Ако некоја храна содржи многу состојки кои не можете да ги прочитате, не знаете кои се и не можете да ги најдете во вашата кујна, најдобро е да ги избегнувате или да ги замените со нешто друго.
Една заедничка состојка која се наоѓа во многу секојдневни намирници пoттикна нови расправи во светот на исхраната – станува збор за емулгаторите.
Овие супстанции кои служат за подобрување на текстурата, изгледот и рокот на траење на производот, сега се под лупа поради нивната потенцијална поврзаност со сериозни здравствени проблеми на цревата.
Емулгаторите и здравјето на цревата
Д-р Федерика Амати, истражувач од Кралскиот колеџ во Лондон, укажала на потенцијалните опасности од емулгаторите – иако тие можат да го подобрат изгледот, текстурата и долготрајноста на производите, сите овие придобивки што ги нудат може да имаат значителна цена за нашето здравје – емулгаторите може да го нарушат заштитниот слој од слуз во цревата, овозможувајќи инфилтрација на штетни бактерии – пренесува Дејли Меил.
Оваа бактериска инвазија може да го наруши балансот на цревниот микробиом, што доведува до воспаление – состојба поврзана со различни дигестивни нарушувања како што се синдром на нервозно дебело црево (IBS), Кронова болест и улцеративен колитис.
Емулгаторите и ракот на дебелото црево
Новото истражување укажува на загрижувачка врска помеѓу емулгаторите и зголемените случаи на рак на дебелото црево, особено кај помладите луѓе.
Овие откритија се особено загрижувачки со оглед на широкото присуство на емулгатори во ултра-обработената храна (UPF), кои сочинуваат значителен дел од просечната исхрана во многу домаќинства.
Ултра-обработената храна се разликува од едноставната преработена храна која содржи само неколку дополнителни состојки покрај главната компонента.
UPF се силно манипулирани и содржат бројни адитиви, вклучително и емулгатори.
Д-р Амати нагласува дека препознавањето на овие ултрапреработени производи може да биде едноставно, како воочување на непознати состојки на етикетата – состојки што вообичаено не би ги нашле во вашата кујна.
Потреба за претпазливост
Д-р Амати истакнува дека најголем дел од истражувањата за ефектот на емулгаторите биле спроведени врз животни, што го отежнува директното применување на овие наоди на луѓето. Сепак, досега собраните докази предизвикуваат загриженост.
Студијата на американските научници објавена во стручното списание Cancer Research покажала поврзаност помеѓу внесот на два често користени емулгатори – полисорбат 80 и карбоксиметилцелулоза – со зголемување на ризикот од развој на рак на дебелото црево.
Истражувањето било спроведено на глувци, а авторите на студијата објасниле дека внесот на полисорбат 80 и карбоксиметилцелулоза е поврзан со промени во составот на цревната флора, што доведува до развој на воспалителни процеси и зголемен ризик од рак на дебелото црево.
Се повикуваат потрошувачите да бидат внимателни.
Се препорачува да се проверува листата на состојки и да се изберат производи кои не содржат непотребни адитиви.
Ако некоја храна содржи многу состојки кои не можете да ги прочитате, не знаете кои се и не можете да ги најдете во вашата кујна, најдобро е да ги избегнувате или да ги замените со нешто друго.