Не е мек како белиот, црн е и тврд, ама здрав и вкусен: Леб од интегрално брашно со многу семки

1.170

Да, знаеме дека белиот леб мек како памук им е омилен на сите, ама нам ни е интегралниот повкусен. И не само затоа што е здрав

Кога ќе видат црн леб, многу луѓе превртуваат со очи. Де, како ѓон бил тврд, де не можело со него убаво да се мака, де „бел си е бел“. Понекогаш дури се чувствувам како изрод кога ќе кажам дека мене омилено јадење ми е вариво од црвена леќа со чили пиперче и евентуално, но и не мора, со еден сладок компир (батат) и 2-3 парчиња интегрален леб.

Ме гледаат онака како да ми фали нешто, па си викам, којзнае, можеби се во право, ама сепак, ако треба да бирам меѓу прасечко или незнам какво печење, па дури и меѓу риба, школки, лигњи и други морски прекраснотии, на 101 начин, сепак како омилено јадење ќе го одберам ова, леќата и црното лепче. Не поради некаква скромност или аскетизам, баш сум гурман, туку навистина ми е највкусно. А зошто чувствувам потреба да им објаснувам и да се правдам?! Да, многу сакам и корења да јадам, од сите видови, роткви, дајкони, цвекла, моркови, ѓумбири, рендани и добро зачинети.

Еве го и рецептот за интегралниот леб полн со семки. Вкусен е како десерт.

Состојки:

500 г интегрално брашно
1 кесичка сув квасец (или половина свеж)
1 дцл топло млеко

1 лажичка шеќер
2 лажички обично брашно

2 лажици ладно цедено масло од сончоглед
малку сол (по избор)
мелени семки од тиква, сончоглед, лен
топла вода по потреба

Приготвување:

На околу 1 дцл топло млеко додадете една лажичка шеќер и 2 лажички брашно. Добро измешајте и додадете сув квасец (или свежиот квасец издробете го со прстите). Оставете ја смесата да нарасне на топло место додека ги мешате брашното и другите состојки.

Во поголем сад ставете околу 500 г интегрално брашно, посолете по желба и додадете од семките колку што сакате. Ние ставивме околу 2 лажици семки од тиква, 2 од сончогледи и 2 лен.

Само на површината на лебот ставаме сусам. Сите состојки убаво измешајте ги со лажица.

Направете дупче во средината и додадете ја смесата од квасецот, нежно измешајте со брашното. Додадете топла вода малку по малку (ќе ви требаат околу 2 дцл, можеби уште малку) и полека измешајте го брашното во смесата. Кога смесата ќе стане изедначена, додадете уште малку брашно додека не почне да се одвојува од садот и кога веќе не се лепи за прстите. Оставете го тестото да одмори во садот и покријте го со кујнска крпа.

По околу половина час тестото треба да нарасне, па промешајте го и оставете го повторно да одмори додека смесата да се удвои.

Кога тестото ќе нарасне доволно, измешајте го и префрлете го во тава за леб подмачкана со масло. Површината на тестото се премачкува со вода и се поросува со семки по желба (сусам).

Вклучете ја рерната на 200°. Додека се загрева рерната, лебот во калапот повторно ќе нарасне. Кога рерната ќе се загрее, печете околу 40 минути.

Кога ќе се испече лебот, извадете го од калапот, поросете го со малку вода и завиткајте го во чиста крпа и оставете го да се излади. Доколку сакате потврда кора, не е потребно да го прскате со вода.

Домашниот леб е секогаш 100 пати подобар од купечкиот леб, особено кога е толку здрав како овој.

Лебот останува свеж многу долго (дури и неколку дена). Ако мислите дека нема да можете да го изедете во рок од ден-два, можете да го замрзнете. Кога ќе го извадите од замрзнувач е уште вкусен.