Кисело, слатко, солено, горчливо и луто: Добредојде Македонија и Институтот Конфуциј не поканија на настанот „Чај и традиции“

346

Добредојде Македонија и Институтот Конфуциј при УКИМ не поканија на настанот насловен „Чај и традиции: Кинеско културно утринско искуство“ и нормално, најинтересна ни беше кинеската храна

Кисело, слатко, солено, горчливо и луто се петте основни вкусови на кинеската кујна, па затоа најпопуларната мешавина на зачини во Кина е онаа со петте зачини кои ги даваат овие пет вкусови (слатко, горчливо, кисело, солено и луто).

Петте зачини во мешавината се коморач, каранфилче, кинески цимет, сечуан пипер и семки од анасон и се сметаат за класична мешавина на зачини во кинеската кујна која, според кинеската култура, треба да биде и вкусна и здрава.

А бидејќи Кинезите, како и ние, се опседнати со храната, ниту една јавна активност не може да биде целосна без храна. На наше задоволство, таков беше и настанот на кој „Арт кујна“ беше поканета од
„Добредојде“ Macedonia Welcome Centre кој во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во КИЦ (Културно-информативниот центар) организираа настанот за промовирање на кинеската традиција и култура.

Неговата екселенција г-дин Џанг Зуо, амбасадорот на Народна Република Кина, го отвори настанот насловен „Чај и традиции: Кинеско културно утринско искуство“, а директорите на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, проф. Влатко Стоилков и проф. Лиао Веи направија вовед во презентацијата на традиционалната чајна церемонија, калиграфијата, сечењето хартија и Таи Чи (древна кинеска традиција која денес се практикува како грациозна форма на вежбање).

И секако, најинтересно за нас, а очигледно и за сите други присутни на настанот, беше делот посветен на храната, односно, послужената кинеска храна во која уживавме сите кои ја сакаме кинеската кујна. Впрочем, има ли некој кој не ја сака?