На вегетаријанска гозба – во Хром

318

Кога одите на гости на 35 степени Целзиусови, токму на пладне и си викате- што ми требаше сето ова, а ве дочекуваат со освежително Мохито и со најфантастичната вегетаријанска гозба… Верувајте, повеќе не се прашувате што ви требаше сето ова, седнувате и уживате до последниот залак.

Веројатно почесто се случува луѓето кои ги знаете со години, во некој момент од тие години да ве разочараат и да излезат поинакви од тоа какви што сте мислеле дека се.

И тоа не е некое пријатно искуство, иако многумина се тешат па велат дека е сепак животно школо.

Но од друга страна, убаво е кога некој ќе ве изненади во позитивна смисла.

Сте знаеле некого со години, сте работеле заедно извесен период, но не сте се зближиле никогаш.

Едноставно, сте имале некаква поинаква слика.

И наеднаш, после извесно време, дознавате дека сликата која сте ја имале за него (во случајов, за неа), била сосема погрешна.

И за ова може да се каже дека е животно училиште, а лекцијата се вика: Запознајте ја личноста за да можете да ја засакате!

Мојата поранешна колешка Наташа Димитриевска (Кривошеев) која ја знам со години, ми се чини дека ја запознав дури откако почнав да ѝ ги читам книгите.

Особено онаа, за мајка ѝ – „Ласа“.

Читав и се мислев: Како сум можела да не забележам дека е таков емотивец?!

А многу ги сакам таквите луѓе.

И замислете сега уште и ако имате сличен вкус за храна, па уште и ако ве викне на гости во недела…

Да, да, важно е денот да е недела.

Зошто?

Па во недела Наташа си приготвува неколку оброци за да не мора да готви барем во текот на неделата.

И да, тоа е супер ден за да ѝ одите на гости.

Мене ме „купи“ за цел живот со нејзиното летно мени подготвено на поинаков начин. Токму онака како што сакам.

А сѐ почна со една превкусна домашна „путерка“. И плус: рукола, потпечени и добро зачинети ленти од моркови, шери доматчиња и ленти од тврд кашкавал, сѐ добро зачинето со маслиново масло, оцет балсамико и сос од калинки.

Можеби не ви звучи како нешто посебно, ама верувајте, тие потпечени тенки ливчиња морковчиња ѝ даваат сосема поинаков вкус.

Мислам, освен тоа што путерката и руколата беа домашни.

Во план беа и тенки листови пршут, кои поради мојата определба стара малку повеќе од две години, наместо во чинијата со салата, завршија само во чинијата на домаќинката.

И одлично мохито. А како да не е одлично кога Наташа го направи по сите тертипи, со рачно истолчени ливчиња од домашно нане и лимета.

За аромата што се рашири низ станот, да не ви раскажувам.

И потоа, се знае, искршен мраз, бел рум и газирана вода.

И кога мислите дека сте толку сити што веќе не можете да ставите ништо во уста, Наташа допрва почнува да ги реди нејзините мераклиски порции.

Моите омилени модри патлиџани, најдоброто вегетаријанско месо, во сос од црвени домати.

Долгозрнест ориз, онака сув, да се двои зрно по зрно, па уште и со мелени ореви и сува брусница, па вкусна проја со многу семки, сирење и маслинки,…

Свежо, лесно и од вкусно повкусно и сето тоа во цветна атмосфера на нејзиниот балкон кадешто се чини како да е зборно место на сите птици од Хром и околината.

А да, имаше и ланч-пакет. Уште некое парче проја и десертот за кој после сѐ, веќе немате место.

Да, сето ова изгледа како едноставно и вообичаено летно јадење, ама верувајте, имаше нешто посебно во секој залак, па дури и на 35 Целзиусови.