Филип Достовски: Македонија стана саксија за марихуана! „Со легализација на канабисот, ќе исчезне црниот пазар, а пациентите ќе го добијат вистинскиот лек“

1.815

Сите заборавија на пациентите, кои дури и ако успеат да измолат двоен рецепт за лекување на најтешките дијагнози, наместо вистинскиот лек, добиваат разредено масло од канабис со 200 пати помала јачина од потребната, вели Филип Достовски, активист за легализација на канабисот и основач на Здружението „Зелена алтернатива“. Тој самиот маслото го зема превентивно, поради неговата дијагноза на Хочкинс лимфома, на татко му му го дава за деменцијата, на мајка му за глаукомот, а на кучето за туморот

„Оваа порака ја добив сабајлево, ова веќе не е никаква новост, не е чудо. На вакви пораки веќе не се радувам, баш напротив, се нервирам зашто овие резултати сите ги гледаат: лекари, фармацевти, политичари, судии, адвокати, полицајци… И тоа е страшното. Сите споменати сѐ уште работат против својот народ, против своите пациенти. Лекарите ќе ви викаат дека маслото нема врска, фармацевтите ќе ви утрапат разредено масло (практично вода) по астрономски цени, политичариве ќе ве замајуваат со т.н. легализација само кога им одговара за да соберат гласови, адвокатите и судиите ќе ви барат мито за полесно да поминете ако веќе сте фатени со канабис, полицајциве наместо да бркаат вистински криминалци, многу им е полесно да бркаат уплашени деца со џоинт и пациенти кои си прават масло“, вели Филип Достовски, активист за легализација на канабисот и основач на Здружението „Зелена алтернатива“, а пораката на која се однесува напишаното, е следнава:

„Нa татко ми му беше дијагностициран канцер на дебело црево метастазиран на џигер. Веднаш по дијагнозата почнавме со користење на чепчиња од канабис, хемотерапија таргетирана на џигер и 20% ТХЦ масло од Реплек, кое од мое искуство, е преслабо и целосно непотребно.

После 6 хемотерапии и два ипол месеци користење чепчиња, примарниот канцер е сосема повлечен, исушен, со што е откажана операцијата, а метастазите кои беа таргетирани со хемотерапија се проширени на пршлените. Со оваа порака сакам да ја разбудам свеста кај луѓето во однос на хемотерапијата и користењето на канабисот во вакви ситуации“.

Маслото го зема превентивно, поради неговата дијагноза (Хочкинс лимфома), на татко му му дава за деменцијата, на мајка му за глаукомот, на кучето за туморот

Уште кога го правевме првото интервју со Филип, пред околу 10 години (за еден друг медиум), искрено ми кажа дека кога нему му бил дијагностициран Хочкинс лимфома (вид на малигна болест), тој имал само 15 години и го лекувале со хемотерапија и зрачење.

„Болеста ми ја открија случајно, благодарение на докторката кај која отидов само за да ми даде оправдание затоа што избегав од часови, но таа инсистираше да ме прегледа и ми ги забележа натечените жлезди па ме испрати на дополнителни испитувања. Тогаш не знаев ништо за лекување со масло од канабис и ме лекуваа со хемотерапија. После неколку години жлездите повторно ми се активираа. Лекарот ме испрати на биосија, но јас се испаничив дека болеста се вратила и бидејќи во меѓувреме случајно на Интернет го имав видено рецептот за масло од канабис на Рик Симпсон, решив да го направам и почнав да го користам. После два ипол месеци жлездите се повлекоа, но не можам да тврдам ништо затоа што не отидов на биопсија и не беше утврдено дека сум имал рецидив на болеста“, вели Филип.

Тој продолжува превентивно да користи масло од канабис, а истото им го дава и на неговиот татко кој боледува од деменција, на мајка му на која со маслото успеал да ѝ го стопира глаукомот, па дури и на кучето кое имало малигнен тумор кај предната лева нога, но сега засега е добро.

„Со помош на маслото успеваме да се справиме со деменцијата на татко ми, а тоа значи дека нема влошување, односно, ситуацијата е статус кво, не е агресивен, сам оди во тоалет, сам јаде, се справуваме многу полесно отколку претходно додека примаше лекови, а и сите други параметри на крвните анализи му се одлични иако има 83 години. На мајка ми пак успеавме со помош на маслото да ѝ го стопираме глаукомот“, објаснува Филип.

