Какво треба да е идеалното мени после миокарден инфаркт?

Фото: Pexels
129

Она што треба да го јадат оние кои се опоравуваат од инфаркт, всушност е истото тоа што се препорачува како здрава исхрана. Најважно е да се избегнува солта, шеќерот и соковите, а да се земаат интегрални житарки, мешунки, јаткасти плодови, риба…

Миокардниот инфаркт бара промена на животниот стил како составен дел од терапијата. Самата болест, како и бројните лекови, доведуваат до промени во метаболичките процеси, работата на црниот дроб и бубрезите, односно до промени во целиот организам.

После попуштањето на кардиоваскуларниот систем се јавуваат отоци, обично на најниските делови од телото. Тие се резултат на задржување на натриум хлорид (сол) во телото бидејќи не се филтрира и не се излачува преку бубрезите. Солта потоа се задржува во телото и ја врзува водата што се акумулира.

Исто така, може да дојде до зголемена концентрација на млечна киселина во крвта поради нарушување на метаболичките процеси. Од тие причини ќе заклучиме дека после миокарден инфаркт неопходна е правилна исхрана која подразбира следење на некои основни упатства дадени од кардиолозите и диететичарите.

Идеално, диетата треба да содржи:

  • Месо и/или месни алтернативи како што се јајца, тофу, мешунки и јаткасти плодови.
  • Риба – 2 до 4 порции масна риба неделно, како лосос, скуша или сардини, ќе му помогнат на телото да добие многу здрави омега-3 масти кои позитивно влијаат на срцето. Ова му обезбедува на телото околу 7 г омега-3 масни киселини, што е минималната потребна количина неделно.
  • Интегрални житарки – добар избор на житарки вклучувајќи интегрален леб, кафеав ориз, интегрални тестенини, киноа, јачмен, ‘рж, овес, палента и кускус.
  • Млеко и млечни производи – по можност со ниска содржина на масти.
  • Здрави масти – мала количина на здрави масти и масла од јаткасти плодови, семки, авокадо и масна риба.
  • Вода – и избегнување на слатки безалкохолни пијалаци и алкохол.
  • Општо земено, потребно е да се консумираат 2 порции овошје, 5 порции зеленчук и 4 или повеќе порции интегрални житарки – во зависност од енергетските потреби.

Храна која треба да се избегнува:

  • Преголем внес на сол – користете што е можно помалку сол кога готвите.
  • Слатка храна – која може да придонесе за зголемување на телесната тежина.

Следејќи ги овие упатства заедно со адекватна физичка активност и терапија со лекови, рехабилитацијата е значително поуспешна и шансите за повторен срцев удар значително се намалуваат.