На Земјоделскиот институт се експериментира со медовина: За иновативниот производ и некои трендови во земјоделството…  

1.172

Марија Ѓошева-Ковачевиќ, од Земјоделскиот институт во Скопје ни раскажа за своите истражувачки активности кои се насочени главно кон развој на социоекономската состојба на руралниот сектор, со посебен акцент на руралната економска диверзификација, односно, проширување на дејноста на руралните домаќинства. Ни раскажа сѐ и за медовината која се произведува во рамки на Институтот, но и по нешто за себе и за своите навики

Во периодот кога нашата соговорничка Марија Ѓошева–Ковачевиќ се запишувала на факултет, нејзината одлука да студира на Земјоделски била прифатена со големо изненадување од блиските соученици и пријатели, кои тогаш се запишувале главно на студии на општествени науки. Сите ѝ укажувале дека изучувањето на земјоделските науки не е за оние што живеат во урбани средини.

Сепак, љубовта и размислувањето дека производството на храна и чувањето на природата е од многу посуштествено значење од сите останати науки, како за нашиот опстанок така и за опстанокот на планетата Земја, преовладале и таа се запишала на лозаро-овоштарската насока бидејќи, како што вели, е голем љубител на овошјето, грозјето и виното.

Потоа, во текот на своите магистерски и докторски студии работела на различни проектни активности во владиниот, невладиниот и приватниот сектор, искуство кое, вели, ѝ овозможило да ги согледува и анализира сите состојби и предизвици на нашиот земјоделски сектор, креирањето на јавните политики од една страна и реалната социекономска положба на руралното население од друга страна.

Веќе две години работи како научен истражувач во одделението за Агробизнис, економија и рурален развој на Земјоделскиот институт во Скопје.

„Оваа нова димензија во моето работно искуство ми дава верба дека со блиската соработка со земјоделците, научните истражувања применети во праксата можат да дадат најголеми резултати во напредокот на земјоделскиот сектор и руралниот развој, што е сè уште синоним за заостанатост и сиромаштија. Тука би напоменала дека нашата земја не издвојува доволно средства за инвестирање во науката и истражувањето, но се надеваме дека ваквата состојба ќе се промени и креаторите на политики ќе го препознаат значењето на истражувачките институции не само во земјоделството и руралниот развој, туку и во сите останати сектори“, вели Марија.  

За руралната сиромаштија и проширувањето на дејноста на руралните домаќинства

Нејзините истражувачки активности се насочени главно кон развој на социоекономската состојба на руралниот сектор, со посебен акцент на руралната економска диверзификација (проширување на портфолиото од производиресурси или инвестициии).

„Ова е многу актуелна тема со оглед дека руралните средини се соочуваат со многу предизвици, како што се стареењето на руралната популација, силната миграција, ризиците во земјоделското производство, силната земјоделска конкуренција, руралната сиромаштија, климатските промени и друго. За да ја подобрат својата благосостојба, руралните домаќинства сѐ повеќе размислуваат да ги диверзифицираат нивните економски активности и освен со земјоделство, да се занимаваат и со неземјоделски дејности, како што се производството на традиционална храна, собирање на лековити, ароматични и украсни растенија, рурален туризам, вреднување на природните предности и традиционалниот изглед на руралните заедници, рачни изработки и друго. Целта на ова е да ги зголемат своите приходи и да го намалат ризикот што го носи со себе земјоделското производство, особено кога е уништено или загрозено од неповолните временски прилики или неповолните пазарни услови. Меѓутоа, според истражувањата и прекумерната диверзификација е негативна“, објаснува Марија и додава дека најдобри резултати покажал моделот на ниво на домаќинство за управување со ресурсите кој е насочен кон диверзификација на приходите, со доминантна активност и дополнителни доходовни активности, но без занемарување на приходите од земјоделство.

Во тој контекст, нашата соговорничка ја спомена медовината која се произведува во рамките на Институтот, како пример за рурална диверзифицикација, што како релативно нов производ на нашиот пазар има потенцијал да ја збогати руралната понуда на домаќинствата кои сакаат да го произведуваат и да го нудат во руралниот туризам. 

