Ново истражување: Хартиените сламки можеби не се подобри за животната средина од пластичните!

Фото: Pexels
128

Долготрајните „вечни хемикалии“, кои се потенцијално штетни за луѓето, животните и животната средина, се пронајдени во 18 од 20 видови хартиени сламки, открија белгиските научници. Освен хартиени, во истражувањето биле опфатени сламки од бамбус, стакло, пластика и нерѓосувачки челик и како најбезбедни се покажале последните

Научна студија покажа дека таканаречените еколошки хартиени сламки содржат долготрајни и потенцијално токсични хемикалии, поради што можеби не се подобри за животната средина од пластичните верзии, известуваат повеќе странски медиуми, меѓу кои и NBC News.

Сѐ поголем број земји, како што се Велика Британија и Белгија, ја забрануваат продажбата на пластични производи за еднократна употреба, вклучително и сламките. Меѓутоа, белгиските научници тестирале 20 видови хартиени сламки, а во 18 од нив биле пронајдени таканаречените вечни хемикалии кои траат долго и можат да бидат штетни за луѓето, животните и животната средина.

Истражувачите добивале сламки главно од продавници, супермаркети и ресторани за брза храна. Сламките се направени од пет материјали, вклучувајќи хартија, бамбус, стакло, пластика и нерѓосувачки челик.

По тестирањето за PFAS, било утврдено дека повеќето брендови, 27 од 39, односно високи 69 проценти, содржат PFAS. Најчестиот наод бил токму во оние од хартија, дури 90 отсто од тестираните производи содржеле PFAS. По хартијата следеле сламките од бамбус, каде PFAS бил пронајден во четири од пет видови, а потоа три од четири видови пластични сламки и две од пет стаклени сламки, според истражувањето објавено во списанието Food Additives and Contaminants.

Важно е да се нагласи дека ниту еден од тестираните типови на челични сламки не содржел PFAS. Научниците го објаснуваат откривањето на хемикалии во хартиените сламки преку водоотпорната обвивка што се користи во некои случаи.

За какви хемикалии станува збор?

Станува збор за хемикалии кои се задржуваат речиси трајно во воздухот, водата и почвата. Тие често се откриваат во пакувања за храна, козметика, теписи, мебел и текстил, како што се кабаниците или облеката за вежбање.

Претходните истражувања во САД, исто така, открија PFAS во хартиените и други сламки од растително потекло, меѓу многу други видови садови за готвење и амбалажи.

Изложеноста на PFAS може да биде поврзана со ниска родилна тежина, висок холестерол, болести на тироидната жлезда и зголемен ризик од рак на бубрезите и црниот дроб, но истражувачите сè уште учат за овие здравствени ризици и не се сигурни кои нивоа на изложеност се проблематични.

Тимо Грофен, автор на новата студија и научник за животна средина на Универзитетот во Антверпен, рекол дека не е јасно дали производителите на сламките што тој ги анализирал намерно додаваат PFAS како водоотпорна обвивка. Други можности, рекол тој, се PFAS случајно да заврши на сламките во текот на производствениот процес или сламките од бамбус да имаат траги од PFAS поради растенијата што се одгледуваат во контаминирана почва.

Греам Писли, кој ги проучува PFAS на Универзитетот Нотр Дам и не бил вклучен во новото истражување, рекол дека е можно производителите да не ги тестираат хемикалиите во нивните сопствени производи.

„Сите производители на цевки би требало да го прифатат предупредувањето и да кажат: „Еј, дали ние ги користиме овие работи?“ Затоа што во моментов тие не го ни поставуваат тоа прашање“, вели Писли.

Грофен вели дека корисниците на цевки веројатно не треба да паничат поради нивниот индивидуален ризик.

„Ова е само еден многу мал извор на дополнителна изложеност што може лесно да се избегне, но не очекувам дека цевките сами по себе ќе бидат многу штетни“, рекол тој.

Но, додал дека, бидејќи PFAS се акумулира во телото, луѓето треба да ја намалат изложеноста каде што можат: „Сето тоа се собира заедно со другите начини на изложување и комбинацијата може да предизвика здравствени последици“.

Дали PFAS истекува во храната и водата?

Истражувачите не тестирале дали PFAS истекува од сламките во пијалаците или дали употребата на цевки нужно предизвикува некој да ги внесе хемикалиите.

Треба да се напомене дека претходно биле откриени многу повисоки концентрации на PFAS во носачите за пијалаци, во пакувањата за носење на храната дома и во кесите со пуканки за микробранова печка.

Според Писли, количината на PFAS што се пренесува од пакувањето на храната и пијалаците е генерално минимална, особено ако предметите не се долго во контакт.

„Ако оставите цевката да отстои еден ден во водата, ќе внесете малку во водата, но колкумина од нас ја оставаат сламката во вода еден ден, а потоа уште пијат од неа?“, вели тој.

Одмерување на штетите од хартиените наспроти пластичните сламки
Различни држави, вклучувајќи ги Калифорнија, Колорадо, Њујорк и Орегон, ги забранија пластичните сламки од прехранбените објекти во последните пет години, а синџирите како Старбакс постепено ги укинаа.

Главната причина е што сламките генерално не можат да се рециклираат, па се трупаат во депониите, изгоруваат во печки за согорување или стануваат ѓубре што ги загадува океаните, реките, езерата и потоците. Бидејќи пластиката не се распаѓа лесно, таа може да опстојува во околината до 200 години, загрозувајќи ги животите на морските цицачи.

Сламките од хартија и бамбус добија на популарност како алтернативи, но истражувачите велат дека лекот понекогаш не е многу подобар од болеста.

„Ако доаѓаат со PFAS на нив, тие веќе не се толку еколошки“, вели Писли.

PFAS може да истече од депониите во водата и почвата и да има токсични ефекти врз животните, вклучително и оштетување на црниот дроб или репродуктивни проблеми. Студијата на Грофен открила едно особено соединение кое е високо растворливо во вода, трифлуороцетна киселина, во пет хартиени сламки и една сламка од бамбус.

Но, Грофен вели дека сламките од растително потекло сѐ уште се подобри за животната средина од пластиката.

„Сè уште би очекувал пластичните сламки да бидат поштетни за животната средина, бидејќи, се разбира, имате и деградација на пластиката во микропластика што може да ја консумираат животните“, вели тој.

Истражувачите се согласиле дека сламките од нерѓосувачки челик се подобри во однос на хартијата, бамбусот или пластиката, но се прашуваат дали луѓето ќе ги прифатат широко.

Кога би можеле сите да се префрлиме на нерѓосувачки челик, тоа би било одлично, но останува прашањето, колку е практично.