да се развие подоцна во животот.

Луѓето кои страдаат од целијакија или нетолеранција на глутен треба да изберат храна без глутен.

Како да препознаете нетолеранција на глутен?
Симптомите на нетолеранција на глутен може да се појават неколку часа, но и неколку дена по консумирањето храна со глутен, и вклучуваат:

стомачни болки
анемија
анксиозност
надуеност или гасови
проблеми со концентрацијата
депресија
дијареа или запек
замор
главоболка
болки во зглобовите
гадење и повраќање
осип на кожата.
За жал, не постои тест за нетолеранција на глутен, но сепак може да се утврди со голема веројатност доколку има проблем. Ако се сомневате дека глутенот ви прави проблеми, контактирајте го вашиот лекар за да ги направи потребните тестови и да провери дали страдате од целијачна болест или сте алергични на пченица. Кога и ако овие опции се елиминираат, во консултација со вашиот лекар, ќе треба да го исклучите глутенот од вашата исхрана неколку недели и во овој период да следите дали претходно споменатите симптоми исчезнуваат или се ублажуваат. После тоа, глутенот повторно се воведува, а доколку се вратат симптомите, веројатно се работи за нетолеранција на глутен.

Која храна содржи глутен?
Сè уште не се знае многу за нетолеранцијата на глутен и нема лек. Сепак, проблемот може успешно да се контролира со префрлување на диета без глутен, која вклучува елиминирање на храната што содржи глутен. Глутенот е составен дел на голем број цели и преработени намирници, вклучувајќи:

житарки (цела пченица, пченични трици, јачмен, ‘рж, спелта, булгур, фаро, пченични никулци, мелена пченица, мацо, кускус, гриз)
преработени производи на база на житарки (крекери, леб, презла, тестенини, сејтан, соба тестенини кои содржат пченица, некои зеленчукови плескавици и други замени за месо, колачи)
друга храна и пијалаци (јачменов слад, оцет од слад, соја сос, одредени преливи за салата, сосови или сосови згуснати со брашно, некои готови супи, одредени мешавини од зачини, чипс со вкус, пиво, одредени видови вино и алкохол, некои месни производи )
Бидејќи глутенот често се користи во производството на храна како згуснувач или стабилизатор, не е секогаш јасно дали одредени видови храна го содржат, па затоа е важно многу внимателно да ги проверите декларациите на производите што ги купувате.

Многумина веруваат дека поради нетолеранција на глутен мора да се откажат од лебот и слатките, но доволно е да се заменат со опции без глутен.

Што да јадете ако страдате од нетолеранција на глутен?
Добрата вест е дека дури и луѓето кои страдаат од нетолеранција на глутен можат да уживаат во разновидна исхрана без да чувствуваат дека се лишуваат од нешто. Диетата без глутен може да вклучува:

храна која природно е без глутен (овошје, зеленчук, црвено месо, живина, морска храна, млечни производи, грав, мешунки, јаткасти плодови, путери и масла)
житарки, семиња и извори на скроб без глутен (ориз, маниока, тапиока, пченка, соја, компири, слатки компири, киноа, просо, овес без глутен, ленено семе, чиа семе)
готови производи без глутен (разни видови леб без глутен, печива и десерти без глутен, како што се мафини, браунис, колачи со овошје или торти, солени печива со сирење).