За идејата за производство на медовина

Идејата за производство на медовина се родила случајно, кога како резултат на добрата соработка со Амбасадата на Република Словенија, во дворот на Земјоделскиот институт бил поставен словенечки тип на пчеларник т.н. АЖ, за две пчелни семејства.

„Овие сандачиња се нетипични за нашето поднебје и претставуваат посебна атракција, поради убавиот изглед и изработка. Честа е уште поголема бидејќи ваков пчеларник Република Словенија подарила досега само на неколку земји со кои има исклучителна добра соработка, а ние сме една од нив. Со средствата од проектот за медовината на општина Гази Баба, пчеларникот го надградивме со уште 4 пчелни сандачиња, поставени во кругот на Земјоделскиот институт. Овој пчеларник иако е поставен во урбана, а истовремено и индустриска средина во населбата Автокоманда и за кој имавме големи дилеми дали локацијата е соодветна, пчелните семејства одлично се развиваат и собираат мед и полен од пашата од парк шумата Гази Баба, која ни е во непосредна близина. Особено сакам да потенцирам дека пчелите кои се во нашиот пчеларник се од нашата автохтона македонска пчела Apis mellifera macedonica, со цел да придонесеме во нејзиното зачувување на нашите простори. Нашето производство на мед е во мали количини, но сосема доволни за истражувачки цели, како и за дегустација на мед со колегите“, вели Марија.

Прв вински напиток во историјата на човековото постење

Инаку, медовината, која се смета како прв вински напиток во историјата на човековото постење, како пчелин производ ја има во асортиманот на пчелни производи во некои земји, но кај нас не е позната како таква.

Во изработката на проектот за производство на Медовината и неговата реализација бил вклучен тим од 6 студенти, кои се запишани на втор циклус студии од областа на винарството и агроекономијата.

„Грижата за одгледувањето на пчелните семејства на Земјоделскиот институт поттикнаа креативност кај експертите со високо познавање на технологијата на производството на вино, со лидерство од страна на д-р Душко Неделковски и неговиот најблизок соработник, младиот студент и пчелар Виктор Рајчин, да размислуваат за Медовината како иновативен производ во пчеларството и винарството. Д-р Душко Неделковски, како голем познавач на лозарството и винарството, со голема страст и желба, а претходно разгледувајќи ја расположливата литература и изнаоѓајќи што е најсоодветно за нашите услови, заедно со студентите наместо на еден, работеа на добивање на повеќе различни типови на Медовина. Чувањето на пчелите главно го прави нашиот студент Виктор, кој има големо искуство со пчеларењето, но има помош и од другите колеги, кај кои пчеличките ни будат интерес и љубопитност поради нивната атрактивност како инсекти, нивната совршена организираност и улогата во екосистемот“, вели нашата соговорничка.

Во рамките на Институтот тие организираа работилница на која присутните имаа можност да оценуваат и да даваат свои мислења и забелешки за медовината. „На дегустацијата се дегустираа повеќе производи, еден основен иновативен производ, класична Медовина и 7 дополнителни производи: Овошна медовина – Јаболко, Овошна Медовина – Темјаника,  Овошна медовина – Станушина, Пенлива медовина – Темјаника полусува, Пенлива медовина – Темјаника слатка и два типа на  Ликер од мед – Медица. Дегустаторите, кои за прв пат пробуваат вакви производи беа воодушевени од вкусовите и аромите.

Од интересот на луѓето, а и од добиените одговори на дескриптивната дегустациона шема, јасно можеме да препознаеме дека Медовината има голем потенцијал на нашиот пазар, и дека истиот може да се најде во асортиманот на руралните домашни производи и да придонесува за зголемување на приходите на руралните домаќинства.

За што е добро да се консумира медовината?

