Тајната вечера на Гастромак и пријателите

214

Синоќа (10.октомври), во ресторанот Love by Allikas, каде со традиционални гастрономски егзибиции беа пречекани гастрономските асови од регионот, но и од Русија и Германија, почна седмото издание на Гастромак. И секако, вечерата не беше тајна, напротив, беа присутни и новинари, а во центарот на вниманието беше најголемата ѕвезда – шеф Стево Карапанџа

„Гастромак и пријателите“ е насловот на седмото издание на Гастромак, што е замислено како едукативна тура која започна синоќа (10.октомври) во прекрасниот Love by Allikas, каде со традиционалните гастрономски егзибиции беа пречекани гастрономските асови.

„Продолжуваме работно и понатаму со пријателството и довербата, на кои им се удрени темелите уште пред неколку години“, вели претседателката на Гастромак, Адријана Алачки, додавајќи дека присуството на готвачката елита кај нас значи и унапредувањето на македонската гастрономска сцена.

„Гастромак“ и годинава ќе ја исполни својата цел со предавањата и мастер класовите на етаблираните готвачки имиња од екс -ју просторите: Стево Карапанџа, Исток Легат, Жељко Невен Бремец, Томаж Возељ, Драгица Лукин, Ѓорѓе Костиќ, Вуко Митровиќ, Дон Давид, ама и Уве Мишел, потпретседател на светската организација на готвачи Wacs, што ќе се случуваат во средните угостителски училишта „Коле Нехтенин“ во Штип и „Димитар Влахов“ во Струмица. Со ова ќе се унапреди знаењето и светогледите на идните готвачи, слаткари, хотелиери…

Предавањата и презентациите ќе започнат во средното угостителско училиште во Штип- „Коле Нехтенин“ каде големите мастер шефови преку своите инспиративни биографски приказни ќе посочат колку е тешко, но истовремено и прекрасно да се носи бела готвачка униформа која им овозможила стекнување на знаења и искуства од целиот свет.

Предавањата ќе продолжат и во „Димитар Влахов“во Струмица каде учениците ќе дознаат како се стигнува до Мишелин ѕвезда, како се создава угостителски бренд, ќе дознаат сѐ за медитеранската кујна и за разликите помеѓу модерната и традиционалната кујна. Додека интернационалните шефови со себе донесоа гастрономска магија од сите катчиња од светот, од Гастромак се надеваат дека со себе ќе понесат и делче од нашата традиционална гостопримливост.