Кога ќе падне семејна одлука, шпоретот може да оди во пензија: Семејство од Делчево преминало на сирова исхрана и си го подобрило здравјето

2.642

Таратур со кисело млеко од сончоглед, сиров ајвар, шпагети од тиквици или краставици и многу, многу овошје е дел од секојдневната сирова исхрана на нашата соговорничка Симона Христовска, нејзиниот брат Горан и нивните родители. Тие се сега главни промотори на сировата исхрана и организатори на првиот фестивал на овошјето во Македонија кој ќе се одржи оваа година во септември.

Деновиве се запознавме со Симона Христовска, делчевчанка која заедно со нејзиниот брат Горан и нивните родители, во февруари, 2022 година одлучиле да пробаат да го сменат начинот на исхрана и да почнат со сирова исхрана составена само од овошје, зеленчук и јаткасти плодови.

„Идејата беше да пробаме 3 недели, да направиме еден вид детокс на организмот.

После 3 недели го продолживме периодот на 3 месеци, бидејќи според литературата која постои за овој вид на исхрана, за секој видлив резултат се потребни барем 3 месеци.

После тие 3 месеци, сите чувствувавме подобрување или целосно исчезнување на симптомите што претходно ги имаше секој од нас, а особено брат ми и татко ми кои беа иницијатори на оваа промена, па решивме да продолжиме уште 6 месеци“, раскажува нашата соговорничка која сега, заедно со останатите членови на семејството, е веќе две ипол години на овој вид на исхрана.

Таа вели дека знае за многу примери на луѓе што имаат големи здравствени бенефити со промена на исхраната, почнувајќи од нејзините најблиски.  

Регулирање на притисокот, слабеење, енергија…

Едно од најчестите и најбрзите подобрувања е регулирањето на крвниот притисок, како и губењето на телесна тежина.

Како резултат на тоа, нејзиниот брат Горан ослабнал цели 35 килограми, му се подобрило здравјето и исчезнале сите други придружни симптоми кои ги имал со зголемената тежина.

Некои од бенефитите кои Симона ги почувствувала на своја кожа веќе после три недели се: енергичност, подобар сон, а со оглед на тоа и помалку часа потребни за да се наспие, чиста кожа, намалени (речиси и без) ПМС симптоми, брзо опоравување на мускулите после вежбање, подобра дигестија, секогаш хидрирана, свеж мирис на телото, изостреност на сетилата, првпат вистинска перцептивност на вкусовите на сите овошја и зеленчуци (не знаеме каков вкус имаат истите, кога ги конзумираме со други состојки), бистрина во погледот, подобрување на квалитетот на косата и ноктите, забрзан метаболизам, константно добар имунитет, пократко задржување на храната во органите за варење и во цревата, мир и спокој, фокусираност…

„После јадење не ми треба дремка, не ми треба кафе, туку храната што ја јадам ми дава енергија да продолжам со активности. Оваа храна ми дозволува да се чувствувам убаво од внатре и од надвор, ми дозволува да го дадам својот максимум и затоа продолжувам со оваа исхрана.

Во текот на овие 2 и пол години, редовно посветуваме внимание на едукацијата, се трудиме да бидеме запознаени со начинот на кој функционира нашето тело, како и кој е правиот начин да се внесуваат овошје, зеленчук и јаткасти плодови и во која количина.

Книгите кои ни помогнаа и ги препорачувам се „Излечете се сами“ од Ален Додиќ и ултимативната „80/10/10 исхрана“ од  Др. Даглас Грем. 

Покрај овие, постојат и други книги со научни методи, како на пример „Кинеска студија“ од д-р Колин Камбел, а станува збор за најобемната досега спроведена студија која ги мери влијанијата на растителната исхрана врз целокупната здравствена состојба“, вели Симона.

Од сопственици на продавница за здрава храна до фругивори

Родителите на Симона и на Горан биле сопственици на првата продавница за здрава храна во Делчево пред 20 години и од секогаш се труделе да обезбедат здрава храна за семејството, но со почнувањето со живата растителна храна, нивните прехрамбени навики целосно се промениле и тие почнале повеќе да внимаваат на квалитетот на храната, на тоа што јадат, како јадат и од каде ја набавуваат храната.

