Домашна паста, домашен вкус

103

Не се вели залудно дека ништо не е толку слатко колку тоа што ќе си го направиш со своја рака или колку тоа што ќе ти го направи со своја рака некој твој најсакан…

Не познавам некој што не сака тестенини во најразлични комбинации, а ми изгледа дека не ги јадат само оние кои се на диета па глумат дека, демек, не се по тестенините.

Секако, не е лесно да им се одолее ниту на купечките, а не пак на оние што ќе си ги направите дома сами со своја рака или пак ќе ви ги направи некој ваш најсакан со негова рака.

Нашиот рецепт е од Лихнида Дамовска која е толку голема гурманка што не ѝ е тешко да засука ракави и да си направи свежа паста само затоа што за ручек или вечера посакала да јаде тестенини направени од нејзина рака и ист таков домашен сос.

Вели дека за количина која е доволна за четворица се доволни 300 грама брашно. Бидејќи на 100 грама оди 1 јајце, можете да си ја прилагодувате количината според своите потреби.

Состојки за тестенините:

300 г брашно

3 јајца

сол по вкус (на 1 јајце оди прстофат сол)

Приготвување:

Замесете цврсто тесто и ставете го во платнена торба или само покријте го и оставете го да одмара 2 часа.

Потоа расукајте многу тенка кора и ставете одозгора повеќе брашно. Завиткајте ја во ролна и исечете тенки парчиња. Одвиткајте ги и варете ги во зовриена и посолена вода 10 минути.

За сосот ви требаат:

мали доматчиња

парче сирење

10 чешнињалук

маслиново масло

рузмарин и оригано.

Приготвување:

Сѐ заедно испечете во рерна и потоа згмечете со вилушка. Се разбира, откако ќе се испечат чешнињатра лук, треба да се излупат.

Прелијте го сосот врз сварените тестенини и уживајте во домашните вкуснотии.

Можете да си додадете и малку рендан пармезан и ако имате нешто кисело, како на пример, кисел ѓумбир (како на фотографијата).