Време е за правење на најдобриот антидепресив – вишновка

301

Вишновката е заштитен знак на жените од нашето семејство. Да се разбереме, не сме алкохоличарки, за нас е таа нешто како ритуал и навистина добар антидепресив. А сега, кога ги нема ниту баба ми, ниту мајка ми, таа за мене има уште една додадена вредност – кога ќе ги наполнам чашките речиси го слушам гласот на мајка ми како вели: ајде, стави по една вишновка, да седнеме да се одмориме и да ми кажете што има ново

Порано имаше вишни во многу дворови, ама сега има сѐ помалку дворови и сѐ повеќе згради.

Кај нас никако да се фати некое друго дрво после оние што ги имавме кога бевме деца, цреша, кајсија и смоква, но кои мораше да се исечат. Смоквата ја исекоа кога се градеше зградата до нас, на местото на бараката на нашите соседи која беше лепенка со нашата, кајсијата ја исековме кога брат ми ја надгради нашата барака, а црешата откако престана да раѓа.

Вишни никогаш немавме, ама имаше тетка Ленче која живееше во близина. Ѝ беше пријателка на баба ми и беше пресреќна кога ќе дојдевме да си набереме неколку килограми од стеблата во нивниот двор. Имаше навистина многу, многу вишни.

Мајка ми секогаш правеше сок од вишни, понекогаш слатко, а редовно и нејзиниот и на баба ми омилен ликер од вишни.

Се сеќавам дека кога на баба ми ќе ѝ дојдеа пријателките, секогаш со кафето им носеше и по една мала чашка домашна вишновка.

Ние многу сакавме да ги јадеме вишните и ако не нè видеа навреме нашите, веќе после 4-5 вишни, онака убаво нацицани со ракијата, веќе почнувавме да се кикотиме.

Кога потпораснавме, мајка ми секогаш ни нудеше по една мала чашка во секоја кризна ситуација, кога имавме трема пред испит, кога некоја од нас или од нашите другарки имаше љубовни проблеми или откако со здружени сили ќе ја исчистевме куќата.

Така некако, вишновката стана заштитен знак на жените од нашето семејство. Да се разбереме, не сме алкохоличарки, ама таа е нас еден вид на ритуал и навистина се покажа како добар антидепресив. Ќе не заблажи, ќе не расположи, а и некако кога сега ќе ја ставам во оние стари чашки за вишновка што ги користеа и баба ми и мајка ми, таа добива уште една додадена, емотивна вредност. Речиси го слушам гласот на мајка ми како вели: ајде, стави по една вишновка, да седнеме да се одмориме и да ми кажете што има ново

Се разбира, традицијата продолжува и понатаму.

Епа сега е време за правење вишновка, а кога видов дека за првпат дома немаме ниту едно најмало шишенце од претходните години, искрено, ме фати паника.

На пазар не успеав да најдам, ама затоа кога излегов на терасата на која сѐ поретко излегувам затоа што наместо Водно, пред мене сега е ѕидот на комшиите, здогледав како отспротив ми се смеат црвените слатки вишни од дрвото на комшијата Љубе. Од оваа страна на ѕидот што не дели успеав да наберам таман толку колку што беа доволни за првата тура.

И еве го рецептот ако случајно сѐ уште има некој што не го знае.

Потребни ви се: 500 гр зрели вишни; 1 литар ракија или уште подобро, по рецептот на брат ми, џин или вотка; околу 200-250 гр шеќер или мед.

Земете стаклени тегли и ставете ги внатре измиените вишни, ставете го шеќерот и прелијте ги со алкохол. Затворете ја теглата и ставете ја на сончево место цели 40 дена. Од време на време протресете ја содржината на теглата.

По 40 дена исцедете го алкохолот во соодветно стаклено шише, а вишните не ги фрлајте. Можете да ги искористите за колачи или само да ги прелиете со црно чоколадо и да ги послужите наместо десерт.

Ние воопшто и не ги цедиме вишните. Кога ќе се испие вишновката, ги употребуваме во десерти или, по желба, служиме вишновка со 2-3 добро нацицани вишни во чашката, онака како што правеа баба ми и мајка ми.