Охриѓани во Скопје, скопјани во Охрид, прилепчани, битолчани, македонски и странски туристи, гурмани и мераклии за домашна храна…Вкусете го Охрид!

264

Слоу Фуд замислува свет во кој сите луѓе ќе можат да уживаат во храна која е добра за нив, добра за оние кои ја одгледуваат и добра за планетата. Нивниот и секако, нашиот пристап се заснова на концепт за храна што е дефиниран со три меѓусебно поврзани принципи: добра, чиста и правична. Токму тоа ве очекува утре (29.јули), од 19 часот на плоштадот кај Долна Порта во Охрид

Откако во јуни се одржа третиот по ред Фестивал на биодиверзитет во Паркот на франкофонијата во Скопје, нашите локални производители од Слоу фуд Македонија не ги фати летната летаргија. Напротив, организираат уште настани и дружби. Утре (29 јули) во организација на Слоу фуд Охрид по вторпат се организира настанот „Вкусете го Охрид – локално“. Од 19 часот на плоштадот кај Долна Порта посетителите ќе можат да вкусат охридски специјалитети приготвени на традиционален начин. И секако, освен производителите од Охрид, тука ќе бидат и сите нивни пријатели – „слоуфудовци“ од цела Македонија.
Инаку, Слоу Фуд-Охрид е дел од слоу Фуд Македонија и преку своите уникатни приказни полни со искрена љубов кон традицијата и локалниот идентитет, промовираат бавна храна наспроти трендот на брза неквалитетна храна.
Слоу Фуд замислува свет во кој сите луѓе ќе можат да уживаат во храна која е добра за нив, добра за оние кои ја одгледуваат и добра за планетата. Нивниот и секако, нашиот пристап се заснова на концепт за храна што е дефиниран со три меѓусебно поврзани принципи: добра, чиста и правична.
ДОБРА: квалитетна, вкусна и здрава храна.
ЧИСТА: производство што не штети на животната средина.
ФЕР: достапни цени за потрошувачите и правични услови и плаќање за производителите.
Настанот „Вкусете го Охрид, локално“ е организиран од движењето „Слоу Фуд“ Охрид со поддршка на Општина Охрид и „Слоу Фуд Македонија“ .
Знаеме дека ќе биде убаво и токму како што најавуваат домаќините: вистинска гастрономска авантура, настан на кој ќе имате можност и да вкусите и да купите, но и да научите нешто ново за широкиот спектар на извонредни производи.

„Подгответе се да тргнете на ароматично патување како ниедно друго! Започнете го денот со шолја инзвонредно топло кафе, стручно сварено до совршенство. Можете да ги вкусите најдобрите домашни органски зеленчуци директно од мала градина, пасти од зеленчук, тегли со разновидни вкусови, домашни џемови и да ја ослободите вашата кулинарска креативност.

Нурнете во светот на охридските традиционални специјалитети, ѓомлезе и кошмишпите, традиционални јадења кои го отелотворуваат богатото кулинарско наследство на овој волшебен регион. Вкусете го рустичниот леб од кисело тесто, вистинско ремек-дело во светот на лебот и доказ за страста на пекарите. Уживајте во саканите класици! Скромниот хамбургер, пица и сендвич трансформирани во занаетчиско ремек дело. За авантуристите, ги очекуваат микробилките и јадливите цвеќиња, кои не само што ќе ја подигнат хранливата вредност, туку и ќе ги вкрстат традиционалното со елеганцијата, ќе им дадат нова нота на старите специјалитети.

Дозволете занаетчиските чоколади да бидат вашето уживање. Прифатете ја посветеноста и стручноста на производството на масло од лешник, течното злато и деликатниот вкус што ги надополнува и слатките и солените креации. Истражете ги најдобрите вина и пива од локалните пивари и винарии и уживајте во сложеноста на вкусовите во секоја голтка“, порачуваат домаќините.