Од оригиналниот пијалак од каки во Индијана, до експерименталниот во Скопје: Пиво од јапонски јаболка

269

Овој стар американски стил го воскреснуваат пиварите од Индијана, САД, а кај нас, скопјанецот Марјан Костадиновски – Мац.

Американскиот персимон (Diospyros Virginiana) е овошје кое ги засладувало тамошните жители уште пред „откритието“ на Новиот свет. Раните англиски доселеници забележале дека овошјето се јадело самостојно, се печело во леб, колачи и пудинзи, а дури и семките биле користени за да се направат цврсти копчиња. Но, неговата најчеста употреба можеби била токму во пивото од каки, киселкаст стил кој моментално повторно оживува во Индијана.

Пивото станало главна намирница меѓу робовите кои работеле на плантажите на југ, а кои имале ограничен пристап до свежа и питка вода. Песните за плантажите го спомнуваат уживањето во ова пиво, кое вообичаено се подобрувало со додатоци како слатки компири и кора од јаболка. Вест Тарнер, поранешен роб во Вирџинија, напишал дека оставајќи ги плодовите да ферментираат во буре со вода, лушпи од сладок компир и неколку парчиња пченкарен леб, се добива слатко пиво од каки. Во својата книга „The Cooking Gene“, кулинарскиот историчар Мајкл Твити нуди рецепт за пивото од каки на неговата баба од Југот, каде овошјето се вари во вода и пулпата се ферментира со месеци во тегла со иглички од црвен бор, шеќер и мед.

Неодамна, пиварите во јужна Индијана се обидоа да експериментираат со автохтоното овошје и да ги вратат рецептите кои биле дел од националната историја. Во својата современа форма, пивото од каки често е кисело бледо пиво, со горни ноти на каки, круша и праска и свежа, сува завршница.

Кај нас, пиво од каки направи скопјанецот Марјан Костадиновски – Мац, сопственик на порталот „Сакам пиво“ и на првата специјализирана продавница за пиво во Македонија, која по неколкугодишен прекин, од 2020. е повторно активна на новата локација на „Максим Горки“ во Скопје (старата адреса беше во ТЦ „Буњаковец“). Во неговата Пивотека може да се најдат речиси сите домашни занаетски пива, но и најдобрите пива од светот. Инаку, Мац е и иницијатор и организатор на веќе традиционалниот Пивски салон во Скопје.

Токму на минатогодишното издание на Пивскиот салон во кафе-бар Макка, имавме можност да го пробаме неговото пиво од јапонски јаболки (каки). А тоа се токму јапонските јаболка кои растат во неговиот двор и биле провокација за ова експериментално пиво.

„Идејата за ова пиво ми дојде сосема случајно. Сакав една црвена ИПА која ја нареков Црвенкапа, но ги гледам во подрум гајбите со јапонски јаболка и си реков да ставам нешто и од нив и да видам што ќе се постигне. Јапонските јаболка ги имаме уште од 1985 година во дворот и ги обожуваме. Пробав еднаш и ракија од јапонски јаболки и така и ми дојде оваа идеја за пиво. Малку згрешив затоа што ги ставив додека беа уште тврди што може и да пречи малку на вкусот на пивото, па затоа го оставив да ферментира малку подолго од вообичаеното“, ни раскажа Марјан за своето ново пиво кое минатата година го направил во мала количина, од само 30 литри.

„Откако го направив, седнав да прочитам малку на Интернет дали постои такво нешто и дознав дека во Америка се правело такво пиво пред илјадници години, а најдов и некои крафт пивари од Америка кои подоцна го усовршиле“, вели тој и најавува дека пиво од новата реколта на јапонски јаболка ќе „кува“ и годинава.