На мискојна мириса, како во Пирејот на Петре М.Андреевски… Без филтри и фолирање

637

Замислете сега, наместо да купувате од маркет разни индустриски производи од кајгоде, да можете вака: фокача, ваша, со домашна маја, млеко од Бранко, јајца од вашите кокошки, путер од овој, брашно од оној… и со сите се знаете лично

Нашите пријатели од селското домаќинство веќе познато ширум земјава, па и надвор од неа, „Пирустија Неданоски“ од охридското Рамне, се извор на инспирација, постојано и секојдневно. А кога уште рано наутро ќе објават што појадувале, цел ден од глава нема да ви излезат.

Домаќинката на семејството Неданоски, убавата Наташа Неданоска, професорка по македонски јазик која онака патем, меѓу часовите и правењето погачи, зелници и фокачи, пишува и поезија, ни ни го разбуди апетитот уште изутринава.

Вели, здрав сендвич доручек. А се состои од, читајте внимателно: интегрална фокача со кисело тесто, односно, тесто направено од домашна маја, домашен путер, младо кравјо сирење, селско јајце, бејби рукола и магдонос. Фокачата направена со кисело тесто е со интегрално брашно од вевчанската мелница на камени млинови, подарок од Pansion Kutmičevica – Vevčani, путер од Aya Farm , Тетово, сиренцето е домашно, си го прави сама, со тазе кравјо млекце од кравичките од с.Лакочереј од млекарот Бранко, кој им носи секоја сабота до дома, јајцата се од нивната мини- фарма, од убавиците Италијанки и Граорки кои се претежно пуштени во селскиот двор и за кои се грижат, домаќинот и сопруг на Наташа, Васко Неданоски и дедо Ристо, рукола и магдонос (македан), си садат повторно сами, во нивната бавчичка, како што вели Наташа, органски третирани и со љубов негувани.

И? Што велите на ова? Од кога не сте пробале вистинско млеко, сирење и путер? Или пак леб, погача, фокача, што и да е, од кисело тесто? Или од кога не сте си набрале нешто свое од бавча, за кое сте сигурни дека не е напрскано со разноразни отрови? Или од кога не сте пробале вистинско јајце туку ги „таманите“ оние од маркетите и мислите дека сте јаделе нешто здраво?

Епа вака изгледа долгогодишното секојдневје на овие вредни луѓе чии деца растат здрави и вредни на чист воздух и со домашна храна, онака, како некогаш… Ете, како што пишува Наташа, ова е тоа, без животни филтри и фолирања, секој ден исполнет со многу работа, ама и со здравје.