Кога човек од збор ќе влезе во кујна: Љубител е на чорби и пржени лепчиња, ги кара и месојадите и вегетаријанците и има најдобар рецепт за пијана риба

524

Тихомир Јанчовски е современ македонски книжевник, вешт на зборови, но и со кујнските алатки. Сепак, вели, готвењето е социјална работа, па и најголемите домаќинки ги баталуваат тенџерињата кога ќе останат сами.

Нашиот соговорник Тихомир Јанчовски кој неодамна одбележа 25 години од своето творење, овој пат, што би рекол тој – за „нешто сосема поразлично“ – за готвењето.
Вели дека готви од свои 16 години, а најдобар во оваа вештина бил кога имал околу 20-21.

„Учев да готвам сѐ и сешто од мајка ми, па знам да правам и манџи и мусака на многу начини, Имам бајалди (посно), сосови за шпагети (знам едно 10, бидејќи имам работено во италијански ресторан), а правам и одличен пијан лосос“, вели Тихо и додава дека всушност, рецептот за последново е ист за која било риба, но нему најмногу му се допаѓа кога е со лосос со оглед на тоа што, според него, „крапот е најтапа риба што постои“.

„Крапот развил илјада коски и ковчиња за да не го јадат, а види ги Македонциве, не им пречи. За мене, највкусна речна риба е црвеноперката, иако и таа има ковчиња безброј“, додава тој.

Вели дека имал интерес за готвење уште од мал, а како и повеќето од нас, најпрвин научил да подготвува јајца на сто начини.
Сепак, најмногу се сеќава на јајцата на масло кои му ги правела баба му кога сакала да го орасположи.

„Сега веќе нема такво кравјо масло како порано, па си правам јајца на путер. Омилени ми се пржените лепчиња со јајца и да смеам, а не смеам баш многу затоа што сега имам шеќер и притисок, мислам дека и цел леб малку ќе биде.
Баш сабајлево, после 3 години воздржување, си испржив скромно, само две кришки леб со едно јајце, малку вода и сол и ги изедов во сласт.
Најчесто ги јадам со сирење и со чај од липа, а убаво одат и со јогурт“, раскажува нашиот познат поет кој освен што е докажано вешт на зборови, е вешт и со кујнските алатки (за нас ново и недокажано, но му веруваме на збор).

Сепак, вели, готвењето е социјална работа, а кога е човек сам и нема за кого да готви, дури и најголемите домаќинки ги баталуваат тенџерињата.

За тоа пусто војничко гравче

Кога бил во војска, Тихомир го научил трикот за правење војничко гравче, но признава дека не успеал да го промовира во своето семејство.

„Во војска бев во едно мало место во Словенија каде што бевме само неколку души, сите најлоши војници испратени таму онака, колку да не вратат дома, па готвачот имаше време да ми покаже како го прави тоа славно војничко гравче.
Трикот е во запршката во која се става многу од гравот, испасиран, со сол и црвен пипер и поради тоа гравот станува онака, пивтиест, не премногу чорбест како што го прават обично кај нас и не сув како гравче-тавче.
Тој грав го правев подоцна дома, ама не ми го јадеа и не успеав да го промовирам во семејството“, признава нашиот соговорник.

Иако е жешко, додека зборува за своите марифетлуци во кујна, желудникот почнува да ни проработува, а Тихо се враќа во времето кога, како што вели, бил млад, убав и исончан, па работел на грчко море, кај извесен Јорго кој го плаќал двојно само за да им прави муабет на гостите или како што му велел: „За односи со јавност“.

Патем, насабајле приготвувал појадок за себе, за Јорго и за мајката на Јорго (кирја Лени) и ги навлекол на неговите омилени лепчиња со јајца.
Нашиот соговорник е голем обожавател и на чорби, па омилена му е јагнешката, онаа со дропче, и бело и црно.
„Јагнешка чорба се прави и се јаде обично околу Велигден, а во лето, нормално, повеќе се јаде полесна храна, а од чорбите, евентуално, рибја. Е таа пак одлично оди со охридско макало (мајонез од лук). Опасно е вкусно второво, чорбата му е само украс“, се смее Тихо.