Медовината или уште народно наречена Вино од мед, e алкохолен пијалак кој се добива со ферментирање на мед со вода, а понекогаш се додаваат разни овошја, зачини, житарки или хмељ. Во многу древни култури, Медовината е позната како „нектар на боговите“ и се смета за прв алкохолен пијалак, користен далеку пред појавата на виното и пивото.  Во некои култури, Медовината се поврзувала со разни обреди и обичаи, се пиела на свадби и обреди за фертилност, како симбол на љубовта и заедништвото. Особено бил популарен меѓу германските и скандинавските племиња, кои верувале дека Медовината им давала сила пред да влезат во битки. Се смета дека Медовината има одредени здравствени предности, вклучувајќи ги антиоксидантните својства и можеби некакви благотворни ефекти врз здравјето. Сепак, потребно е повеќе истражување за да се потврдат овие тврдења. Дали Медовината може да се смета за здрав производ или не, зависи и од тоа како е произведен, како се консумира и во кои количини, како и од индивидуалните здравствени состојби. Медовината може да има различна содржина на алкохол, која обично се движи од околу 6% до 19%, во зависност од рецептот и процесот на ферментација. Поголемата содржина на алкохол значи дека треба да се консумира умерено. На прашањето за што е добро да се консумира, јас би рекла, за добро расположение и во убаво друштво“, се смее таа.

Како се менува перцепцијата за земјоделството и руралниот развој

Што се однесува до студентите, на Земјоделскиот институт се изведуваат 2 програми од втор циклус студии, и тоа Енологија и Органско и биодинамично растително производство.

„Општа моја констатација е дека спротивно на потенцијалот на земјоделството и потребите на нашето општество за развивање на кадри во земјоделските науки, особено поради влијанието на климатските промени и намалување на производството на храна, заинтересираноста на младите за земјоделските науки е многу ниска и има тренд на опаѓање. Овој тренд претставува голема закана за егзистенцијата на селското стопанство и може да има негативни последици за нашата иднина како земја. Како најзначајни фактори за овој тренд се неатрактивноста на животот во село, ниските можности за социјална инклузија, ниските приходи од земјоделските активности, неразвиената инфраструктура и многу други.

И покрај овој негативен тренд, тоа што ми влева надеж е што сретнувам инспиративни млади луѓе, од сите сфери на општеството, кои ја менуваат перцепцијата за земјоделството и руралниот развој. Овие млади се трудат да ја променат стереотипната слика за селските области, а особено е интересно што многумина од нив доаѓаат од урбаните средини и се одлучуваат да избегаат од градскиот напорен живот. За нив, земјоделството не е само професија, туку начин на живот кој им овозможува да го следат својот стремеж кон здрав животен стил, а истовремено да развиваат ефикасни и одржливи системи за одгледување на храна, што има и позитивен ефект врз животната средина“, објаснува Марија.

За убавината на традиционата храна и локалните производи

Кога станува збор за храната, таа вели дека и самата се обидува да користи што е можно помалку преработена храна, тестенини, месо и слатки и овие навики да ги пренесе и на своето семејство. Сепак, признава дека не може да му одолее на вкусот на нашата традиционална храна, како што се питите, македонското ајварче, белото овчо сирење, јуфките, тавче гравчето, слаткото од смокви и многу други.

„Имам слабост и кон слатките, иако свесно се трудам да ги избегнувам кога пазарувам по маркетите. Оваа потреба ја надополнувам со консумирање на мед, што сама го произведувам на мојот мал пчеларник. Секогаш кога е изводливо, ги користам моите блиски врски со локалните земјоделски производители за да купам храна, но мојот динамичен начин на живот во најголем дел ја ограничува оваа можност. Разбирањето на потеклото на храната што ја купувам е од суштинско значење за мене, и постојано се стремам да ги поддржам одговорните мали земјоделски производители кои применуваат одржливи земјоделски практики и се трудат да обезбедат свое место на пазарот по разумни цени. Секогаш кога сум на терен во рурална средина, купувам производи кои се нудат на самите фарми и мислам дека нема поубаво од тие производи“, завршува таа.