„За време на 2020, како сите така и јас почнав  да внимавам на здравјето, на имунитетот и како на природен начин да го зајакнам истиот.

При крајот на 2021, Мубера Мисини, која веќе 15 години конзумира жива храна ми ја посочи книгата „Излечете се сами“ од Ален Додиќ.

Во книгата авторот зборува за тоа дека исхраната со овошје, зеленчук и јаткасти плодови е идеална за оптимално здравје.
Во тоа време брат  ми и татко ми имаа одредени здравствени предизивци, решија да ја нарачаат книгата, па почнав и јас со читање и едукација“, раскажува Симона.

А дека бројот на луѓе кои почнале со овој вид на исхрана е сѐ поброен, зборуваат и средбите на љубители и заинтересирани за жива храна кои се одржуваат последниве две години.

„На овие средби доаѓаат луѓе кои се карнивори, вегетеријанаци, вегани и луѓе кои се хранат со сирова храна. 

Овој вид на исхрана е уште еден степен погоре по вибрантноста на храната. Ние сме фругивори, околу десетина луѓе и уште сме во транзиција“, вели нашата соговорничка.

Според неа, бенефитите од овој вид на исхрана се огромни, но нивната цел, освен едукација, е промовирање на промена на животниот стил, бидејќи исхраната е само еден дел од мозаикот.

„Физичката активност, промена и работа на себе со себе-развивање, поминување време во природа, сончева светлина, се исто така клучните фактори за оптимално здравје“, објаснува Симона.

 Во нивната исхрана спаѓа храна која не е само сирова храна, туку е исхрана која значи употреба на овошје, зеленчук и јаткасти плодови, без употреба на масло и сол.

„Состојките треба да бидат целовити, свежи, живи, зрели и органски. Овој вид на исхрана објаснува дека ние луѓето сме најслични со фругиворите, т.е. плодојадците“, вели Симона.
Минатиот јули, нашата соговорничка и скопјанката Мубера Мисини биле на 10 годишнината на Фестивалот на овошјето во Англија, а истата година, Горан Христовски, Ане Христова и Фиданчо Христов учестувале на Фестивалот на овошјето во Србија.

Годинава, за првпат, тоа се случува и во Македонија и овие наши фругивори во септември годинава ќе го организираат и првиот македонски фестивал на жива растителна храна, кој ќе се одржи во селото Радожда, Струга, на самиот брег на Охридското Езеро.

Период на транзиција

Нашата соговорничка вели дека секој почеток и секоја промена, имаат транзиционен период, кога се прават одредени отстапки, па така и нејзиното семејство, на почетокот од воведувањето на овој тип на исхрана, правеле одредени отстапки, јаделе супи од зеленчук или печен зеленчук, но после краток период, целосно преминале на овошје, зеленчук и јаткасти плодови.

„Како и кај секоја навика, постои период на прилагодување, според некои долгорочни применувачи на оваа исхрана, потребни се околу 7 години да се воведе целосна промена. 

Битно е да се продолжи напред со исто темпо, бидејќи ако си наметнуваме цврсти ставови, во кои, на пример, нема прекршување, тогаш се многу поголеми шансите да скршнеме од патот и да си најдеме изговор дека е тешко да се воведе оваа навика, така да една постепена, пријатна промена е клучот за вовед на ваква навика, гледано на долгорочен рок.

Во транзицискиот период си дозволував да си исполнам некои желби, но после исклучокот, кога го набљудував моето тело и начинот на кој реагира гледав дека воопшто не му одговара стандардна храна, а не му одговарала ни претходно, само што тогаш не си го слушав телото бидејќи сите симптоми ги поттиснував со други состојки. На пример, ако ми се спие после оброк, наместо да видам која храна ми прави да се чувстувам вака, јас пиев кафе.

Бидејќи сме пораснати со домашна готвена храна, моментот кога ни фали некоја храна, е повеќе потсетување на спомените и емоциите што сме ги имале кога сме ја јаделе таа храна, отколку вистинска потреба“, тврди таа.

