Од кожни војнички, во гумени лозарски чизми: До неодамна воено лице, а сега само винар кој докажа дека и Прилеп може да биде Кавадарци

1.864

На светскиот вински натпревар Декантер 2023 неговиот Вранец Барик освои сребрен медал, а Гоце Станоески ја постигна целта – да го побие стереотипот дека Прилеп е само тутунски регион. Неговата следна цел е да поттикне и други негови сограѓани да навлезат посериозно во правењето вино, а потоа да формираат и здружение по угледот на малите семејни тиквешки винарии. Неговата „Сарика“ е првата, а откако Гоце потегнал нога, во Прилеп се регистрирани уште три мали семејни винарии

Војничката упорност поради која прилепчанецот Гоце Станоески, во гумените лозарски чизми е исто толку стабилен и сигурен како што бил и во војничките кои ги носел од 1995-та, сигурни сме, ќе го доведе до остварување на сите негови соништа, особено оние поврзани со „Сарика“, винаријата која е сега веќе позната, препознатлива и успешна дома, но и надвор од границите на Македонија.

Имено, на светскиот вински натпревар Декантер 2023 виното Вранец Барик 2020 на винаријата Сарика освои сребрен медал, а Гоце Станоески ја постигна својата цел – да го побие стереотипот дека Прилеп е само тутунски регион и да покаже дека прилепското поднебје може да даде добар резултат и кога станува збор за вино. Следната негова цел е да поттикне и други сограѓани да навлезат посериозно во производстото на вино и да формираат здружение на мали семејни винарии од прилепскиот регион, по урнекот на тиквешкото. Со оглед на тоа што од минатиот месец е веќе млад пензионер, во рана воена, но заслужена пензија, ќе може целосно да се посвети на својата најголема љубов и страст и да ги оствари сите свои винарски сништа, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на производство на органски, а потоа и на биодинамични вина.

Од семејната традиција долга 80 години, Гоце успеал да изгради квалитетен бренд кој е веќе препознатлив по производство на квалитетно вино за домашниот пазар, а освојува награди и на светски натпревари.

„Иако Прилеп е познат како тутунски крај, сепак се работи за град во кој речиси да нема куќа без вино во подрумот. Најголем број го пијат како комињарник, односно, не го одделуваат виното од комињето. За разлика од кавадаречкиот крај, кај нас количините се под 1000 литри по семејство. Некои грозјето го купуваат, но голем дел имаат и сопствени лозја. Последниве години бројот на лозари е сведен на минимум, така што најчесто грозјето го купуваат од Радобил, Ракле, Фариш и од кавадаречко. Во мојата фамилија, покрај тоа што се произведуваше тутун, имавме и сопствено лозје. Истото е засадено од мојот прадедо и традицијата ја продолжи мојот дедо, татко и сега јас и мојот син Гордан. Сè уште користам грозје од некои лози кои датираат од времето на мојот прадедо Ѓоше кој ја почнал нашата винска приказна во далечната 1937.година, кога го засадил лозјето во месноста Сарика, во близина на Прилеп. Татко ми активно е вклучен во одгледувањето на грозјето, но правењето на вино го отпочнав самостојно во 2012. година“, ја раскажува Гоце својата приказна.

Првиот негов обид бил успешен и следувало само надградување на неговото знаење и интерес за усовршување на вината.

Следувало зачленувањето во здружението „Тиквешки семејни винарии“ каде што се запознал со млади винари, ентузијасти, чија основна цел е иста како и неговата, производство на врвно вино. Со помош на здружението остварил контакти со енолози и почнал да зема часови за производство на вино. Имено, иако до скоро бил воено лице и неговата дотогашна работа немала никаква врска со винарството, тој одлучил да го развие своето хоби и да го издигне на професионално ниво.

„Во виното сè се врти околу лозовите насади и земјиштето. Потребно е да имате вистинска локација за лозје, сорта која ќе биде автентична, а потоа и огромна работа и желба за постојано докажување. Дури после тоа може да се роди голема винска приказна. Инстант приказни во винарството не постојат“, дециден е Станоески.

Освен наградите и веста за пензионирањето, тој има и други новости, а тоа е зголемување на капацитетот на неговата винарија и соба за дегустација за 8 лица.

„Во план ми е да почнам со дегустации за пет сорти на вино, Мускат и Ркацители од белите, Пловдина – розе и Прокупец и Вранец од црвени вина. Прoкупецот е вино со изразена киселина за црвени вина и многу добро се вклопи во прилепското пoднебје, а кај нас го имаат само неколку винарии“, вели Гоце, кој за виното од оваа не толку вообичаена сорта кај нас, добил пофалби и на Денот на Прокупец кој традиционално се одржува во соседна Србија.

И додека некои луѓе се плашат од конкуренција, тој ги поттикнува своите сограѓани кои прават вино за домашна употреба да се охрабрат и да му се придружат во неговиот сон, да направат во Прилеп здружение на семејни винарии од типот на тиквешките.

„Од годинава Прилеп ќе биде побогат за уште три мали винарии кои ги убедив да се регистрираат како мали винарии од типот на „Сарика“. Ако се зголеми бројот на винарии ќе можеме да направиме уште едно здружение и ќе добиеме можност за помош од нашата општина како што винариите од Тиквешијата добиваат помош за етикети, за маркетинг, за настани, кои им се субвенционирани од нивната општина“, објаснува нашиот соговорник Гоце.

Бидејќи од март годинава Гоце е официјално пензионер, тоа значи дека уште повеќе ќе ѝ се посвети на винаријата и на производството на вино.

Гоце ни објаснува дека, поради поднебјето, неговите вина се полесни од оние од тиквешкиот регион и со оглед на тоа што ги прави исклучиво од свое грозје, се оригинал прилепски. Веруваме дека овој вреден и војнички дисциплиниран винар и натаму ќе докажува дека и Прилеп може да биде Кавадарци кога станува збор за квалитетни македонски вина.