Овие рецепти ги најдовме во рамките на еден пообемен текст напишан од прехранбен технолог која голем дел од работниот век поминала во фабрика за сладолед
Во текст на Радмила Гајиќ Ѓорѓевиќ, прехранбен технолог од Србија, која долго работела во фабрика за сладолед во поранешна Југославија, таа зборува за некогашниот сладолед и она што денес се нарекува така, но нема врска со вистинскиот сладолед. Имено, како што вели таа, „некогаш се земаше здраво за готово дека сладоледот се прави од млеко, јајца и путер, но денес, на мое жалење, се случија големи промени во тој дел, како и во останатите и во сите други делови од индустријата. Денес, сладолед може да се направи од сè и сешто“.
Меѓудругото, таа на крајот дава и два одлични рецепти за оние кои сакаат да се потсетат на вкусот на вистинскиот сладолед.
Сладолед од млеко
Состојки:
4 жолчки
2 лажици шеќер во прав
1 лажиче пченкарен скроб
570 мл свежо млеко
50 г путер
Неколку капки екстракт од ванила
Приготвување:
Жолчките се матат со шеќерот, па се додава скробот. За тоа време загрејте го млекото во кое сте го додале и путерот додека не зоврие и тргнете го од шпоретот. Додадете го млекото во жолчките со постојано мешање. Целата смеса вратете ја во тенџере и варете ја на тивок оган со постојано мешање со дрвена лажица додека не стане кремаста. На тој крем можете да додадете стопено чоколадо, мешани јагоди, малини, што сакате.
Ставете ја смесата во замрзнувач и кога ќе биде полузамрзната, извадете ја од замрзнувачот, добро измешајте ја, па повторно вратете ја во замрзнувач. Можете да го повторите ова уште неколку пати ако не ви е тешко. Така добивате убава, мазна маса за сладолед, без замрзнати иглички.
Крем сладолед
Состојки:
4 жолчки
4 лажици шеќер во прав
1/2 л слатка павлака (две пакувања од по 250 мл)
50-100 гр чоколадо
Неколку капки екстракт од ванила
Приготвување:
Матете ги подолго жолчките со шеќерот, па додадете ја неизматената павлака и варете ја смесата на пареа со постојано мешање додека не се згусне како крем. По желба во оваа смеса можете да додадете и растопено чоколадо. Тргнете ја од оган и мешајте ја смесата додека не се излади. Оваа смеса ставете ја во замрзнувач и оставете добро да се стегне. Ќе добиете убав замрзнат крем, без оние ледени иглички. Не мора да ја вадите и да го повторувате мешањето со миксер.