Една за сите, сите за една! „Повикај пријателка“, тим од жени низ чии раце поминуваат по цел тон ајварки секоја година

760

Живка Ѓурчиновска, Славица Јаневска, Стефка Јаневска и Душка Петреска, но и други членки на здружението „Моја фарма“, се дел од тимот кој тие си го нарекле „Повикај пријателка“. Овој тим составен од пријателки од истото село, не функционира само за правење ајвар и други зимници, туку и кога која било од нив има потреба од помош за некои земјоделски работи. Секако, знаат да се соберат и само онака, на кафе-муабет.

Деновиве, топ тема во државата, освен кривичниот законик, поскапувањата, старите и новите криминали, итн, е и ајварот.
Па да, сите си сакаме ајвар. Некои, освен што сакаат да го јадат, сакаат и да си го направат. Некои прават за себе и за најблиските, некои прават и за себе и за најблиските, ама и за продавање, некои си купуваат, а некои ниту прават, ниту купуваат, ниту јадат, но затоа постојано коментираат. Скап бил, претерале, не бил скап, ама не чинел, чинел ама бил прескап, и слично.
А кога станува збор за ајвар, нема место за вакви муабети.
Едноставно е: ајвар не ни треба за да преживееме, ниту пак е добар за здравјето, ајварот е чист хедонизам.
Затоа, или правете си и јадете си или купувајте и јадете си, или не правете, не купувајте и не јадете. Освен ако не ви дадат да пробате кога сте некаде на гости, колку за иштаф или кога некој од вредните колеги (како нашиот Жарко Јорданоски), ќе донесат на работа една тегла за сите.

А кога станува збор за оние кои прават и за себе и за најблиските и за продавање, не можевме да не се сетиме на вредната Живка Ѓурчиновска. Тоа е онаа русокоса модерна фармерка со широка насмевка на лицето и земјоделски раце, од гостиварското село Тумчевиште. Една од првите жени земјоделки во Македонија која има имот на свое име.
Живка е регистрирана индивидуална земјоделка, вистински лидер на руралните жени во своето село, но и пошироко, односно и кога станува збор за руралните жени во државата. Таа е една од ретките која успеала да го убеди свекорот да ѝ го препише имотот неа, а не на синот, односно, на сопругот на Живка, од едноставна причина што е тој вработен, а за неа е ова единствен начин и таа да добие шанса и еден ден да го оствари своето право на земјоделска пензија.
А Живка е неуморна. Таа не застанува, па освен секојдневните земјоделски работи, ја заврши и Академијата за жени-претприемнички од рурални средини, а ако само ви го прераскаже своето секојдневје, верувајте, ќе се изморите само слушајќи.
Бидејќи е есента време кога на село ги собираат плодовите од работата, ја складираат храната и прават зимници и во дворот на Живка во овој период од годината врие како во кошница. Се прави зимница за нејзиното семејство, но и за семејствата на нејзините браќа и сестри, а се помага и кај пријателките. Впрочем, и тие ѝ помагаат нејзе.


Имено, Живка, Славица Јаневска, Стефка Јаневска и Душка Петреска, но и други членки на здружението „Моја фарма“, се дел од тимот кој тие си го нарекле „Повикај пријателка“. Овој тим составен од пријателки од истото село, не функционира само како тим за правење ајвар и други зимници, туку и кога која било од нив има потреба од помош за некои земјоделски работи. Секако, знаат да се соберат и само онака, на кафе-муабет.
Но, многу почесто и кафето и муабетот се проследени со некоја работа. Така и периодов кога оваа вредна женска екипа ја спрема зимницата, а особено, ајварот, кралот на сите зимници.

„Правиме по 4-5 тури ајвар, а во една тура преработуваме 100 килограми пиперки, 20 килограми модар патлиџан и 7 литри зејтин. Нашиот тим кој си го нарекуваме „Повикај пријателка“ се состои од 3-4 жени, како е која слободна.
Правиме ајвар за нашите најблиски, за децата, за сестри, браќа, по 20 тегли за секој и секако, си помагаме меѓусебе, една кај сите и сите кај една.
Ако една го пече пиперот, ние другите одиме за лупење, тоа е сепак најтешкиот дел од работата. Додека една го пржи ајварот, друга ги спрема теглите и на крајот, се знае, следи дегустација за да се проба вкусот“, раскажува Живка.


Инаку, овие вредни жени имаат и редовни муштерии за кои секоја година, по нарачка, спремаат ајвар и не се жалат, бидејќи, како што велат, колку и да е тешка работата, со лаф-муабет работата оди полесно.
„Најчесто муабетиме за се во врска со зимниците, поскапувањата, коментарите во врска со тоа на Интернет“, вели Живка и признава дека најмногу се смеат на коментарите на Фејсбук и видеата на Тик-Ток на кои има интересни содржини за се и сешто.


Но, она што ги изморува повеќе од самата работа се коментарите околу цените на ајварот.
Имено, после еден тон испечени, излупени, испржени и спакувани пиперки, Живка и нејзините пријателки се соочуваат со едно чудо непријатни коментари од луѓето на социјалните мрежи. Приказната за цените е позната и постојано иста. За оние кои купуваат секогаш е премногу висока, а за оние кои продаваат, или е таман или е пониска од што треба.
Едноставно, вели Живка, на луѓето не може да им се угоди. „Затоа не сакаме да пишувате за цена, нашите постојани муштерии секако ја знаат, а новите можат да ни се обратат и ние ќе им ја кажеме. Голем број од преработките на жените можат да се најдат на нашата онлајн платформа за продажба „Наша тезга“. Само ни е преку глава од негативни коментари кои понекогаш ни паѓаат потешко дури и од работата“, завршува нашата неуморна соговорничка чие работно време, за жал, никогаш не завршува, а придобивката од тоа е што нивното селско домаќинство е речиси самоодржливо, произведуваат за себе и за најблиските сѐ, освен струја и вода.
За разлика од нас кое сме исплашени од постојаните покачувања на цените во маркетите и на пазарите, тие си имаат сѐ, од брашното што го добиваат од својата пченица, зеленчук, ореви, лешници, овошје до млеко и млечни производи кои ги прават само за сопствени потреби од кравите што ги чуваат на својата фарма. И да, си прават ајвар за себе, за најблиските и за продавање. Сепак, струјата и водата се плаќаат со пари, а не со пиперки, нели?