Фокача со грозје: Направете schiacciata, традиционален италијански десерт

Фото: Фејсбук
1.129

Пекарите во некои италијански градови го нудат овој десерт исклучиво за време на бербата на грозјето, на крајот на септември. Значи, токму сега е време да го испробаме рецептот

Schiacciata е традиционален италијански десерт и е еден вид фокача која наместо домати или маслинки содржи црно грозје и е засладена со шеќер.

За подготовка се користи црно грозје.

Состојки:

За да го активирате квасецот

100 гр бело брашно
5 гр свеж квасец
50 мл млеко
1 лажичка шеќер
50 мл вода

За тестото

400 гр бело брашно
110 гр шеќер
5 лажички маслиново масло
140 мл вода
50 мл млеко
прстофат сол
500 гр грозје
4 лажички шеќер
3 лажички маслиново масло

Подготовка:

Растворете го квасецот во млака вода (50 мл).
Во сад се ставаат брашното (100 гр.), млекото (50 мл), водата со измешаниот квасец и една лажичка шеќер.
Сето добро измешајте, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да нарасне во исклучената рерна околу еден час или додека не се удвои во волумен.
Откако ќе нарасне, во миксер или со рака замесете тесто со 400 гр брашно, 140 мл вода, 110 гр шеќер и 50 мл млеко.

Потоа додадете масло и сол и месете додека не се добие меко и мазно тесто.
Тестото обликувајте го во топка на набрашнета површина и ставете го во сад премачкан со маслиново масло.

Покријте со фолија и оставете да стасува четири часа додека тестото не се зголеми тројно.
Грозјето добро измијте го и исушете го со хартија.

Откако ќе нарасне тестото, поделете го на два еднакви дела.

Првиот дел од тестото развлечете го со сукало или со раце и префрлете го во плех подмачкан со масло.

Половина од грозјето распоредете го преку тестото (можеби и помалку).
Потоа развлечете ја втората половина од тестото и ставете го преку првиот слој, нежно растегнувајќи го така што рабовите се спојуваат. Ставете го преостанатото грозје одозгора.
Слатката фокача со грозје ставете ја во исклучена рерна, со тенџере со врела вода што ќе обезбеди соодветна влажност.

Оставете да нарасне еден час. Ако сакате, можете да го оставите да расне и подолго, еден и пол до два часа.
Откако ќе нарасне, извадете го тенџерето со вода и вклучете ја рерната на 180 степени. Површината на фокачата премачкајте ја со три лажици екстра девствено маслиново масло и поросете со шеќер.
Се пече во загреана рерна на 180 °C 25-30 минути, додека површината не порумени.