Благодарение на постојаната едукација, Симона и членовите на нејзиното семејство научиле дека моментот кога почнува да им недостасува некое јадење од стандардната исхрана, е моментот кога не внесле доволно калории, т.е. доволно овошје и зеленчук во текот на денот и дека треба да ја зголемат количината што ја јадат во текот на денот.

Кисело млеко од сончоглед и сиров ајвар

Симона ни посочи и неколку интересни предлози за замена на некои стандардни јадења.

„Со време и искуство разбираме дека не ни треба храна која наликува на стандардната, туку храна која наликува на плод. Сепак, постојат сирови верзии на неколку јадења, како на пример, може да се направи таратур со кисело млеко од сончоглед, сиров ајвар, шпагети од тиквици или краставици, што е сега исто така актуелно, бидејќи е освежително, а се подготвува многу лесно. Вкусовите се многу поинтензивни и важно е дека сите состојки се хранливи.

Во некои моменти, правиме и крекери, од семиња и зеленчук, направени во дехидратор, кои може да се конзумираат со намази или со салата.

Омилени ни се и сировите торти и колачи, бидејќи претходно конзумиравме доста десерти, па сега во сирова верзија едноставно ги јадеме без грижа на совест“, се смее таа.

Ако сте љубопитни како изгледа во пракса секојдневниот начин на исхрана со сирова храна, да ѕирнеме во менито на Симона.

Два оброци во текот на денот се овошје, или вториот оброк може да биде овошје комбинирано со зелен лиснат зеленчук, а третиот е голема салата најчесто со прелив од семиња, јаткасти плодови или овошје.

Посебен акцент, вели таа, се става на овошјето, бидејќи тоа е храна која ни е потребна за да ни обезбеди доволно калории за да фукнционираме оптимално во текот на денот.

„На почетокот комбиниравме повеќе видови на овошје во еден оброк, но моно оброците се најпријатни за дигестијата и се најлесни оброци кога се почнува со промената кон жива растителна храна“, вели таа и посочува дека храната која ја јадат е сезонска, па варира во текот на годината.

Во летниот период, додека трае сезоната на цреши, појадокот на Симона, се состои од 1 до 1.5 килограм цреши, ручекот се состои од 4-5 праски во комбинација со 4-5 банани и на крај, за вечера, јаде голема салата, со што поразновиден зеленчук.

Понекогаш прават и зелено смути, цедени сокови, но генерално, целовито и зрело овошје, со акцент на зрелото овошје, бидејќи во него се шеќерите кои ни се потребни за функционирање на мозокот.

Иако не сакаат да им го наметнуваат на другиот овој начин на исхрана, вели дека кога имаат гости, сепак со своите пријатели кои се на стандардна исхрана, споделува храна која е поразлична и поздрава од онаа на која се тие навикнати.

„Социјалните дружби се предизвик кога јадеш одредена храна, а во тие дружби најчесто има и храна. Затоа, за да си помогнеме едни на други, да научиме како да бидеме поздрави, ние учествуваме во организирање средби веќе подолг период на кои може да се пријави секој кој сака да дојде, без разлика каква храна јаде.

Најбитен момент е едукацијата, бидејќи кога преминуваме на исхрана составена од овошје, зеленчук и јаткасти плодови, треба да знаеме што е најдобро за нашето тело, кои се правилни комбинации, односно како правилно да се храниме, која e количината што треба да ja јадеме, кои се физичките активности кои ни се потребни итн.

Оние кои ќе дојдат ќе можат да научат многу повеќе за ова лично од д-р Даглас Грем, кој ќе биде главен предавач и на првиот фестивал на овошјето во Македонија. Специјален готвач ќе биде Американката Шари Летерман од Флорида која има 30-годишно искуство во приготвување на ваква храна и исто толку години е соработничка и главен шеф на сите настани што ги организира д-р Грем“, завршува Симона.

После две ипол години на сирова храна, нашата соговорничка веќе нема потреба од шпорет па во план ѝ е да го продаде.

Нејзиниот највреден кујнски апарат сега е соковникот за бавно цедење, а најкористен – блендерот за правење сосови за салати,  намази, смеси за растителни живи бургери, фил за десерти.

„Целта на сето ова што го правиме е да покажеме дека постои опција за оптимално здравје на природен начин“, порачува Симона.