„Да не се караме веќе со инсектите и плевелот во лозјето, туку да ги оставиме да живеат во симбиоза, бидејќи секој си има свое место во природата“, вели младиот Сашко Андов од винаријата „Ерос“. Сашко, инаку пионер во воведувањето на техниката на ноќна берба на грозје кај нас, е оној поради кој наместо макотрпна работа, бербата на грозје се преобрази во своевиден фестивал и одлична можност за дружба под ѕвездите
Веќе 7-8 години по ред, на лозјето на винаријата Ерос сместена во кавадаречкото село Марена (патем, така се викала мајката на мајка ми) се случува ноќна берба на грозјето која сега веќе е традиционална и прерасна во еден вид на фестивал на кој се пријавуваат луѓе дури и од Скопје кои ова не го сфаќаат како макотрпна работа, туку како своевидна забава.
Младиот винар Сашко Андов признава дека на почеток, кога прочитал на Интернет за ноќните берби на грозје кои се одамна познати во други држави кои се занимаваат со производство на вино, ова му се видело како интересна промена, од макотрпна берба на високи температури во забавно искуство и дружба со пријателите.
„Пред да истражам што е поентата на овие ноќни берби, самото тоа што се бере ноќе, ми се виде интересно и пред сѐ, како еден вид на забава. Од една страна, да не ни е жешко додека береме, а од друга, како можност да се дружиме. Така, откако ја обелоденив идејата, другарите се наканија да дојдат да ми помогнат и тоа, тие што не очекував, први дојдоа, а и татко ми исто така крена рака за ова. Првите години беревме од полноќ до 11-12 другиот ден, а сега веќе сме поголема екипа берачи, па береме пократок интервал и имаме повеќе време и за забава“, раскажува Сашко.
Засега нема музика бидејќи е логистички тешко да се донесе опрема за озвучување со оглед на тоа што е лозјето далеку од регионален пат, но затоа има скара, многу интересни муабети и голема инспирација под ѕвезденото небо со мирис на зрело грозје. Сашко вели дека откако навлегол подлабоко во сето тоа, дознал за другите придобивки кои се однесуваат не само на удобноста на берачите, односно, да не им е жешко додека берат, туку и на самото грозје и виното што ќе се произведе од него.
„Техниката на „ноќна берба“ значи дека грозјето се бере исклучиво ноќе, додека лозата „спие” и нема размена на материи помеѓу земјата и грозјето, па сите ароматични компоненти се задржуваат во зрната. Со тоа што се избегнуваат високите температури кои за време на бербата негативно влијаат на квалитетот на грозјето, ноќната берба придонесува вината да ги зачуваат ароматските карактеристики на сортата и да постигнат повисок квалитет на виното“, ни објаснува Сашко кој е пионер во воведувањето на оваа техника во нашата држава, иако сега истата почнуваат да ја практикуваат и некои други винарии.
Тој израснал во лозјата и семејната винарија која ја регистрирал неговиот татко, господин Душко Андов пред цели 20 години и токму поради потребата од човек што ќе се посвети целосно на работата во винаријата и ќе ја продолжи семејната традиција, се запишал на студии по лозарство и енологија и својата наобразба и животна определба ги посветил на виното.
Арно ама, не само што успева да го задржи она што го изградил неговиот татко, туку полека ја презел работата и ја развива на повисоко ниво, внесувајќи многу новитети, а секако, не го запоставува ниту искуството и скапоцените совети на винарот-сениор.
Освен неговата првична мисија, враќањето на винската сорта Странушина во редот на квалитетни автохтони македонски сорти, како и афирмација на производите од Странушина, како што се, вино, маџун, ракија и гроздов сок, Сашко има и друга цел, а тоа е, комплетно зачувување на природата и како што вели, „да не се караме веќе со инсектите и плевелот во лозјето, туку да ги оставиме да живеат во симбиоза, бидејќи секој си има свое место во природата“.
Токму тоа е оној биодинамички аспект поради кој е интересна и самата техника на ноќна берба.
„Биодинамиката се заснова на ставот дека сè во природата е меѓусебно поврзано: луѓе, растенија, животни, животна средина и небесни тела. Земјоделците и производителите на вино мора да работат во хармонија со природните сили како што се планетарните, сончевите и месечевите циклуси“, објаснува Сашко.
Бидејќи, во основа, биодинамиката не се разликува многу од органското производство, тој најпрвин почнал со органско производство и насадите на винаријата „Ерос“ веќе имаат сертификат за органски. И органското производство и биодинамиката вклучуваат употреба на природни ѓубрива и во голема мера избегнуваат синтетички соединенија, со тоа што збирот на биодинамички правила е нешто поширок и поинтересен од органските.
„Биодинамиката е специфична поради употребата на природни препарати кои се користат како компост, односно, ферментирање на неколку видови на билки кои се користат за третирање/прскање на насадите. Од оваа година применувам таков вид на заштита, а секоја од тие билки си има свој период кога се користи. При самата ферментација тие создаваат бактерии кои влијаат позитивно врз габичните инфекции кај виновата лоза, но се и хранливи материи, кои го потпомагаат процесот на фотосинтеза“, објаснува нашиот млад винар.
Освен ова, интересен концепт е и тоа што во намера да се задржи биодиверзитетот во лозјето, тие не го ораат и дозволуваат тревата како и сите други живи суштества да коегзистираат со лозјата.
„Почвата е полна и со семиња и корени и со други растенија и тоа е еден циклус кој едноставно не може и не треба да се уништи, туку тие треба да се помират и да живеат во симбиоза сите заедно, лозјето, инсектите и билките“, вели нашиот соговорник.
Сашко е еден од оние мали производители кои вистински ја живее својата винска приказна и жив доказ дека, за да се прават добри вина, пред сѐ, треба да се има љубов и почит кон природата.
Има многу успешни и наградувани вина, но тешко му е да одвои некое кое е за него посебно. Сепак, го одвојува неговото „Рубин Кармин“, насловено по името на песната од Архангел, токму како што ѝ ветил на својата сопруга уште додека му била девојка. Ах, тие романтични винари!
„Станува збор за комбинација од Вранец, Кратошија и Станушина во сооднос од 4:4:2. Излезе екстра добро вино од кое веднаш се продадоа 300 шишиња, па 200 шишиња ставив во резерва зашто ќе ми биде криво да не видам кој е крајниот потенцијал на виното. Но како што на една мајка сите деца ѝ се убави, така се за мене и нашите вина. Секоја година некое вино знае да ме изненади, годинава беа тоа Темјаниката и Станушината, но и Совињон од 2021, кое иако е постаро, дури сега, после две години во шише, комплетно созреа“, се разборе инаку не многу зборливиот Сашко, кој сепак, кога зборува за вината, зборува со вистинска и страстна љубов, речиси како да рецитира љубовни стихови.