Од што ти се чевлите, од комбуха? Кои се девојките кои направија материјал што целосно ја заменува традиционалната кожа

1.185

Три другарки, две биохемиски инженерки и една машинска инженерка се тимот на BioHide, кој креира нов, еколошки и одржлив материјал наменет за модната индустрија, но со можност да се имплементира и во многу други индустрии. Нивната био-кожа ќе даде етичка и одржлива алтернатива за многу секојдневни производи.

Ангелина Серафимовска, Бисера Поповска и Надица Десанова се три верни другарки кои се знаат уште од основно и средно. Тоа, ќе речете, не е ништо особено сѐ додека не слушнете дека нивното другарување значи и нешто многу повеќе од дружба. Всушност, тоа се три девојки чие дружење не значи само заедничко излегување и поминување време во, да речеме, пиење кафе (или дури и комбуха) и зборување за новите чевли и чанти што сакаат да ги купат.

Претпоставувам, дури и ако муабетот им почнал од некои чевли или чанти, тој ги однел до една задничка, многу инвентивна идеја, а тоа е – да направат материјал од кој потоа ќе можат да се прават, меѓудругото и чевли и чанти и многу повеќе, а тоа да не е материјал поради кој ќе треба да настрада некое живо суштество.

Тие успеале да го здружат своето и знаењето на своите ментори и да направат, ни помалку ни повеќе туку био кожа од комбуха.

Да, да, од комбуха.

Нашата соговорничка Ангелина студира Биохемија и физиологија на Природно-математичкиот Факултет.

„Нашиот тим (BioHide), се состои од три девојки во СТЕМ наукатa (СТЕМ е акроним кој се однесува на наука (Science), технологија (Technology), инженерство (Engineering) и математика (Mathematics). Бисера е биотехнолог, а Надица – машински инженер. Ние сме заедно од нашите рани денови во основно и средно образование, па по толку приватни, но и професионални дружби се роди нашата идеја. Од секогаш сме имале голема почит и љубов кон природата, а особено кон животните, па така некако добивме инспирација и за нашата еко-кожа. Најмногу не инспирираше бабата на Бисера, која дома одгледува комбуха, па ние трите пиејќи го пијалакот кој таа го прави од оваа габа, почнавме да размислуваме како да ја искористиме целулозата која се која се формира како бипродукт во процесот на производство на ферментираниот пијалак комбуха. Таа целулоза ја преработуваме и од неа го добиваме нашиот финален продукт- био кожата. Таа ја има истата функционалност како традиционалната и вештачката кожа, но е биоразградлива и произведена е без да ги загрозува животните“, објаснува Ангелина.

Вели дека по неколку полу-успешни обиди, почнале да го гледаат потенцијалот во нивните експерименти со оглед на тоа што во светот веќе со години расте трендот и побарувачката за биоразградливи одржливи материјали, но и побарувачката за етички произведени материјали.

„Веќе постојат огромни фирми кои произведуваат вакви материјали, меѓу кои и био-кожа од разни органски потекла како, од грозје, од домати итн.

Комбухата, исто така, веќе се користи како алтернатива за кожа, но многу малку и главно од страна на дизајнери и истражувачи, а нејзините потенцијали се далеку од откриени и комерцијализирани. Ние се стремиме да го смениме тоа и нашиот материјал уште од раните фази на прототипирање покажуваше голем потенцијал за исти, па дури и подобри карактеристики од тие на кожата. Токму комбухата е идеална за ваков материјал бидејќи процесот значи нула-отпад, односно, не оставаме никаква трага врз околината и сите состојки се користат одново. И не само тоа туку самиот материјал е биоразградлив и при тој процес на разградување дури и ја потхранува почвата“, вели таа.

Таа вели дека сите компоненти на овој нивен иновативен материјал се целосно органски и не се користи никаков вид на пластика ниту пак некој друг загадувач.

Тимот е веќе во процесот на производство и имаат изработено голем број прототипи и производи.

„Убавината во нашиот материјал е тоа што може да се имплементира во многу индустрии и да даде етичка и одржлива алтернатива за многу секојдневни производи. Покрај тоа што може да се користи во модната индустрија, индустријата за мебел, автомобилската индустрија итн, поради нејзините здрави и природни состојки може да стаса и до таму кадешто кожата не може, како на пример, во индустријата за играчки и домашни миленичиња. Како и традиционалната кожа, овој материјал, ако е правилно чуван и одржуван може да издржи во многу различни услови со години и години“, вели Ангелина.

Покрај нивниот примарен материјал, тие почнале да истражуваат имлементирање и производство на материјали и од други различни состојки кои инаку би завршиле во отпад и имаат големи и глобални планови за развивање на нивниот бизнис. 

„Во сето ова добиваме огромна поддршка од нашите родители и секако, од нашите посветени ментори Јана Клопчевска и Глигор Дачевски кои ни помагаат во секој чекор“.

Освен ова, девојките размислуваат и самите да почнат да произведуваат ферментиран пијалак од комбуха.

„Течноста има толку потенцијални намени што ние сакаме понатаму да ја имплементираме во разни други индустрии како козметичката, фармацевтската и индустријата за средства за чистење“, завршува нашата соговорничка.

Нам ни останува само да им се воодушевуваме поради нивната посветеност за зачувување на животната средина и стремежот кон нула отпад.

Трите девојки цврсто веруваат во можноста за промена која секогаш треба да започне од самите нас, без оглед на тоа колку скромно и безначајно ќе изгледа таа промена.

Овој женски тим минатиот месец доби една од наградите кои ги додели АРНО за младите социјални претприемачи од проектот RISE.