Кога наместо на акварели, мириса на тазе печени кифли: Празнично кај сликарката Симонида Филипова Китановска

1.846

Влегуваме во нивната финска барака со сосема личен и уметнички печат поради кој таа не личи на ниту една друга постземјотресна скопска барака, дури ни на мојата која е токму од истата серија, онаа – со љубов од Финска за разрушениот град. Се слуша лаењето на Џени, музиката на Тони, тропкањето на тепсиите, мирисот и звуците на една убава дома

Сликањето со акварел е како алхемија, но истото може да се каже и за кулинарството, па можеби затоа и нашата уметница, сликарката Симонида Филипова Китановска, следејќи го инстинктот и зачинувајќи со љубов, создава вистински празнични кулинарски залчиња со вкусот и мирисот на дома.

Токму она за што е желна Луна (ќерката на Симонида и на Тони Китановски), која за празниците е дојдена од Ница кадешто магистрирала Environmental Hazards and Risks Management (Управување со опасностите и ризиците во животната средина). Патем, иако од уметничка фамилија, младата Луна тргнала во сосема друга насока, но својата вродена уметничка креативност сепак ја вложува во своите фотографии, оние кои ги направила како официјална фотографка на филмскиот фестивал во Кан, но и оние кои ги прави во кујната на Симонида, кадешто наместо славните филмски ѕвезди, во фокусот се кифлите на мајка ѝ. Превкусните крцкави и наросени со крупна морска сол, оние помалите од кои ѕиркаат кренвишли, а и оние експресионистичките, наполнети со сладок чоколаден крем и наросени со шеќер.

Влегуваме во нивната проширена и доградена финска барака со сосема личен и уметнички печат поради кој не личи на ниту една друга постземјотресна скопска барака, дури ни на мојата која е токму од истата серија, онаа – со љубов од Финска за разрушениот град.
Се препознаваат само старите убави дрвени даски, онакви, на кои им се познаваат годините, но тие само додаваат на нивниот шарм, особено затоа што на нив има ставено своерачен потпис со четки нашата домаќинка чија сликарска умешност ѕирка од секој агол, дури и онаму кадешто е украсената новогодишна гранка од елка.
Целосно удобна и хедонистичка атмосфера, секако, не бидува без музика, а за ова, се знае, изборот е на нашиот домаќин, Тони Китановски, џез-гитарист, композитор кој свири гитара, автор и на симфониски дела, музика за филм, театар, перформанси и современ танц, професор на Музичката академија во Штип, ама и во Кина.

И иако секоја личност има сопствено сфаќање за среќата, а во некои земји постојат дури и национални концепти за среќа што нудат веќе подготвени рецепти за тоа како да се ослободите од стресот и да почнете да уживате во животот, ние среќата ја почувствувавме токму тука, во оваа атмосфера која иако почесто мириса на акварели отколку на кифли, сега беше исполнета токму со мирис на тазе печени домашни кифли и руска салата, одлична музика, вино, Луна, Џени, убави насмевки и уште поубави луѓе.


Симонида Филипова-Китановска е активна професионална уметница, чија уметничка кариера бележи многубројни домашни и меѓународни награди и претставувања на самостојни и на групни изложби. Последниве години нејзиното творештво е во техниката акварел. Покрај многубројните претставувања на светската сцена, често е поканета да ја презентира својата специфична техника на изразување, а добитник е и на многу награди, меѓу кои и Златен медал на Биеналето за нови техники, концепти и развој во акварелот во Каудете, Шпанија.


Учествува на многу фестивали низ светот, семинари или средби на артисти од повеќе континенти, а токму ова искуство од нови култури, пејзажи, бои и мириси се препознаваат и на нејзините слики, но и во храната што ја приготвува.
„Цела година, во пролет и лето во нашата градина, а во зима кај некој што живее во стан, се собираме друштво од 4-5 луѓе, сите слободни уметници и си готвиме. Постојано измислуваме нешто ново, готвиме и се дружиме. Токму така и почнав ептен да готвам и да експериментирам со различни кујни и состојки кои често ги носам од местата што ги посетувам. Сите сме слободни уметници, па имаме доволно време за нашите кулинарски дружби, а конкретно, кифлите што денес ги правев се по рецептот на мојот пријател Руно кој е исто така уметник, но и голем вљубеник и експерт за готвење“, вели Симонида, со ветување дека, на следната ваква дружба има покана и за Арт кујна, да се дружиме, да сликаме и да дегустираме.


Рецепт за кифлички цела доза (пола доза е за еден плех 24 кифлички):
Состојки;

1 кг брашно тип 400
2 свежи квасца
1/2 литар млеко
100 мл зејтин
2 јајца (+1 за премачкување)
1 коцка маргарин
2 лажици шеќер и 2 мали лажички сол.
Приготвување:
Се разронува квасецот во длабок сад со шеќерот и малку млеко и се меша додека не се раствори квасецот. Се остава 5 минути. Потоа се додаваат на квасецот и останатото млеко, јајцата и зејтинот, а потоа и брашното и солта. Се меша со вилушка па потоа на плотна се меси и се дели на 3 дела. Се прават топчиња, се сукаат во круг и се сечат како за кифлички 8 триаголници. Се полнат по желба, а може да се остават и празни како нашите, се редат на плех, се покриваат со крпа и се оставаат да нараснат 15 минути.
Кога ќе нараснат кифлите се премачкуват со разматено јајце, се става по желба ким, сусам или афион, јас додавам и по малку морска сол одозгора и на секоја кифличка коцкичка од маргаринот. Се печат 15 минути во загреана рерна на 200 степени. Толку и се јадат, се разбира.