Какао церемонија во Скопје! Ако сакате да дознаете повеќе за шаманските ритуали за исцелување, не мора да одите далеку

430

Какао церемонија?! Можеби веќе некаде сте го слушнале овој термин, па ви изгледа прилично примамливо. Дали пиењето какао може да биде церемонија? И тоа како! За ова, како и, воопшто, за шаманизмот и шаманските практики, зборувавме со Пабло Монтанез (Нагуал Учу) и со Словенката Катарина Темкова

Се верува дека вистинското какао доаѓа од Јужна Америка, некогаш се менувало за злато и се нарекувало „храна на боговите“. Полно е со минерали и витамини како магнезиум и витамин Ц, ги лачи хормоните серотонин, допамин и ендорфин, се смета за засилувач на креативноста, поттикнува акција, но и го загрева срцето.

За какао церемонијата дознав од Словенката Катарина Темкова која ќе ја води оваа какао церемонија во нашиот град, на 20. октомври, а ден подоцна, на 21.октомври, планирана е шаманска работилница со Нагуал Учу.

За што станува збор?

Какао церемонијата се смета за една од најстарите холистички процедури за исцелување бидејќи работи на балансирање на енергиите во телото, а сето тоа во служба на доброто здравје. Велат дека ова 100% чисто какао кое се третира како лек, со многу почит и многу посветеност, го „проветрува“ умот, го зајакнува чувството на поврзаност со себе и со другите, гради интимност, лечи…

Секој од нас носи во себе своја приказна, па не можете да ги предвидите реакциите откако ќе испиете една чаша од тој напиток.

Велат дека во текот на какао церемонијата некои „пукаат“ во плач, некои пак, во еуфорична смеа… Некои повторно ги отвораат своите случајни стари трауми за кои мислеле дека се надминати, а некои наоѓаат медитативен мир и со часови се во зен состојба.

Хм, знаевме дека кафето (во поблага мера), алкохолот и разни стимуланси можат посилно да делуваат врз нас, но какаото? Всушност, не звучи толку нелогично. Затоа што ако можеме да добиеме болни грчеви од одредена храна, кои почнуваат да нè прават нервозни или пак ако знаеме да добиеме болки во долниот дел на грбот од насобраниот стрес, или пак чувство на свежина после консумирање овошје, зошто пиењето органско какао не би имало некакво влијание врз нас? Особено ако на тоа пиење му се пристапува на поинаков начин.

И иако можеби сè уште ви звучи малку апстрактно дека церемонијата на пиење таков пијалак може толку многу да влијае на нас, што неколку часа подоцна можеме да ги почувствуваме „последиците“, какви и да се тие, ова дефинитивно е нешто што може да ве заинтригира.

Со оглед на тоа што кај нас нема многу информации за шаманизмот, па веројатно многу луѓе и не знаат што е тоа, поразговаравме со Пабло Монтанез или Нагуал Учу кој на 20 и 21 октомври, за првпат ќе престојува во Македонија и секако, со Катарина Темкова.

„Возбуден сум што ќе го започнам моето прво искуство и посета на Македонија. Иако можеби немам претходно знаење или лични врски со земјата, јас сум желен да ја истражам нејзината култура, историја и уникатните духовни перспективи што може да постојат во нејзините граници. Оваа посета претставува нова можност за културно збогатување и учење“, вели нашиот соговорник кој иако е роден во Уругвај, имал можност да живее во 14 различни земји.

Оваа разновидна изложеност му овозможила да се нурне во различни култури, јазици и традиции, што пак имало значително влијание врз него.

За првпат се запознал со шаманизмот преку неговата баба која била почитуван шаман и исцелител во неговиот роден град.

„Нејзината мудрост и знаење беа првите искри кои го разгореа мојот интерес за овој духовен пат. Меѓутоа, во 1982 година, кога имав трансформативна средба со Карлос Кастанеда во Аргентина, започна моето подлабоко истражување во шаманизмот. Оваа средба ме одведе во Гватемала, каде што поминав интензивна обука под водство на Гвадалупе – жена Нагуал – дополнително продлабочувајќи го моето разбирање и практика на шаманизмот“, вели Пабло кој ни објасни како тој самиот станал Нагуал и што всушност значи тоа.

Како се станува Нагуал?

„Да се стане нагуал вклучува длабока трансформација на нечија енергетска конфигурација и духовна суштина. Тоа е пат кој бара посветеност, знаење и внатрешен раст. Патувањето кон станување нагуал е лично, обележано со длабока поврзаност со духовното царство и уникатна енергетска резонанца што на овој пат ги издвојува поединците од другите.

Нагуал отелотворува повеќеслојна улога, служејќи како мост помеѓу физичкото и духовното царство. Тие одат со едната нога цврсто вкоренета во овој свет, а со другата во духовната димензија. Иако може да се гледаат како волшебници поради нивната способност да канализираат и работат со духовните сили, нивната примарна цел е да одржуваат состојба на зголемена свесност, дејствувајќи како посредници и водичи за оние кои бараат духовен раст и исцелување.

Нагуалите се посветени на користење на нивните моќи исклучиво за поголемо добро. Нивниот пат е пат на одговорност и услуга, а централната улога е да бидат заштитници и водичи. Овие моќи се искористени за да им помогнат на поединците да се справат со животните предизвици, да обезбедат заштита и да нудат насоки за време на клучните моменти и процесите на донесување одлуки“, објаснува Нагуал Учу.

