Можете ли да се откажете од месото? Одговорот е запишан во вашите гени

Фото: Pexels
164

Храната од растително потекло и месото се разликува по сложеноста на липидите, па затоа е можно некои луѓе да имаат потреба од некои форми на липиди што ги содржи месото, додека други можат без нив.

Веројатноста дека едно лице ќе се сврти кон вегетаријанска исхрана зависи, барем делумно, од генетиката, а два од трите најважни гени откриени досега кои учествуваат во ова се вклучени во метаболизмот на мастите. Овие наоди може да укажат, според професорот Набил Јасин од Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, дека одредени масти се неопходни во исхраната за некои луѓе, а за други, не.

Во Велика Британија и во САД, околу пет проценти од населението не јаде месо или риба, но истражувањата покажуваат дека некои од нив сепак понекогаш консумираат месо. Според проф. Јасин, ова значи дека луѓето би сакале да бидат вегетаријанци – поради здравствени, религиозни, етички, еколошки и други причини – но на некои од нив им е тешко да се придржуваат до исхраната без месо.

Клучни гени

Познато е дека наследните фактори имаат влијание и на некои други феномени во исхраната, на пример дали човекот ќе биде склон да пие кафе или алкохол, па Јасин и колегите, за да видат дали истото важи и за склоноста кон вегетаријанство, ги анализирале здравствените податоци и податоците за ДНК и начинот на живот на голем број поединци собрани во голема и долгорочна студија на UK Biobank. Тие ги анализирале податоците на околу 5.300 луѓе кои се декларирале како строги вегетаријанци кои не јаделе месо во последната година и уште 330.000 луѓе кои изјавиле дека јаделе месо во текот на последната година. Се покажало дека три варијанти на гени се почести кај вегетаријанците, а две од нив, наречени NPC1 и RMC1, учествуваат во транспортот и метаболизмот на холестеролот и гликолипидите, форма на сложени масни молекули. Дополнително, биле идентификувани уште 31 ген потенцијално поврзани со вегетаријанството.

Генетски разлики

Храната од растително потекло и месото се разликува по сложеноста на липидите, па затоа е можно некои луѓе да имаат потреба од некои форми на липиди што ги содржи месото, додека други можат без нив. Научниците шпекулираат дека тоа би можело да има врска со генетските разлики во липидниот метаболизам и неговото влијание врз функционирањето на мозокот, но потребни се дополнителни истражувања за да се утврди ова. Студијата не можела да утврди кој би бил или не би бил генетски предиспониран за вегетаријанство, но нејзините наоди фрлаат светлина врз дел од сложената врска помеѓу нашите гени и нашиот избор на храна, што може да доведе до подобри, поперсонализирани препораки за исхрана засновани на генетски предиспозиции, се надеваат научниците.