Малите остри дупчиња што многумина никогаш не ги користат имаат многу поконкретна намена отколку што мислите – и не се таму само за да си ги „изрендате“ прстите.
Можеби го користите со години за рендање сирење или зеленчук, но еден дел од класичното четиристрано ренде за многумина и понатаму останува мистерија. Станува збор за страната со многу ситни и остри дупчиња, за која голем број луѓе не знаат за што всушност служи.
Токму оваа тема неодамна се најде во центарот на дебата на Редит, откако еден корисник објави фотографија од своето ренде и праша:
– Дали некој воопшто ја користи оваа страна од рендето? За што служи?
Тој призна дека досега од неа немал никаква корист.
– Единственото нешто што ми го направила е да ми ја повреди раката. Буквално никогаш не сум ги користел тие ситни дупчиња. Најчесто ја користам само другата страна за рендање сирење – пишува тој.
Се покажало дека не е единствениот. Стотици корисници се вклучиле во дискусијата, а многумина признале дека никогаш не знаеле која е вистинската намена на овој дел од рендето.
Меѓу бројните шеги на оваа тема, се појавиле и корисници кои ја откриле вистинската намена.
– Ми требаа години за да го сфатам тоа. Пармезанот и кората од лимон, портокал или лимета најдобро се рендаат токму на оваа страна – напишал еден од нив.
Друг објаснил дека е одлична и за тврди сирења, лук, морско оревче и ѓумбир кога сакате да го претворите во паста. Некои ја користат и за рендање компир за бургери од компир или други јадења што бараат многу ситна текстура.
Експертите за храна од порталот Martha Stewart објаснуваат дека најситните отвори создаваат многу фини трошки сирење.
Ако сакате текстура слична на ситно ренданиот пармезан што се продава во пакувања, тогаш токму ова е страната што треба да ја користите. Така сирењето полесно се топи и подобро се меша со сосови, преливи за салати и разни печива.
Истата страна е идеална и за рендање кора од цитрусни овошја и морско оревче.
Сепак, експертите предупредуваат дека токму ова е страната на која најлесно можете да ги повредите прстите ако не сте внимателни. Освен тоа, најтешко се чисти бидејќи остатоците од храна лесно се заглавуваат во ситните отвори.
Инаку, секоја страна од четиристраното ренде има своја функција. Големите отвори се наменети за полутврди сирења и зеленчук, средните за поситно рендање, додека долгите хоризонтални отвори служат за сечење тенки парчиња сирење или зеленчук.
За полесно чистење на рендето се препорачува користење абразивен сунѓер, а ако остатоците веќе се исушиле, најдобро е рендето да се остави да кисне преку ноќ во вода.