Меки и фини: Рецепт за палачинки со илјада дупчиња направени без јајца и млеко

Фото: Foodreli.com
257

Палачинките со илјада дупчиња се многу вкусно јадење кое обично се служи со малку мед на северот од Африка…

Багрир е името на мароканските палачинки направени од ситно мелен гриз, кој се карактеризира со мека и малку сунѓереста текстура. Поради додавање на квасец во смесата, овие палачинки се полни со дупчиња, што им дава уникатен изглед и вкус. Згора на тоа, некои ги нарекуваат палачинки со илјада дупчиња.

Палачинките можете да ги подготвите во блендер за само неколку минути, но доколку сакате да ја добиете вистинската текстура, важно е смесата да ја оставите на собна температура најмалку половина час.

Традиционалниот багрир се пече само од едната страна, но во некои делови на Мароко палачинката се превртува и на другата страна само на една секунда за да се извлече вишокот на влага. Тоа е многу убаво јадење што обично се служи со малку мед.

Состојки за багрир палачинки:
750 мл топла вода
250 гр ситно мелен гриз
100 гр брашно
2 лажички прашок за пециво
1 лажица сув квасец
1 лажичка шеќер
1 лажичка сол

Приготвување:
Во сад измешајте ги сувите состојки: ситно мелениот гриз, брашното, прашокот за пециво, солта и шеќерот.
Ставете топла вода во блендерот и додадете го квасецот. Блендирајте полека додека постепено ги додавате сувите состојки и додека не добиете еднолична смеса. Треба да добиете нешто слично на класично тесто за палачинки.
Покријте ја смесата со најлонска фолија и оставете ја да отстои најмалку 10 минути или уште малку повеќе, додека горниот дел од смесата не стане пенест.
Ставете една кутлача од смесата на средина на загреана тава со нелепливо дно. Не вртете ја смесата околу тавата како што правите кога печете класични палачинки, туку оставете ја да добие свој облик.
Печете ги палачинките околу две минути или додека површината не стане сунѓереста и сува. Не ја вртете палачинката.
Префрлете ја во чинија и повторете ја постапката додека не ја потрошите целата смеса.
Послужете со малку мед. Добар апетит!