Сина риба наместо црвено месо спасува 750.000 животи

Фото: Pexels
147

Ако црвеното месо во исхраната се замени со ситни риби, како што се инчуните, сардините или харингата, до 2050 година би можеле да се намалат глобално бројни болести и да се спасуваат до 750.000 човечки животи годишно, покажуваат резултатите од студијата спроведена од тим од јапонски и австралиски научници.

Само во Велика Британија, намалувањето на потрошувачката на црвено месо за осум отсто и негово заменување со ситна риба во исхраната во следните 26 години би можело да спречи 10 отсто од смртните случаи од срцеви заболувања, велат јапонските и австралиските научници кои ја направиле најголемата анализа од ваков вид врз основа на податоци достапни од повеќе од 130 земји во светот.

Истражувањето покажало и дека бенефитот од ваквата диета најмногу би се почувствувал во посиромашните земји во светот.

Ако црвеното месо во исхраната се замени со ситни риби, како што се инчуните, сардините или харингата, до 2050 година би можеле да се намалат глобално бројни болести и да се спасуваат до 750.000 човечки животи годишно, покажуваат резултатите од студијата.

Малата сина рипка е богата со хранливи материи со низок јаглероден отпечаток, иако луѓето консумираат само околу 26 отсто од уловот.

Остатокот од уловот, вклучително и значителна количина уловена во морињата на земјите кои се соочуваат со неухранетост и несигурност на храната, се претвора во рибино брашно и рибино масло, со кои се хранат поскапите одгледувани риби како лосос и пастрмка.

Научниците одлучиле да истражат дали замената на консумирањето црвено месо со ситна риба може да ја намали стапката на болести кај луѓето, што ќе резултира со поздрав начин на живот и помала смртност.

„За да придонесеме за општото подобрување на здравјето на луѓето, но и здравјето на планетата, треба да ја ограничиме потрошувачката на црвено месо и да се свртиме кон здрава и еколошки прифатлива храна“, објавија во списанието BMJ Global Health.

„Во споредба со црвеното месо, морската храна не само што обезбедува повисоки концентрации на есенцијални хранливи материи, туку и го спречува ширењето на незаразните болести поврзани со начинот на исхрана.

Малата сина риба е богата со омега-3 полинезаситени масни киселини со долг ланец, чиј внес може да спречи развој на коронарни заболувања, а богата е и со калциум и витамин Б12.

Истражувачите исто така истакнуваат дека малата сина риба има најмал јаглероден отпечаток во споредба со кој било друг извор на животинска храна.

Хроничните болести се одговорни за 70 проценти од сите смртни случаи во светот во 2019 година, а тоа се однесува на болести на циркулаторниот систем, рак на дебелото црево, дијабетес и мозочен удар.

Тимот од научници ја проектирал потрошувачката на црвено месо во наредните децении во 137 земји ширум светот, проценувајќи ја достапноста на малите сини риби како замена за црвеното месо до 2050 година, користејќи историски податоци за риболов.

Тие откриле дека гореспоменатата промена во навиките во исхраната може да спречи меѓу 500.000 и 750.000 смртни случаи на глобално ниво до 2050 година, особено кога станува збор за срцеви заболувања.

Признаваат дека не е доволна само ситна сина риба, кога станува збор за замена во исхраната за целото црвено месо, но истакнуваат дека може да биде „алтернатива што ветува“.

Британската национална здравствена служба (NHS) потсетува дека црвеното месо како говедско, јагнешко и свинско месо е составен дел од здравата исхрана.

Но, ако секојдневно се консумираат големи количини на такво месо со додавање на месни производи како што се шунка, сланина и солено говедско месо, резултатот може да биде зголемен ризик од развој на рак на дебелото црево и бројни други болести.

Истражувачите истакнуваат дека постои „потреба да се ограничи потрошувачката на црвено месо, кое исто така предизвикува и големи емисии на стакленички гасови“ и потребата да се „прејде на здрава и еколошка храна“. Крајната цел е „да се намали товарот“ на хроничните болести поврзани со исхраната во наредните децении.

Тие, исто така, сметаат дека треба да се смислат политики за дистрибуција на рибниот фонд во регионите каде што е најпотребно – Африка, делови од Азија, Латинска Америка и Карибите со цел да се ограничи „глобалниот товар на болести“.