АРНО нуди помош за реализација на вашите зелени идеи: Последна работилница за натпреварот „Зелени идеи 2023“

230

Здружението за социјални иновации „АРНО“, деветта година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има 9 регионални победници

Здружението за социјални иновации  „АРНО“, апелира до сите постоечки и идни зелени и социјални претприемачи да се пријават на последната работилница од натпреварот „Зелени идеи 2023”, најдоцна до 09 мај, преку пополнување на формуларот на овој линк. Работилницата е наменета за сите што веќе ја подготвуваат апликацијата и сакаат помош од консултант, или се во потрага по одговор на некое прашање. Повеќе информации поврзани со натпреварот кој трае до 21-ви мај, се достапни на веб-страницата: https://zeleniidei.mk/
Работилницата ќе се одржи на 11-ти мај во Скопје, и се спроведува во партнерство на АРНО и Асоцијацијата за Менаџмент Консалтинг МКА2000, која е долгогодишен партнер на натпреварот. Оваа работилница ќе ја води Александар Целески од МКА 2000 кој е сертифициран менаџмент консултант (CMC®) со докажано и долго работно и професионално искуство во водечки интернационални менаџмент консултантски компании.
„Во 9 години како АРНО го администрира натпреварот имаме 9 регионални победници, и тоа е доказ дека имаме потенцијал да бидеме лидери во регионот. Победите се како врвот на санта мраз, се гледа успехот ама не се гледа тоа што е вложено, а тоа е еден куп работилници, инфо сесии, партнерства, кампањи за градење свест, се со цел да допреме до што е можно повеќе граѓани и субјекти. Сите инфо-сесии и работилници се со намера да го олеснат процесот на аплицирање и да помогнат во разработката на добри, квалитетни зелени бизнис идеи. Охрабруваме култура на прашување, учење, споделување и апелираме граѓаните да ги користат овие можности“, порача Ирина Јаневска од АРНО.
Повеќе информации во врска со натпреварот, можат да се добијат на 077 855 832  или на e-mail [email protected].

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој 11 години поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, С. Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.

Здружението за социјални иновации „АРНО“, деветта година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има 9 регионални победници: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел- „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) , „Вајс адитив“-прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021) и Пилот инсект соба на Ве Дог Фуд од прилеп (2022).