За средбата со Рик Симпсон и семинарите за медицинските ефекти од канабисот

Инаку, приказната за маслото од канабис почнала откако пред околу десетина години, негова колешка чија мајка била болна од леукемија, пребарувајќи на Интернет, дошла и самата до рецептот за маслото и побарала помош од Филип.

„Кај мајка ѝ маслото имаше добри резултати, а на Хематологија мислеле дека им е расипан апаратот. Така таа почна да го препорачува маслото и на други, а другите почнаа да ме бараат мене. Тогаш немав баш искуство со дозирањето, па некои од луѓето имаа ме обвинуваа кога имаа некои споредни ефекти. Затоа почнав да им велам за дозирање да се обратат кај Рик Симпсон и јас само им правев масло. Потоа, Рик Симпсон на кои многумина му се обраќаа и му кажуваа дека јас им го правам маслото, ме покани на семинарот што го организираа во Љубљана и така почна приказната. Освен Рик Симпсон, таму беа и други угледни професори, а видов и слушнав и многу сведоштва од луѓе кои се лекувале со помош на канабис. Тогаш го направив здружението „Зелена алтернатива“ за да можам да ги поканам во Македонија и заедно со активистите од Србија кои беа на истиот семинар, за да ги намалиме трошоците, се договоривме да гo направиме тоа заеднички, прво кај нас, во септември 2014, а потоа и во Белград. Дојдоа професори од Израел, од Канада и еден од Колорадо, САД и тоа беше првиот од седумте семинари кои ги организиравме“, раскажува Филип.

Во тој период тој и професорите од странство добиле покана од актуелната влада и на тој состанок им кажале дека Македонија ќе го легализира канабисот што веднаш било објавено и на прес-конференција.

„Тоа беше толку ненадејно што за малку ќе паднев од столчето кога го слушнав ова. Веднаш не внесоа во друга просторија во која тие веќе имале закажано прес-конференција без да ни соопштат, па професорите дури и ми се налутија затоа што сум ги довел во  таква ситуација. Следуваше уште еден семинар кој го организиравме заедно со Министерството за здравство.

Иако се консултираа со мене и ми рекоа да ги напишам своите барања за законот, сепак на крајот си земаа само тоа што им одговара, а другото го фрлија во канта за ѓубре“, раскажува Филип за своите патешествија.

Препаратите од канабис во нашите аптеки се премногу слаби за да бидат лек!

Сега Филип вели дека иако е канабисот веќе докажан лек за многу болести, оние препарати од канабис кои се продаваат во нашите аптеки, не лекуваат.

„Проблемот е што се направени со многу мала концентрација. Конкретно, најјакиот производ што го препорачуваат за болни луѓе од канцер во терминална фаза е доволно јак само за некои други полесни дијагнози. Повеќето од препратите што се продаваат се рекламираат дека лекуваат одредена состојба, се и до 200 пати помали од тоа што навистина му треба на пациентот. Ако тој треба да користи по 1000 мг ТХЦ на ден, нему му даваат по 10-15 мг на ден“, објаснува нашиот соговорник.

Според него, проблемот е во тоа што лековитоста не доаѓа од една молекула во канабисот туку од синергискиот ефект на сите заедно.

„Фармацевтите гледаат која има најголем ефект и само таа ја изолираат и ја вадат. И секако и таа има ефект, но тој е далеку послаб од целиот екстракт, па затоа и маслата во аптеките не се толку ефикасни. И сега, од една страна, не дозволуваат луѓево сами да си направат, а од друга страна, фармацевтите не го прават како што треба. Само последните 2-3 години има над 30 илјади научни студии, па воопшто не држи аргументот дека дејството на канабисот не е научно истражено. Напротив, лекувањето со канабис е опишано дури и во српската фармакопеја од 1926 година и една подоцнежна од Кралството на СХС, југословенска фармакопеја од 1933 година, во која е објаснето сѐ. Овие документи не се стари ни сто години и сигурно стојат некаде кај нас на факултет“, вели Филип приложувајќи ни ги споменатите документи кои можете да ги разгледате и самите.


