Колку јагоди дневно би требало да јадете?

Фото: Unsplash
389

Препорака на клиничка студија е дека со консумирање на порција од осум средни јагоди дневно, можеме да го подобриме здравјето на срцето, да спречиме дијабетес, да го одржиме мозокот витален и да го намалиме ризикот од некои видови рак.

Со доаѓањето на потоплите денови достапни ни се се повеќе сезонски овошја во кои со задоволство уживаме, а на ум веднаш ни паѓаат јагодите! Иако може да се најдат уште во мај, својот врв на берба локалните јагоди го достигнуваат во јуни. Единствената негативна страна на ова омилено овошје на сите е тоа што сезоната им е релативно кратка, околу еден месец, па затоа ви предлагаме добро да ги искористите тие денови за да уживате во миризливи и слатки јагоди.

Јагодите се богати со витамини и минерали
Јагодите се одлични како ужина, а многу луѓе сакаат да ги додаваат во појадок и десерти, па дури и во солени оброци за да им дадат на јадењата свежина и допир на сладост (ако веќе не сте пробале, пробајте рижото од јагоди). Покрај тоа што се вкусни, домашните јагоди се вистинска ризница за здравјето. За наша среќа, тие имаат многу малку шеќер, но затоа се многу богати со хранливи материи. Фактите за нутритивната вредност на јагодите ни покажуваат дека оваа омилена бобинка е богата со витамин Ц. Уште повеќе, содржи повеќе витамин Ц отколку портокалот. Богата е и со растителни влакна и содржи фолати и калиум, железо, натриум, калциум и фосфор, како и витамини А, Б1 и Б2.

Колку јагоди дневно се доволни?
Со конзумирање на јагоди всушност добиваме огромен број на придобивки за нашето здравје, па тие дефинитивно треба да станат составен дел од вашата исхрана (додека се во сезона). За да му се обезбеди на организмот потребната доза на витамини и минерали, експертите тврдат дека е доволно да јадете 8 јагоди дневно. Ова е препорака на клиничка студија која сугерира дека со консумирање на порција од осум средни јагоди дневно, можеме да го подобриме здравјето на срцето, да спречиме дијабетес, да го одржиме мозокот витален и да го намалиме ризикот од некои видови рак.

„Нашата студија ја поддржува хипотезата дека консумирањето јагоди може да ги подобри кардиометаболните ризици. Понатаму, веруваме дека овие докази ја поддржуваат улогата на јагодите во пристапот „храна како лек“ за спречување на дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести кај возрасните“, вели Арпита Басу, д-р, водечки истражувач и професор на Универзитетот во Невада.

Иако 8 јагоди се доволни за да му обезбедат на организмот важни витамини и минерали, слободно уживајте во домашните јагоди без ограничување (знаеме дека е тешко да се одолее). Подолу, дознајте ги здравствените придобивки од јагодите, поради кои вреди да го вклучите ова овошје почесто во вашата исхрана.

7 здравствени придобивки од јагодите

Тие го зајакнуваат имунолошкиот систем
Можеби треба да направите резерви од јагоди за време на сезоната на настинки и грип. Витаминот Ц, кој го има во изобилство во јагодите, игра клучна улога во заштитата на имунолошкиот систем. Нашиот имунитет слабее како што старееме, но витаминот Ц сам или во комбинација со витамин Е може да ја подобри имунолошката функција кај постарите лица, сугерира студија објавена во декември 2020 година во Experimental Gerontology. Ова објаснува зошто додатоците на витамин Ц и изворите на храна често се промовираат како оружје против обичната настинка. Само една чаша јагоди ја содржи препорачаната дневна доза на витамин Ц, како и бројни други корисни антиоксиданти и хранливи материи.

Помагаат да се намали оксидативниот стрес
Јагодите се еден од најсилните извори на антиоксиданти, се вели во написот во Nutrition Journal кој вклучувал дури 3.100 намирници во примерокот. Антиоксидантите помагаат да се намали оксидативниот стрес. Нашите клетки постојано се борат со оксидативниот стрес од нашата околина, што во голема мера придонесува за клеточно стареење и хронични болести. Антиоксидантите делумно делуваат така што ги неутрализираат слободните радикали, нестабилните молекули на кислород кои можат да ги оштетат клетките и да предизвикаат одредени болести. Оксидативниот стрес може да биде штетен за здравјето на луѓето – може да придонесе за срцеви заболувања и развој на рак. Овошјето како што се јагодите кои се богати со антиоксиданти во исхраната се поврзани со намален ризик од хронични болести поврзани со оксидативен стрес.

Го намалуваат ризикот од срцев удар
Јагодите и нивните антиоксиданти можат да имаат корисен ефект врз здравјето на срцето. Според една студија објавена во октомври 2021 година во Antioxidants, јагодите го намалуваат ризикот од големи васкуларни опасности, како што се срцев удар и дијабетес. За само четири недели, дневната потрошувачка на концентрирана јагода во прав била доволна за зајакнување на антиоксидантната активност и намалување на нивото на воспаление поврзано со кардиометаболните ризици.

Го намалуваат ризикот од развој на дијабетес
Истражувањата за јагодите, антиоксидантите и нивната можна поврзаност со помал ризик од дијабетес, сепак, се зголемуваат. Студијата објавена во април 2021 година во Nutrients заклучи дека редовната порција јагоди значително ја подобрува отпорноста на инсулин кај возрасните со дебелина и висок LDL, или „лош“ холестерол. Здравата исхрана која вклучува јагоди може да биде клучна за спречување на дијабетес тип 2.

Ги подобруваат когнитивните функции

Јагодите го одржуваат мозокот витален и помагаат за подобра меморија. Богати се со витамин Ц, антоцијанидини и флавоноиди, кои можат да го намалат ризикот од Алцхајмерова болест и деменција, според истражувањето објавено во Nutrients и American Journal of Clinical Nutrition. Со консумирање на јагоди повеќе од два пати неделно, го одложувате когнитивното стареење до 2,5 години, тврдат експертите.

Го намалуваат нивото на холестеролот во крвта

Додека на вашето тело му е потребен холестерол за извршување на одредени функции, премногу холестерол може да биде штетно за вашето срце. Иако различни фактори, вклучително и генетиката, можат да играат улога во ризикот од висок холестерол, нездравиот начин на живот исто така може да придонесе. Свежото овошје како локалните јагоди богати со растворливи влакна се чекор во вистинската насока. Според една студија објавена во мај 2021 година во Nutrients, потрошувачката на јагоди може да биде поврзана со подобрени маркери на холестерол кај ризичните лица. По големото внесување на јагоди, нивото на вкупниот и „лошиот“ холестерол било значително пониско. Бидејќи не можеме да видиме или почувствуваме висок холестерол, одржувањето на здрави нивоа на холестерол е важен дел за спречување на срцеви заболувања и мозочен удар, а сега знаете дека јагодите навистина можат да ви помогнат во тоа.

Имаат силни антиинфламаторни ефекти

Според истражувањето објавено во ноември 2020 година во Molecules, јагодите богати со флавоноиди и антиоксиданти имаат позитивни ефекти врз маркерите на воспаление, како и невропротективни, антиканцерогени, кардиопротективни и антидијабетични својства за спречување на болести. Антоцијанот, пигментот кој на јагодите им дава светло-црвена боја, е одговорен за намалување на воспалението. Една студија сугерира дека јадењето јагоди може да помогне во намалувањето на нивото на шеќер во крвта и да се бори против воспалението, особено ако јагодите се консумираат во рок од два часа по оброкот. Затоа, размислете да посегнете по јагоди помеѓу ручекот и вечерата.