Од зелено не боли глава: Одржлива мода и протеинска храна од инсекти и леблебија

120

„АРНО“ ги прогласи годинешните зелени идеи. Два македонски модни бренда, едниот за ташни со техника за плетење без создавање отпад, а другиот за дизајнерски шапки создадени од остатоци од текстилен отпад од фабрики во земјава. За ембрионска победничка идеја беше избрана онаа на Благојче Нaјдовски за создавање протеинска храна од наут и трутови ларви, приказна која ќе ви ја раскажеме надолго и нашироко.

Вчера (20. јуни) здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците од овогодинешниот натпреварот „Зелени идеи“. Жири комисијата на натпреварот во категоријата зелени идеи ги избра идеите „Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање на отпад. Изработени од самохрани мајки“, на Натали Ристовска- ЈОВАНКА МАИСОН ДООЕЛ Скопје и „Дизајнерски шапки“ на Мирјана Јосифоска  од ДПТУ МИР-ЈОС ДООЕЛ, додека за ембрионска победничка идеја беше избрана идејата на Благојче Нaјдовски „APICO-PRO SUPERFOOD“.
Во трите идеи постои силен бизнис модел за интеграција на локалните заедници, додека во двета постоечки компании видлива е заложбата за регенеративна економија, велат од „АРНО“.
Во жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беа експертите: Марија Ѓошева-Ковачевиќ од „Земјоделски Институт – Скопје”, Миранда Ајдини од Стопанска комора на Северозападна Македонија, Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Глигор Михаиловски од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг – „МКА2000“ и Галена Канингам од „Македонија 2025“.
За националните победници партнерите обезбедија: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги и/или учество во програма CESO SACO на „Македонија 2025“ и бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северозападна Македонија. Oваа година, на трите национални победници АРНО им додели промотивни пакети од еко садливи картички изработени од македонскиот зелен бизнис Визарт-поранешен победник на натпреварот.

„И годинава, како и лани, имаме победничка идеја поврзана со инсекти и протеинска храна, што е и светски предизвик, а ние имаме наши локални решенија. Се радуваме што имаме македонски иноватори. Интересно е што годинава, во 9 години организирање на натпреварот, даваме шанса на две нови компании да ја докажат својата силна заложба за регенеративна економија во областа на модата. Силниот елемент на бизнис модел на социјално претпријатие и вербата дека младите девојки вистински стојат зад зелената димензија го охрабри жирито да каже ДА за одржлива мода. Имаме два македонски бренда многу солидни, подготвени да настапат на пазарот со производи направени исклучиво по нарачка, и ние сакаме да видиме бизниси кои прават и профит и добро за локалните заедници“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Инаку, производите на Мирјана Јосифовска се создадени од остатоци од текстилен отпад од фабрики во земјава, со што тие го намалуваат текстилниот отпад и негативното влијание врз животната средина. Од остатоците создадени за време на производството на шапките, прават помали додатоци за коса – стегачи. Притоа, сите призводи може да се разградат во период од 6 недели до 6 месеци.
„Самата програма на АРНО беше супер вклучувајќи ги и работилниците на кои што учествував пред почетокот на натпреварот и многу ми е мило што во нашата земја се поддржуваат зелени идеи и зелени бизниси“, изјави Мирјана Јосифоска.  

Втората девојка победничка во овој избор е креаторката на Yova или, како што вели, првиот македонски етички моден бренд.
„Рачно изработуваме модни додатоци со техника на хеклање и без создавање на отпад. Се грижиме целиот животен циклус на еден производ да е етички и затворен, а тоа значи дека не само што се грижиме еден производ да има долг рок на траење, туку и за тоа како, со што и под кои услови е направен и што се случува кога неговиот животен век ќе заврши. Како жени основачи, се грижиме за поддршка на жените, па така нашите производи се изработени од самохрани мајки и од жени од ранливи категории и рурални области“, рече Натали Ристовска.

За третиот, според нас и најинтересен од сите, велешанецот Благојче Најдовски, ќе имаме многу повеќе, во посебна приказна, но накратко, неговиот производ Apico-Pro е иновативна алтернатива протеинска  функционална супер храна на база на инсекти за здрав живот за целото семејство.  

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.

Здружението за социјални иновации „АРНО“, деветта година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 85 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019)
,„Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) , „О-круг“ (2021) циркуларен стартап кој од лушпи од портокал произведува еколошки есенцијални масла и освежувачи и „Инсект пилот соба“ (2022 год.) производство нa протеинска храна за миленици од инсекти.