„Дома“ стаса дома, на местото на злосторот… Најзначајната книга со рецепти од нашите краишта

322

Конечно, ја имаме во раце „ДОМА“, кулинарска книга на англиски јазик од Спасиа Динковски, издадена од британски издавач. Авторката, во своите вешто раскажани приказни невешто го крие нејзиниот патриотизам и љубовта кон Македонија, земјата на нејзините родители, а како што вели, иако е родена Британка, и нејзина, бидејќи се смета себеси премногу Македонка за Британците, но признава, и премногу Британка за Македонците и тоа е чувство кое ја следи во текот на целиот живот, а се одразува и на нејзиното готвење.

Никогаш не сум ималa намера да започнам бизнис, но се случи, вели Спасиа Динковски, авторка на книгата со традиционални вкусови и модерни рецепти од Македонија и од Балканот, во воведот на нејзината прва книга насловена како „Дома“ која ја напиша на предлог на британската издавачка куќа DK која неодамна и ја издаде.

Станува збор за кулинарска книга на англиски јазик, со оглед на тоа што авторката е по раѓање Британка, а по потекло, горда Македонка, втора генерација на балканската дијаспора во Англија, која со неверојатна љубов која не можеме да ја почувствуваме кај многу родени Македонци, зборува за Македонија и за Скопје како за свој дом.

„Дома“ е сѐ само не е обична кулинарска книга со рецепти, туку книга која освен рецепти содржи и интересни приказни поврзани со секој од рецептите што се наоѓаат на нејзините страници, инаку, тоа се цели 250 страници со прекрасни фотографии направени од фотографката Кејтлин Исола.

Инаку, Спасиа, освен што е вешта во својата кулинарска професија, во книгата се покажа и како одличен раскажувач. Таа многу вешто, топло и во прво лице, со многу лични впечатоци и емоции кон луѓето од овие вистински приказни, ги раскажала и ги поврзала со рецептите, оние традиционалните, но и оние кои таа ги модернизирала и како што вели, им дала „британски тач“.

Во секој случај, зад тие вешто раскажани приказни невешто се крие нејзиниот патриотизам и љубовта кон Македонија, земјата на нејзините родители, а како што вели, и нејзина, бидејќи се смета себеси премногу Македонка за Британците, но признава, и премногу Британка за Македонците и тоа е чувство кое ја следи во текот на целиот живот таму, во земјата во која е родена, но и во периодите кога доаѓала тука, во земјата во која се нејзините корени.

Нејзините пити под брендот „Мистик бурек“, со кои таа направи вистински бум во Англија и поради кои се најде на страниците и на порталите на најпознатите медиуми, како и во ТВ и радио емисии, вообичаено доаѓаат со додатоци од месо, сирење, спанаќ, понекогаш спанаќ и сирење, но и со многу необични додатоци, разни чудни и вкусни преливи, па оттаму и не претендираат да личат на буреците на кои сме навикнале ние на Балканот, туку се една експлозивна комбинација од вкусови, мешавина од традиционалното балканско и модерното, па затоа се и „мистични“.

„Тоа не е бурек“! „О, не си родена таму?“ „Јас очекував да имаш акцент!“

Ги набројува Спасиа најчестите реченици кои ги слушала од оние, како што вели, чувари на автентичноста за кои е сѐ црно-бело и кои не можат да го прифатат овој концепт на готвење.

„Има доволно место на масата за сите нас и за сите наши различни животни искуства. Значи, за да ме разберете, треба да знаете дека јас сум Македонка и дека двајцата мои родители се родени таму. Меѓутоа, јас сум родена во малото градче Кроли во Сасекс, така што јас сум и Британка. Поминував цели лета на Балканот, кадешто заминував веднаш по завршувањето на секоја училишна година, а се враќав назад точно навреме за следната. Живеев и во Њујорк, работев во безброј жешки и тешки кујни, во кои ја заработував својата плата.

Јадењата во оваа книга се начинот на кој јас готвам, некои традиционални рецепти, некои модерни варијации, сите вкусови во иста димензија“, објаснува Спасиа во воведот.

Таа пишува со таква љубов и емоции што човек останува навистина затечен и дури, се прашуваме, како немавме ние кои живееме тука, барем мал дел од овој патриотизам и од оваа љубов на Спасиа кон сѐ што е наше, а најмногу, кон луѓето и кон храната.

