Лешперски бурек со готови кори

264

Правењето на вистински бурек, како оној од бурекџилница, не е едноставна работа, ама дома можете да си направите едноставна лешперска верзија со готови кори и да уживате за сите пари

Секако, да се биде мајстор за бурек не е лесно. Ама знаеме дека кога се сака, за сѐ може да се најде полесен начин. Така и за овој домашен бурек направен од готови кори кои ќе го имате на трпеза за половина час, вклучувајќи го и печењето.

Состојки:

500 гр кори

350 мл вода

120 мл масло

1 лажичка сол

1 прашок за пециво

300 гр сирење

Приготвување:

Најпрво во мало тенџерче ги ставаме водата, маслото и солта да зовријат. Го тргаме настрана, додаваме прашокот за пециво и мешаме.

Тавчето за печење (бр. 28) го намрсуваме со масло и редиме 2-3 кори на кои им висат краевите преку рабовите. Ставаме одозгора 3-4 лажици од течноста и ја размачкуваме рамномерно со силиконска четка. Редиме одозгора 3 кори и ги гужваме за да ги собере во тавчето. Ставаме повторно од течноста, а потоа и дробено сирење и ја повторуваме постапката додека не се потроши целиот материјал.

Последните кори само премачкајте ги со течноста и преклопете ги краевите на првите 3 кори. Ако ви останала малку течност, истурете ја одозгора.

Ставете го да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 10 минути, а потоа намалете на 180 и печете уште 20-30 минути, во зависност од рерната. Кога ќе се испече превртете го во голема чинија или врз некоја даска.