Замрзнат, конзервиран или свеж зеленчук? Не бидете сноб, порачува британскиот научник и професор Тим Спектор (ВИДЕО)

Фото: Pexels
521

Долго верував дека свежото е секогаш подобро, но тоа не е секогаш така. Замрзнувањето и конзервирањето на храната не само што е попрактично и поекономично, туку во некои случаи може да биде и поздраво, вели британскиот научник Тим Спектор

Свежите домати се омилени поради нивниот сочен и освежителен вкус кој го носи чувството на лето во секој залак. Неговата живописна црвена боја и карактеристичната арома го искушуваат апетитот и додаваат свежина на секое јадење. Освен што се вкусни, свежите домати се и исклучително здрави. Тие се богати со ликопен, антиоксидант кој може да помогне во заштитата на телото од оксидативен стрес и да го намали ризикот од одредени болести како што се ракот и срцевите заболувања.

Исто така се извор на витамин Ц, калиум и други хранливи материи кои го поддржуваат здравјето на кожата, имунолошкиот систем и општата благосостојба на телото. Повеќето луѓе претпочитаат да јадат свежо овошје и зеленчук, но според мислењето на еден лекар, некои намирници се подобри кога се конзервирани или замрзнати.

Имено, иако често се верува дека свежиот зеленчук е најздрав, британскиот научник, професор и експерт за микробиом, Тим Спектор, го тврди спротивното.

„Долго верував дека свежото е секогаш подобро, но тоа не е секогаш така. Замрзнувањето и конзервирањето на храната не само што е попрактично и поекономично, туку во некои случаи може да биде и поздраво“, вели тој во видео објавено на Инстаграм.

Конзервираните домати се подобри од свежите?

Според него, една таква храна се доматите. Богати се со ликопен, соединение поврзано со намален ризик од мозочен удар, срцеви заболувања и рак.

„Интересно е што конзервираните домати содржат повеќе ликопен од свежите“, додава тој, повикувајќи се на истражувањето објавено во „Prostate Cancer and Prostatic Diseases Journal“ во 2018 година.

Анализата на ова истражување, во кое биле опфатени повеќе од 260.000 испитаници, покажала дека „поголемото консумирање на домати е поврзано со намален ризик од рак на простата“, особено кога станува збор за „јадења подготвени од варени домати“.

Друга студија од 2019 година заклучила дека високиот внес или високите концентрации на ликопен ја зголемуваат заштитата од мозочен удар (за 26 проценти), од смртност (за 37 проценти) и од кардиоваскуларните болести (за 14 проценти).

„Очигледно е дека конзервираната и замрзната храна не е лош избор. На пример, замрзнатиот грашок може да задржи повеќе витамин Ц отколку свежиот“, истакнал Британецот. Препорачува и консумација на замрзнат спанаќ бидејќи може да му помогне на телото подобро да го апсорбира железото во споредба со свежиот спанаќ.