Мусака со кељ

64

Мусаката е едно од омилените јадења на многумина, а има безброј варијанти. Оваа е вистинско откровение

Ако сте љубител на мусака, сигурно нема да се откажете од неа дури и ако сте престанале да консумирате месо. Имено, мусаката може да се прави во различни варијанти, со компири, тиквички, модри патлиџани, или пак во веге варијанта, кога наместо мелено месо се ставаат печурки, трошки од соја или нешто друго.

Ама ако сакате кељ, ви советуваме да ја испробате и оваа верзија.

Една огромна главица кељ ви е само 60 денари, па дури и ако не ставите месо, може да излезе многу вкусен и евтин ручек.

Нашава мусака на фотографиите е класика, со мелено месо, ама веруваме дека и веге варијантата е подеднакво вкусна.

Значи, измијте ја главицата кељ и ако правите за повеќе луѓе или сакате да имате готов ручек барем за два дена, употребете ја цела. Исечете ја по желба, но гледајте да имате за два реда. Се знае, за мусака треба и фил.

Во оваа има класична смеса од мелено месо и кромид која се става помеѓу двата реда кељ, а одозгора, десетина минути пред крајот се полева со смеса од јајца и јогурт и најгоре, по желба, за уште пораскошен вкус, се ренда или се редат тенки листови кашкавал.