Како да направите фантастични плескавици од кој било зеленчук?

Фото: Freepik
411

Плескавиците од зеленчук се добар избор за оние кои не јадат месо, ама и за оние кои не го сакаат вкусот на зеленчукот

Плескавиците се омилени на сите бидејќи се крцкави и вкусни, а одличен избор се и за оние кои не го сакаат вкусот на зеленчукот. Со малку сос и салата, вкусни се како лесен ручек или вечера, а најдобро од сè е што можете да ги направите со она што веќе го имате во вашата кујна.

Основна формула
Зеленчукот е основата, а неговиот вкус се подобрува со сирење и со зачини. Зеленчукот и сирењето одлично се комбинираат, а аромите на лук, ароматични билки и други зачини ја комплетираат приказната. Значи, основата на секоја добра плескавица е:

Зеленчук + зачини + сирење + намирница што ќе ги поврзе

Каков зеленчук да се користи
Морковите, пашканатот и слаткиот компир најдобро се рендаат.
Тиквичките треба да се посолат и да се остават десетина минути да испуштат вода.
Карфиолот и брокулата се исто така одлични за плескавици. Цветовите исечкајте ги на ситни парчиња, сварете ги и подоцна испасирајте ги како компири и соединете ги со останатите состојки.
Блитва, спанаќ или кељ – треба да се исчистат, да се бланшираат, да се изладат, исцедат и исечкаат.
Сите споменати зеленчуци можете да ги измешате или да користите само еден вид, по ваша желба.

Пет најдобри комбинации
Фета, козјо сирење, чедар, моцарела и гауда се одлични за плескавиците, а добар е и ренданиот пармезан. Лукот, сечканиот власец и црвениот или младиот кромид даваат фантастичен вкус. Од другите зачини секогаш можете да додадете магдонос, копар, ким, кари.

Тиквички + млад кромид + фета + свеж копар
Карфиол + лук + козјо сирење + ким
Пченка + шалот + пармезан + свеж магдонос
Сладок компир + власец + чедар + чили во прав
Кељ + црвен кромид + моцарела + црн пипер

Да се пржат или да се печат
Иако се чини дека печењето е поздрав избор, плескавиците сепак треба да се пржат бидејќи така стануваат покрцкави, а освен тоа се печат на плитка маст. За поздрави плескавици, можете да користите интегрално брашно, а доколку сте чувствителни на глутен, брашното од наут, полно со протеини и влакна, е одличен избор.

Рецепт за плескавици без разлика на изборот на зеленчук
Состојки:

1 кг зеленчук по избор
1 големо јајце
1/4 или 1/2 чаша рендано или иситнето сирење (или кашкавал)
1 лажица брашно за сите намени или брашно од наут
1 лажица сечкани билки или 1 лажичка мелени зачини
1 чешне згмечен лук
1/2 лажичка сол
црн пипер
2 лажици масло

Приготвување:

Зеленчукот подгответе го во зависност од видот што сте го одбрале, сварете го и исцедете го.
Се мати јајцето, се додаваат зеленчукот и другите состојки и убаво се меша.
Проверете ја конзистентноста така што ќе направите плескавица и ќе ја земете во раце, ако се распадне додадете уште брашно.
Загрејте го маслото во голема тава и пржете ги плескавиците од секоја страна околу две до три минути.
Се ставаат на чинија обложена со салфетка за салфетката да го впие вишокот маснотии.
Можете да ги јадете топли или ладни, а со нив да послужите и некои сосови или салата.
Можат да траат и до една недела во фрижидер, а можете и да ги замрзнете.