Намирници кои можат сериозно да му наштетат на здравјето на мозокот и срцето

Фото: Pexels
322

За да се одржи оптимално здравје, научниците предлагаат да се намали ултра-обработената храна на помалку од 20 проценти од дневниот внес на калории.

Човечкиот мозок управува со широк спектар на сложени функции кои ни овозможуваат да размислуваме, чувствуваме, да се движиме и да комуницираме со светот. Покрај тоа, овој незаменлив орган ни овозможува да стекнеме нови знаења, да решаваме проблеми и брзо да обработуваме информации кои придонесуваат за когнитивните способности, развиените емоции и свесноста. Затоа не е чудно што сакаме да го одржуваме здрав што е можно подолго. Сепак, има многу пречки за ова да се реализира. Една од нив е храната што ја јадеме. Така, бразилските истражувачи, во истражување со 10.000 учесници откриле дека ограничувањето на одредена група на храна во нивната секојдневна исхрана може да помогне во долгорочното здравје на мозокот.

Преработената храна е поврзана со когнитивен пад

Ова не е првпат истражувачите да заклучат дека ултра преработената храна негативно влијае на здравјето. Студијата презентирана на Меѓународната конференција на Здружението за Алцхајмеровата болест во Сан Диего во 2022 година покажала дека постои поголема веројатност за когнитивно опаѓање ако повеќе од 20 проценти од дневните калории доаѓаат од ултра-обработена храна.

Истражувачите ги проценувале учесниците 10 години. По завршувањето на студијата, направено е когнитивно тестирање, врз основа на кое истражувачите заклучиле дека оние мажи и жени кои јаделе најголеми количини на преработена храна доживеале 28 проценти побрза стапка на глобално когнитивно опаѓање. Еден од авторите на студијата истакнал дека во Бразил, ултра-обработената храна сочинува од 25 до 30 проценти од калориите во просечната исхрана.

„Имаме синџири за брза храна и јадеме многу чоколадо и бел леб“, изјавила д-р Клаудија Суемото.

Освен во Бразил, докторката открила дека калориите од ултра преработената храна не заостануваат ниту во другите западни земји. Така, во САД ултра преработената храна сочинува 58 отсто, во Велика Британија 56,8 отсто, а во Канада високи 48 отсто.

Што сметаме за ултра-преработена храна

Во споредба со преработената храна која има додаден шеќер, сол, масло или други минимални состојки за преработка, ултра-обработената храна настанува со екстракција на супстанции.

„Екстракциите доаѓаат од масти, скроб, додадени шеќери и хидрогенизирани масти. Овие намирници, исто така, веројатно ќе содржат вештачки бои и вкусови, стабилизатори или други адитиви неопходни за нивно зачувување“, вели Харвард Хелт.

Ултра-обработената храна обично е пакувана. Тоа може да бидат разни колачи, грицки и слатки. Замрзнатите оброци, безалкохолните пијалаци, виршлите и саламите исто така содржат долга листа на хемиски состојки. И брзата храна се смета за ултра-преработена со оглед на тоа дека се формира со помош на адитиви и екстрахирани состојки.

На кои други болести влијае оваа форма на исхрана?

Ова не е единственото истражување кое ја поврзува ултра-преработената храна со когнитивното опаѓање. Една таква студија, објавена во The Journals of Gerontology, заклучила дека потрошувачката на ултра-обработено месо, масла и намази е поврзана со когнитивно намалување кај постарите возрасни лица со дијабетес тип 2. Друга студија, објавена во Nutrition, покажала дека оваа храна негативно влијае на цревната микробиота, која може да го поттикне развојот на невродегенеративни болести со значително опаѓање на когнитивните функции.

За жал, мозокот не е единствениот дел од телото под влијание на ултра-обработената храна. Високиот калориски внес на оваа храна доведува до слабеење на мускулната сила и зголемен ризик од кардиоваскуларни и коронарни срцеви заболувања, цереброваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и зголемен ризик од смртност од сите причини. Поради сето горенаведено, обидете се да ја намалите ултра-преработената храна на помалку од 20 проценти од внесот на калории.