Како не сме се сетиле досега? Одличен трик против мувлосување на отворените тегли

Фото: Pexels
762

Сигурно ви се случило со тешко срце да фрлите речиси полна тегла мармалад или ајвар кои ви стоеле во фрижидерот. Ова е еден од оние кујнски трикови кои ќе ви помогнат тоа да не ви се повтори.

Жена од Велика Британија на Фејсбук сподели супер трик со кој храната во теглата нема да се расипе, односно нема да мувлоса откако ќе ја отворите, а експертите се согласуваат дека тоа функционира, пренесува news.com.au. Ова е еден од оние кујнски трикови што не чинат ништо, а вредат многу.

Имено, таа ги превртува сите тегли наопаку, а во групата The Prepped Mama вели дека со овој метод заштедува пари и го спречува фрлањето храна.

„Откако ќе ја отворите, вратете ја теглата во фрижидер, но наопаку. Превртете ги наопаку, за да не се создаде мувла. Заштедете пари и време“, напишала таа.

Други корисници ѝ се заблагодарија за овој совет, а една раскажала дека го пробала трикот со доматен сос и тој не се расипал.

Можеби мислите дека целиот фрижидер ќе биде неуреден со овој метод, но експертите велат дека ова е одличен начин за складирање храна, бидејќи кога ќе ја превртите теглата наопаку, многу малку воздух влегува внатре и речиси е невозможно да се расипе.

Уште еден совет вели секогаш да земате храна од тегла, како џем, сос од домати или некој друг намаз, само со чист прибор и да ја чувате отворена што е можно пократко време.