За вегетаријанците и месојадите

Нашиот соговорник има интересен став и во однос на вегетаријанците и во однос на месојадите, па за да не се повторува, не упати на една своја постара колумна, во која ги кара и едните и другите:
„…Отсега, кога ќе одите во Веро, Тинекс, Сити мол, Рамстор, или во локалното Ви гранапче, да знаете, кога купувате саламче, дека саламчето не е овошен плод, ниту корен, ниту лист, ами преработен дел од телото на некое свинче, кокошка, јагне, говедо.
Верувам дека меѓу Вас, мили мои, има многумина што ги сакаат животните. Дури некои од вас дома чуваат маче, куче, папагал, рипки, желче…да?
Одиме понатаму. Штом е така, како може да јадете месо од животни?
Сте виделе некогаш свињокол(еж), јагне за колење (о, тие очи), крава млеко што ви дава, сте замислиле како некој ѝ го кркнува ножот?
Не? А, треба. Треба, мили мои. Оти, ако не сте способни да му го земете животот на животното, не е етички да му го јадете месото.
Само затоа што не сакате да помислите дека некој друг, не Вие, ама за Вас го заклал и средил тоа животинче.
Ете така. Значи за вас, урбани жители што јадете месо, а сте за заштита на правата на животните.
Слободно изедете си ја и мачката, кучето, канаринецот…или што и да чувате дома. Срамота…“

А кога станува збор за вегетаријанците продолжува:
„…Видете, почитувани вегетаријанци, ако по некој случај, вашиот сон стане стварност, првата последица ќе му биде: за месец, два ќе изумрат сите овци и кокошки, мисирки, јариња, неброено телиња… општ геноцид на горенаведените и други видови домашни животни.
Кога непријателот, месојадите, одат во супермаркет, тие не одат по дивеч, никако, туку по салама, смеса за плескавици, кременадли, пилешки стек, месен нарезок… по такви меса и месни производи.
Така е, или не е така? Така е.
Епа, ако престанат да ги јадат, шо кој ѓаол ќе им се?
Кој би се нафатил да чува дома овца, кокошка, вол, крмак… за домашен миленик?…
Значи, наопаку е работата вегетаријанци мои, всушност, месојадиве им се пријатели, а вие непријатели.
Да се прашувавте вие, би им го ускратиле и она малку живот што им го даваат месојадите, кои ги одгледуваат за да ги јадат.
Вие сте сатрапи на домашните животни, а живеете во илузија дека сте либерални.
Оти вашиот либерализам и „прогресивност”, може да имаат тешки последици по животите и опстанокот на оние за кои толку се залагате“.

И најпосле, прашува тој, за кого сте, за првите или вторите?
„Јас лично, ем јадам месо, ем постам некогаш, ем сакам животни, ем знам што правам по тоа прашање“, завршува Тихо.

И навистина, подобро е да се расчистат дилемите, а на крајот, секој треба да се слуша себеси и, што би рекол нашиот умен соговорник, „да не се јаде многу, туку квалитетно и здраво“.

За македонските ручеци

За склоностите на нашиов народ кон дебелеење Тихомир смета дека се должи на тоа што сега, за разлика од порано кога народот бил посиромашен, па луѓето имале празнични ручеци само за празници, сега имаат празнични македонски ручеци барем два-три пати неделно.

„Македонскиот ручек има околу 5.000 калории. Се почнува со салата, шопска или грчка или со домати и печени пиперки, салати и мезиња и се пие ракија, жените обично по една-две, а мажите по три-четири.
После следува супа. Во супата може да оди оцет или лимон. Супата ги изгладнува повторно па кога доаѓа главното јадење, повторно се навалува на храната, а најчесто е тоа она што според нутриционистите никако не оди – компир, месо и леб.

На крајот следува благо, некој колач. торта, баклава и секако, кафе.
Потоа, се натпреваруваат кој прв ќе заспие.

Така барем правевме ние со мојот комшија во Побожје и потоа чекавме кој прв ќе заспие на маса“, сликовито раскажува Тихо.
Од благото од кое се откажал поради шеќерот најмногу му недостасува сладоледот, две-три топчиња (чоколадо, ванила и лешник) од слаткарница или „Ескимо“ на стапче.

Рецепт за пијана риба

На крајот го добивме од нашиот познат човек од збор и неговиот рецепт за пијана риба.
„Ви треба барем килограм риба. По ваш избор. Рибата се чисти, се отвара на средина. Во кожата се тријат сол, црн пипер, босилек во прав и други зачини по избор, па се полни со сечкан зеленчук, моркови, трупки, пиперка, лукче. Може и да се шпикува со лук.
Потоа се реди во тавата кромид исечен на тркалца, во два реда. Одозгора се редат исечени компири, а врз нив се става рибата. Рибата ќе ја наредите со тркалца од лимони. Потоа се налева до висина на кромидот со мешавина од масло, вода и бело вино.
Се пече, а кога ќе бидат готови компирите, готова е и рибата.
Се вадат лимоните бидејќи веќе не изгледаат убаво и се ставаат настрана (не се фрлаат бидејќи се и тие вкусни), а се украсува со свежо исечени лимони и свеж магдонос“.
На здравје!