Според него, шаманските техники се навистина ефикасни во однос на физичкото исцелување. Станува збор за методи кои се фокусираат на враќање на енергетската рамнотежа во телото. Преку ритуали, енергетска работа и канализирање на исцелувачките енергии, шаманските практичари се обидуваат да ги решат нерамнотежите и болестите во физичкото тело, поттикнувајќи холистички пристап кон благосостојбата.

Шамански техники со јајца, компири, јаболка и какао

Меѓудругото, вели нашиот соговорник, тука се и оние шамански техники кои вклучуваат, на пример, јајца, како моќна техника за ублажување на разни проблеми, вклучително и главоболки.

„Оваа практика вклучува користење на јајце за да ги апсорбира и отстрани негативните енергии кои можат да придонесат за физичка непријатност. Јајцето делува како сад за извлекување на овие енергии, донесувајќи олеснување и промовирајќи чувство на благосостојба.

Исто така, мускулната болка може да се ублажи преку шаманската практика на „пренесување“. Овој процес вклучува пренесување на блокирана или негативна енергија, која често е основната причина за болка во мускулите, во органски елемент како што е на пример, компирот или јаболкото. Со тоа, енергијата ефикасно се отстранува од поединецот, што резултира со ослободување од непријатноста.

„Какао церемонијата пак, е света практика која вклучува церемонијално пиење на какао, кое честопати се нарекува „храна на боговите“. Какаото има моќ да го отвори срцето и да го стимулира мозокот кога се внесува во ритуалистички контекст. Многу намирници, вклучувајќи го и какаото, се користат во шаманските практики поради нивните лековити својства, бидејќи се верува дека ја подобруваат духовната и физичката благосостојба преку нивните уникатни енергетски квалитети“, објаснува Нагуал Учу кој, како што вели, преку својата шаманска практика, се стреми да донесе исцелување, водство и трансформација на луѓето ширум светот.

„Мојата мисија е да ги поттикнам поединците да го отклучат својот целосен потенцијал и да најдат свои патишта кон поголемо духовно просветлување и благосостојба“, завршува тој.

За какаото и неговата улога во церемонијата

За нејзините шамански искуства и конкретно за какао церемонијата ни зборуваше и Словенката Катарина Темкова која, за разлика од нејзиниот учител и водач, често доаѓа во Скопје.

Таа најави дека во Македонија ќе го донесе какаото „Иксмаканте“, кое потекнува од шумата Гватемала и кое го одгледува и обработува семејството Круз според традицијата на Маите. Имено, ова какао е едно од најценетите растенија за народот на Маите, а сега и за многумина ширум светот.

„Какаото се прави по традиционален рецепт, со намера да се користи на церемонијата, но за разлика од индустриски обработеното какао, тоа минимално се обработува и се пече на пониски температури, со што се зачувуваат повеќе хранливи состојки.

Инаку, ова е мојата прва какао церемонија што ја водам со Нагуал Учу. Особено ми е чест и среќна сум што ова ќе се случи токму во Скопје, град кој го сметам за мој втор дом и каде што доаѓам многу често повеќе од дваесет години“, искрена е Катарина која потоа ни раскажа и за звоето запознавање со шаманизмот.

„Пред десет години, по тешкo животнo искуство, почнав да истражувам и да се запознавам себеси и светот преку различни духовни практики. Започнав со медитација, посетував работилници за духовно будење и раст. Три години ја посетував Духовната академија во Марибор, каде научив и практикував главно техники кои произлегуваат од будизмот. Сето ова некако не ме задоволи, па пред три години се приклучив на една шаманска работилница, иако речиси ништо не знаев за шаманизмот. Во моментот кога првпат дојдов во контакт со шаманската практика, почувствував дека тоа е вистинскиот пат за мене. Оттогаш, интензивно учествувам во работилници, церемонии и шамански патувања, секојдневно вежбање техники кои потекнуваат од шаманската традиција и учам шаманизам од Нагуал Учу“, ни објасни Катарина.

За какаото кое ќе се користи за време на какао церемонијата што ќе ја води нашата соговорничка, Катарина вели дека е храна која со своите состојки ни носи и емоционални и духовни, но и физички придобивки.

„Тоа е моќен хербален лек кој ни помага да ги ослободиме емоционалните блокади, да најдеме прошка кај нас и кај другите и ни го покажува патот напред. Исто така, ни дава пристап до заглавените емоции кои се закопани длабоко во нас. Благодарение на богатиот минерален профил, какаото природно го ублажува стресот, ги релаксира мускулите и напнатоста во телото. Содржи и моќни антиоксиданти кои го регулираат шеќерот во крвта, го зголемуваат протокот на крв во мозокот, што придонесува за поголема ментална агилност, свесност и фокус. Исто така, ослободува допамин, сератонин и ендорфин, кои придонесуваат за чувство на среќа, љубов, хармонија, задоволство и мотивација за живот“, завршува Катарина.

Ако пред илјадници години, Ацтеките, Маите и Олмеците користеле и обожавале какао како лековит еликсир и природен и церемонијален лек за душата, бидејќи претставувал изобилство, живот и плодност, зошто не би пробале и ние. Веројатно не залудно, какаото било високо ценето поради неговите моќни духовни и лековити својства.