Палестинец одгледува јагоди во јаглен: Како се снаоѓаат палестинските земјоделци на териториите окупирани од Израел (ВИДЕО)

Фото: Фејсбук
425

Поради недостиг на вода, земјоделците на Западниот Брег, окупиран од Израел, сега одгледуваат култури кои имаат помалку потреба од вода. Еден палестински земјоделец за кои известуваат медиумите, направил одржлив систем кој комбинира одгледување на билки со фарма за риби, а јагодите наместо во земја, ги одгледува во јаглен, со вертикален систем

Палестински одгледувач на јагоди, оставен без вода на Западниот Брег, окупиран од Израел, се свртел кон нови методи за наводнување – и вели дека открил изненадувачки придобивки за здравјето на посевите. Високите цени на водата довеле до нов начин на одгледување со аквапонски систем. Тој направил одржлив систем кој комбинира одгледување на билки со фарма за риби (одгледување риби во рибник). Системот ја намалува отпадната вода бидејќи кога ги залеваат билките вишокот на вода се враќа во резервоарот или во рибникот. Освен тоа, станува збор за вертикален систем, па јагодите се берат како плодовите што растат на дрвја.

Овој земјоделец за кој известуваат Радио Слободна Европа, но и други медиуми користи јаглен наместо земја, бидејќи, освен што е пет пати поевтин, спречува и габични заболувања. Водата од рибникот со 20.000 риби се пречистува со минување низ слој јаглен, а резултатите, вели, се извонредни, сладоста на плодовите добиени на овој начин е исклучителна.

Инаку, Израел контролира 80 отсто од водата на окупираниот Западен брег.

Окупацијата на палестинските територии од страна на Израел е систематско кршење на човековите права во масовни размери, а една од нејзините најпогубни последици е влијанието на дискриминаторската политика на Израел врз пристапот на Палестинците до адекватни резерви на чиста и безбедна вода.

Набргу откако Израел го окупираше Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим и Појасот Газа, во јуни 1967 година, израелските воени власти ја консолидираа целосната моќ над сите водни ресурси и инфраструктурата поврзана со водата во окупираните палестински територии (ОПТ). По 50 години, Израел продолжува да го контролира и ограничува палестинскиот пристап до вода во ОПТ до ниво кое ниту ги задоволува нивните потреби ниту претставува правична распределба на заедничките водни ресурси.

Во ноември 1967 година, израелските власти издадоа воена наредба 158, во која се наведува дека Палестинците не можат да изградат нова инсталација за вода без претходно да добијат дозвола од израелската армија. Оттогаш, за екстракција на вода од кој било нов извор или развој на каква било нова водна инфраструктура ќе бидат потребни дозволи од Израел, кои се речиси невозможно да се добијат. Палестинците кои живеат под израелска воена окупација продолжуваат да ги трпат погубните последици од овој поредок до денес. Тие не се во можност да дупчат нови бунари за вода, да инсталираат пумпи или да ги продлабочат постоечките бунари, покрај тоа што им е оневозможен пристап до реката Јордан и изворите на свежа вода. Израел дури го контролира собирањето на дождовница низ поголемиот дел од Западниот Брег, а цистерните за собирање дождовница во сопственост на палестинските заедници честопати се уништуваат од страна на израелската армија. Како резултат на тоа, околу 180 палестински заедници во руралните области на окупираниот Западен Брег немаат пристап до проточна вода, според OCHA (Канцеларија на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања). Дури и во градовите и селата кои се приклучени на водоводната мрежа, чешмите често пресушуваат.

Поради недостиг на вода, земјоделците сега одгледуваат култури кои имаат помалку потреба од вода, а исто така се помалку профитабилни. Додека во минатото тие одгледувале главно агруми и ги извезувале, сега се потпираат на одгледување градинарски култури како тиквички, краставици и тикви, а многу жители биле принудени да најдат работа во фарми лоцирани во соседни израелски населби, кои имаат неограничен пристап до вода.