Додека не се легализира канабисот, во Македонија ќе цвета црниот пазар

Во меѓувреме стаса веста дека граѓаните во Германија од 1 април ќе можат под одредени услови да одгледуваат, купуваат, продаваат и да консумираат марихуана со усвојувањето на новиот закон за декриминализација на поседувањето канабис. Според новите прописи, на возрасните им е дозволено да поседуваат до 25 грама канабис за лична употреба во јавност. Во сопствениот дом, дозволено е да одгледуваат до 3 растенија и да поседуваат до 50 грама марихуана за лична употреба.

„Ние имаме 80 лиценци, а Германија легализира. Зошто не дозволуваат кај нас физички лица да одгледуваат кога за тоа нема потреба од незнам какви стандарди. Марихуаната може да се одгледува исто како и патлиџаните. Требаше да им се дозволи на младите да отворат мали капацитети и канабисот да се откупува од страна на државата, како тутунот, а не да добиваат лиценци само привилегираните, а ние да се бориме со финансиско лоби кое сѐ си врти на своја воденица“, се прашува Филип.

Според него, кај нас сега луѓето користат канабис најмногу во историјата, а црниот пазар цвета.

„Нашиот законот е направен во корист на компаниите на финансиското лоби, пациентите ги заборавија, а Македонија ја користат како саксија: тука садат канабис, а продаваат во странство. По наш закон тие фирми што произведуваат дрога, ја продаваат за луѓе да ја пушат во ЕУ. Легализацијата е неизбежна, а ова се последните зулуми што ги прават нашиве криминалци“, вели Филип.

Ако се легализира целосно, продолжува Филип, канабисот ќе стане досадно растение, како на пример доматите. Никој нема да се оптоварува, нема да препродава зашто секој ќе може да си сади и цената ќе му падне. Сега цената на канабисот не е висока затоа што е тешко да се произведе, туку затоа што ако го купуваш од дилери, го плаќаш ризикот што тој го презема кога ти го продава. Фармацевтските компании, пак, ги наплаќаат документите и бирократијата. Затоа е скап канабисот. Ако има целосна легализација, никој нема да се плаши дека ќе го уапсат, ќе може да сади, цената ќе му падне толку многу што нема да биде интересен за дилерите. Ќе биде интересен за фармацевтските компании зашто има сериозни медицински својства. Без целосна легализација, тоа не би можело да се случи.

Кога ќе има повеќе различни производи, кои ќе бидат квалитетни, кои ќе ги има и во мали и во големи концентрации, кога ќе се задоволат различните потреби на луѓето во врска со канабисот, секој да го најде тоа што му треба во аптека или во некоја друга продавница и цената ќе биде нормална.

„Ако се дозволи широка употреба, ќе го сузбиеме црниот пазар, а ќе им овозможиме на луѓето легално користење.

„Додека стоиме во место со регулација на канабис, многу млади користат канабис и многу пациенти користат канабис и масло од канабис кое се наоѓа на црниот пазар. Тоа не е регулирано и никој не знае што купува од дилерот. Самиот дилер не произведува канабис туку купува канабис за да направи масло и ни самиот тој не знае каков канабис купил. Со тоа што повеќе одлага Владата да го реши овој проблем ги носи во ризик пациентите затоа што не знаат што користат. Тоа е прва работа, втора работа, заради тоа што дилерите гледаат само пари да направат, не гледаат на кого продаваат, за него секој муштерија е муштерија, дури и малолетниците“, посочува Филип и апелира дека со легализацијата и декриминализацијата на марихуаната, покрај тоа што ќе се намали можноста за нејзина злоупотреба, ќе се донесат и многу бенефити како за корисниците, така и за државата.

Од 2016 година одгледувањето канабис во Македонија, според законот, е дозволено само за правни лица, кои тоа ќе го прават во медицински и научни цели. Тие прво треба да добијат лиценца од Министерството за здравство, по претходна согласност од Владата.

Моментално во Македонија употребата на маслото од канабис е дозволена за лекување на ХИВ, рак, епилепсија и мултиплекс склероза.