Неколку идеи за лесни и брзи салати за топлите летни денови

Фото: Unsplash
1.307

Ако сакате да ја избегнете топлината на шпоретот во текот на летото, поиграјте си со салати и свежи и здрави намирници. Избравме неколку рецепти за ладни салати кои можете да ги пробате во овие топли денови

Кога температурата на термометарот е над 30 степени и немате желба да правите ништо, а камоли да готвите, тогаш салатите го спасуваат денот! Тие не мора да бидат обични салати, какви што обично јадеме како прилог на главното јадење, туку „појаки“ – совршено пристоен, хранлив оброк.

Еве ги нашите идеи за вкусни салати за кои нема да поминувате многу време покрај шпоретот.

Кус кус со туна и зеленчук

Одличен оброк во форма на салата од кускус, туна, чери домати и уште неколку состојки. Оваа вкусна салата е полна со хранливи и здрави состојки, а најдобриот дел е што остатоците можете да ги изедете како ужина!

Состојки:

1/2 чаша кус кус
парчиња или филети туна
домати
пиперка
сол, црн пипер
маслиново масло
балсамико оцет
капари (по желба)
босилек, сечкан власец (по избор)

Приготвување:

Кускусот се прелива со врела вода и се остава 5 минути да се впие течноста.

Зеленчукот се мие и се сече на помали парчиња. Туната се дроби на помали парчиња со вилушка.

Кускусот се меша со туната и зеленчукот, се зачинува и се меша.

Мароканска салата со лубеница и краставици

Во лето нема подобро овошје од лубеницата, ниту зеленчук од краставицата. И двата вида се полни со вода и идеални за освежување во топлите летни денови. Се подразбира колку добро функционираат во комбинација, а кога ќе се додадат и ф’стаци како крцкава компонента, целото јадење добива нов, совршено заокружен оброк.

Состојки:
лубеница
свежи краставици
ф’стаци
кромид
рукола
фета сирење
оцет по желба
маслиново масло
сол, црн пипер

Приготвување:

Лубеницата, краставицата и кромидот се сечкаат на помали парчиња.

Додадете фета исечена на коцки и малку потпечени ф’стаци. Полека се меша и се додава маслиново масло, сол, црн пипер и малку оцет. Протресете и послужете ладно.

Морска салата со инчуни

Салата која се јаде на море, покрај море и кога сакате да се потсетите на морето и да го доближите до себе. Лесните медитерански вкусови измешани со инчуни ќе го донесат морето во вашата чинија.

Состојки:
инчуни
јајца
пченка
свежи краставици
боранија
домати
кромид
зачински билки по желба
маслиново масло
сок од лимон
сол, црн пипер

Приготвување:

Во поголем сад измешајте ги сечканите домати, инчуните и кромидот. Потоа додадете ги исечканите варени јајца, накусо сварената боранија и пченката. Направете го преливот мешајќи ги маслиновото масло, сокот од лимон, сол и црн пипер.

Салата се прелива непосредно пред послужување, а на крајот се додаваат и зачински билки по желба, на пример, копар.

Тестенини со пилешко

Совршен оброк кој можете да го подготвите однапред и да го однесете на работа, на пикник или на забава со пријателите. Оваа салата од тестенини, пилешко и зеленчук се јаде ладна и сама по себе бидејќи состојките кои влегуваат во неа се доволни да ве заситат, разладат и развеселат.

Состојки:
пилешки гради
брокула
тиквички
домати
пиперка
павлака или грчки јогурт
тестенини
Кокосово масло или масло по ваш избор
сол, црн пипер и зачини по желба
сок од лимон или лимета

Приготвување:

Месото, доматите, пиперките и тиквичките исечкајте ги на помали парчиња. Сварете ја кратко брокулата во врела вода или на пареа.

Пилешкото зачинете го и пропржете го на кокосово масло или масло по ваш избор. Кога ќе биде готово, одвојте го во посебен сад.

Сварете ги тестенините според упатството. Измешајте го исечканиот зеленчук со пилешкото и додадете малку павлака или јогурт и лимон или лимета.

Во смесата се додаваат сварените тестенини и се мешаат. Изладете и послужете!