Не е само морковот: Пет фантастични намирници кои се одлични за здравјето на очите

Фото: Pexels
213

Храната која помага за здравјето на очите и за подобар вид не завршува само со бета-каротен.

Зеленчукот и овошјето со портокалова боја, како што се моркови, кајсии или пиперки, се здрави за очите и го штитат видот. Бета-каротенот, провитаминот на витаминот А кој на овие намирници им дава портокалова боја, ѝ помага на мрежницата и на другите делови на окото да функционираат подобро, штитејќи ги од оксидативното оштетување предизвикано од светлосните зраци, кои се главната причина за макуларна дегенерација.

Сепак, храната која помага за здравјето на очите и подобар вид не завршува само со бета-каротен.

Иако нивната поврзаност со здравјето на очите е помалку позната, некои други витамини и минерали исто така играат клучна улога во одржувањето на добриот вид.

Зелен лиснат зеленчук

Зелениот лиснат зеленчук е богат со лутеин и зеаксантин, каротеноиди кои се неопходни за здравјето на очите. Колку овие супстанции се важни за човековиот вид најдобро покажува фактот дека очите се вистинско складиште на каротеноиди, а лутеинот и зеаксантинот се особено концентрирани во мрежницата и леќата на окото.

Истражувањата покажале дека внесувањето на овие супстанци може да помогне во развојот на нормален визуелен систем кај децата, а исто така треба да се нагласи дека доволно внесување на овие супстанции во текот на животот може да го зголеми видното поле и да ја намали непријатноста предизвикана од блесокот на компјутерските монитори и ТВ екраните. Дополнително, откриено е дека комбинацијата на овие две супстанции го скратува времето за опоравување на окото од фотострес.

Јајца

Жолчката од јајце е богат извор на лутеин и зеаксантин, како и цинк, кој има важна улога во многу ензими во мрежницата и исто така помага да се намали ризикот од развој на макуларна дегенерација.

Агруми и бобинки

Овие видови на овошје се богати со витамин Ц, кој докажано го намалува ризикот од развој на макуларна дегенерација и катаракта. Покрај тоа, витаминот Ц е важна структурна компонента за зајакнување на капиларите и градење на колаген.

Друга важност на бобинките е тоа што тие се богати со антоцијани кои го подобруваат ноќниот вид, а студиите покажале дека 100 мг боровинки може да ја подобрат адаптацијата на окото кон темнината во рок од 30 минути.

Бадеми

Бадемите се богат извор на витамин Е, кој, како што покажуваат бројните студии, ја забавува макуларната дегенерација и го спречува развојот на катаракта. А само една шака од овие јаткасти плодови е доволна за да обезбеди половина од дневната потребна доза на витамин Е.

Масна риба

Туната, лососот, скушата, сардината и пастрмката се богати со DHA масна киселина, која е присутна и во мрежницата на нашите очи. Инаку, ниските нивоа на овие масни киселини се поврзани со симптоми на суво око.

Оваа киселина содржи дури 30 проценти од добрите масти кои се наоѓаат во мрежницата на окото, мозокот и надбубрежните жлезди, а студиите покажале дека со земањето на тие масти се подобрува координацијата рака-око и можат полесно да се препознаат далечните предмети.