И сето тоа, без да ги присвојува оние рецепти кои се традиција во повеќето балкански земји, без да присвојува и без да полемизира во стилот на оној славен бугарски документарец „Чија е таа песна?“, а чие дејствие се вртеше околу потеклото на песната која само во Македонија има две верзии: од градот Прилеп „Ој ти Пацо Дреновчанке“ и од градот Тетово „Ој девојче, ти тетовско јаболче“.

Напротив, таа вели:

„Едно е сигурно, не можам да ги претставувам сите затоа што никогаш нема да сфатам како што треба. Јас не сум историчар и дури и да бев, ќе имаше безброј луѓе кои не би се согласиле со мене. Би можела да ја напишам оваа книга како статија на Википедија и да ви дадам безброј имиња за секој рецепт или да се обидам да составам историја над која лебдат прашалници, изгорени книги и трудови, растргнати од војна и општи политички конфликти, но тоа некако не е соодветно.

Надвор од историските книги кои, исто така, можеби биле, а можеби и не биле пренапишани, постојат луѓе.

Единствениот вистински начин да се разбере културата е преку тоа како луѓето живеат, како се однесуваат, што јадат, токму во овој момент во времето“, вели Спасиа и додава дека сака да го долови оној момент, онаа клучна точка каде сериозно сме соочени со концептот на промена, а наоѓаме начин да ги почитуваме старите, постарите, оние што нè доведоа овде.

„Претпоставувам дека имам предност, затоа што сум дете од дијаспората, бидејќи кога нешто е точно пред вас, може да се уморите од тоа, може да поминете премногу време забележувајќи дека станува погрдо, неспособни, наместо тоа, да го пренасочите вниманието на задржување на она што е убаво“, признава таа.

Во нејзиното враќање „дома“ кога физички не е родена таму, има многу романтизам, но со нејзиниот бескраен ентузијазам, со нејзините напори да ги раскаже нашите македонски приказни, таа ги заразува сите.

„Вообичаена тема што се појавува во сите разговори е како концептот за дом се менува повеќе од било што со текот на времето. Ќе изгубите некого и масата станува помалку преполна, собата малку потивка и дел од домот се претвора во урнатини. Можеби нема да ги спомнувате милион пати на ден, но се работи за наоѓање начин да ги направите горди, како и со културните традиции, тоа е начин да го направите тоа што ви изгледа природно. Никогаш нема да ја изгубам врската со традицијата, но најдов и свој глас во кој исто така се содржани сите телефонски повици до мајка ми и до тетките, барајќи од нив повторно да ги објаснат своите рецепти.

Освен тоа што ова го правам за живот, готвењето дома е нешто што најмногу сакам да го работам, исто како и кај луѓето што ги запознав и чии приказни се сместени во оваа книга, така и мојата приказна започна – дома. Колку сум среќна што можам да го кажам тоа за две многу различни места“, вели Спасиа.

А во книгата, голем дел од сите оние драги луѓе за кои сме пишувале во „Арт кујна“. Фросина и Тони од „Фросина“, семејството од „Кози, млеко, планина“ и драгиот Давид Неделковски, селското домаќинство Пирустија и нашата вредна Наташа Неданоска, фармата на Валентина Петерсен, нашата драга тетка Вера и нејзиниот внук Јане Бунтески.

Горди сме што благодарение на меѓусебната комуникација, тие се сега дел од оваа убава, колоритна и топла книга за храната, за готвењето, за луѓето, за љубовта.

Патем, на некои од фотографиите во книгата е и кујната во која настануваат дел од рецептите за нашата рубрика „Готвам и сликам“ во која владее вообичаен хаос, видлив дури и на истите тие фотографии. Сепак, се гордеме затоа што на крајот е најважно тоа што масата ни е секогаш полна со љубов.

П.С. Патем, на фотографката Кејтлин можеме да ѝ забележиме само поради една единствена лоша фотографија, онаа на авторката на овие редови која се наоѓа на првото место на листата од луѓе кои Спасиа ги наредила во знак на благодарност за нивниот придонес за книгата. Најмалку важно за целиот производ (книгата „ДОМА“) кој е навистина одличен, ама ете, пуста суета…