Kонсумирањето на цитрусно овошје е поврзано со 20 отсто помал ризик од депресија

Фото: Pexels
60

Нова студија открива храна која може да го намали ризикот од депресија


Се проценува дека околу 280 милиони луѓе во светот живеат со клиничка депресија, ментална болест која влијае на расположението и сликата за себе на засегнатото лице. Постојат голем број на фактори на ризик за депресија, вклучувајќи семејна историја на депресија, хормонални промени, други хронични болести и постојан стрес.

Претходните студии покажаа дека одредени промени во животниот стил можат да помогнат да се намали ризикот од развој на депресија, како што се редовна физичка активност, соодветна количина и квалитет на сон, управување со стресот и здрава и урамнотежена исхрана.

Во однос на исхраната, претходните студии потврдија дека консумирањето здрава храна (зголемен внес на храна како маслиново масло, риба, јаткасти плодови, млечни производи, овошје, зеленчук и мешунки) може да помогне да се намали ризикот од депресија и дека медитеранската исхрана е поврзана со 32 отсто помал ризик од депресија. Сега, една нова студија, неодамна објавена во списанието Microbiome, покажа дека портокалите се уште една храна која може да помогне да се намали ризикот од депресија.

Поголеми количини на „добри“ бактерии поврзани со јадењето цитрусно овошје

За студијата, научниците анализирале податоци од повеќе од 32.000 средовечни жени кои учествувале во истражувањето Nurses‘Health Study.

Помеѓу 2003 и 2017 година, на испитаниците периодично им се испраќале прашалници со прашања за нивната исхрана и статусот на депресија. Истражувачите потоа анализирале ДНК секвенци од примероците на столицата на испитаниците, а резултатите покажале дека постои поврзаност помеѓу конзумирањето на цитрусно овошје и изобилството на 15 видови на добри бактерии во цревниот микробиом, вклучувајќи ја и бактеријата наречена Faecalibacterium prausnitzii.

Минатите студии покажале дека бактеријата Faecalibacterium prausnitzii е корисна за телото бидејќи помага во намалување на воспалението и го поддржува имунолошкиот систем. Може да помогне и при гастроинтестинални заболувања, како што е синдромот на нервозно дебело црево, како и кај дебелината, па дури и кај дијабетес тип 2, како што покажале некои студии на животни.

Депресија и премалку F. Prausnitzii во цревниот микробиом

Дополнително, научниците откриле помали количини на бактеријата F. Prausnitzii во микробиомот на учесниците во студијата кои имале депресија.

Откривме дека конзумирањето на само еден портокал со средна големина на ден може да го намали ризикот од развој на депресија за околу 20 проценти. И се чини дека таков ефект е специфичен за цитрусите. Кога ја анализиравме вкупната потрошувачка на овошје и зеленчук на учесниците или потрошувачката на поединечно овошје, како јаболка или банани, не откривме врска помеѓу внесувањето и ризикот од депресија“, објаснил др. Раај Мехта, раководител на студијата и проф. Медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот Харвард.

За да потврдат дали резултатите се слични кај мажите, тие анализирале податоци од повеќе од 300 мажи кои учествувале во истражувањето Men‘s Lifestyle Validation Study и дошле до истото откритие, имено поврзаноста помеѓу депресијата и намалениот број на бактерии F. Prausnitzii во цревниот микробиом.

Авторите веруваат дека Faecalibacterium prausnitzii може да помогне кај депресијата со тоа што влијае на нивото на невротрансмитерите серотонин и допамин преку метаболички пат кој се нарекува S-аденозил-l-метионин, кој игра важна улога во производството на невротрансмитери.

Овие невротрансмитери го регулираат начинот на кој храната минува низ дигестивниот тракт, но можат да патуваат и до мозокот, каде што го подигнуваат расположението, изјавил проф. Мехта во интервју за The Harvard Gazette.


Ние сме тоа што го јадеме

Оваа студија дава можно објаснување зошто јадењето портокали би можело да го намали ризикот од идна депресија и секако ја потврдува старата поговорка „Ти си тоа што го јадеш“, вели др. Гери Смол, шеф на психијатрија во Hackensack University Medical Centar во Њу Џерси, додавајќи дека се уште се потребни дополнителни истражувања.

Клиничката депресија која го нарушува нормалното функционирање на една личност погодува околу 15 проценти од луѓето во одреден период од нивниот живот. Психотерапијата, антидепресивите и другите терапии се ефективни, но скапи и не се достапни за секого. Превентивните мерки кои функционираат може да имаат важно влијание врз јавното здравје, имајќи предвид дека нетретираната или неадекватно третираната депресија го зголемува ризикот од смрт, не само од самоубиство, туку и од разни коморбидитети.

Луѓето кои имаат поголема веројатност да консумираат свежо овошје, исто така, веројатно ќе вежбаат редовно и ќе спроведуваат други здрави животни навики кои го намалуваат ризикот од депресија. Потребно е рандомизирано, контролирано клиничко испитување за да се потврди поврзаноста помеѓу потрошувачката на цитрусi и ризикот од депресија, вели др. Гери Смол.