Мислите дека целосното исфрлање на шеќерот од исхраната е секогаш здрав избор?

Фото: Pexels
5

Новото истражување не покажува дека слатките, засладените пијалаци и преработената храна се здрави, туку дека целосното отстранување на сахарозата во специфичен режим на исхрана може да има неочекувани последици.

Целосното исфрлање на шеќерот од исхраната на прв поглед звучи како здрав избор. Но, едно ново истражување отвора поинакво прашање – дали екстремното избегнување на шеќерот може да има и неочекувани негативни последици?

Истражувањето покажало дека глувците кои биле на строга диета без сахароза не се здебелиле и според вообичаените показатели изгледале сосема здраво. Но, кога научниците погледнале подлабоко, откриле дека нивниот метаболизам бил нарушен. Тие потешко ја отстранувале глукозата од крвта, а промените во хормоните укажувале дека нивниот дигестивен систем е под сериозен стрес.

Клучот, според авторот на анализата објавена во „The Independent“, се наоѓа во милијардите микроорганизми што живеат во дигестивниот тракт. Одредени корисни бактерии зависат од едноставни шеќери и јаглехидрати за да преживеат. Кога ги разградуваат, произведуваат соединенија кои помагаат да се одржи здрава слузницата на цревата и му овозможуваат на организмот подобро да ги апсорбира хранливите материи. Тие соединенија влијаат и врз хормоните кои го регулираат апетитот и реакцијата на организмот на инсулин.

Кога исхраната целосно го прекинува внесувањето на овие извори на енергија, клетките што ја обложуваат цревната површина остануваат без важен извор на гориво. Цревната бариера почнува да слабее, а истовремено се намалува бројот на корисните бактерии кои имаат важна улога во функционирањето на имунолошкиот систем.

Тогаш може да настане таканаречено „пропустливо црево“ – состојба во која оштетената цревна бариера дозволува бактериски токсини да поминат во организмот. Тоа може да предизвика силна реакција на имунолошкиот систем. Во исто време, корисните микроорганизми се потиснуваат, а нивното место може да го преземат други, помалку корисни бактерии.

Но, тука има една исклучително важна забелешка. Исхраната во експериментот била не само без сахароза, туку и со малку масти. Тоа е многу различно од типичната западна исхрана богата и со масти и со шеќер, која е поврзана со дебелина и метаболички заболувања. Затоа, резултатите не значат дека луѓето треба да почнат да јадат повеќе шеќер. Напротив, кај човек кој внесува многу калории и шеќери, намалувањето на додадениот шеќер и понатаму е здрав избор.

Најголемата порака од истражувањето е дека „без шеќер“ не треба автоматски да значи „без јаглехидрати“ или елиминирање на цела група намирници. Наместо тоа, за цревната микрофлора е важна разновидната исхрана со овошје, зеленчук и житарки, кои обезбедуваат природни шеќери и сложени влакна.

Иако студијата упатува на тоа дека сахарозата (шеќерот за консумирање) може да биде корисна за цревните бактерии, тоа не значи дека треба да ја внесуваме преку преработена храна. Целта е да се обезбеди сахароза во природна форма, на пример, преку внесување на препорачаните пет порции овошје и зеленчук дневно.

Ако строгата диета со малку шеќер веќе ја нарушила рамнотежата во цревата, корисните бактерии може повторно да се обноват. Во исхраната е корисно да се внесат ферментирани намирници, како што се кефир, кисела зелка или јогурт со активни бактериски култури.