Печела мафини во стан, а сега ја продава компанијата за 850 милиони долари

Фото: Принтскрин
1

Елизабет Стајн, која првите смеси за печење ги правела и ги продавала од својата кујна во Њујорк, ќе остане на чело на „Purely Elizabeth“ и откако Фереро ќе ја преземе компанијата

Пред 17 години, Елизабет Стајн била нутриционистичка советничка со само десетина клиенти и триатлонка која по трките делела здрави мафини. Денес е сопственичка на успешен прехранбен бренд кој се продава во повеќе од 30.000 продавници низ САД, а компанијата „Purely Elizabeth“ наскоро ќе биде преземена од италијанскиот гигант „Ferrero“ за повеќе од 850 милиони долари.

Стајн, која денес има 45 години, во 2008 година на еден триатлон во американската сојузна држава Њујорк донела домашно печени мафини со боровинки, во кои ставила состојки како киноа, чиа-семки и кокосов шеќер. Таа на трките дотогаш го промовирала своето советувалиште за исхрана, но овојпат вниманието на присутните многу повеќе го привлекле мафините отколку нејзините услуги.

Следната година, тогаш 28-годишната Елизабет повторно се појавила на истата трка, но овојпат со намера да ги продава мафините. Интересот бил огромен. За само неколку месеци вложила 5.000 долари од сопствената заштеда, купила состојки и отворила интернет-страница преку која продавала мешавини за подготовка на мафини.

Производите во почетокот ги подготвувала во својот стан на Менхетен, очекувајќи дека главно ќе ги купуваат нејзините клиенти. Но, уште првиот ден се случило нешто што не го очекувала. Благодарение на линк објавен во тогаш популарниот билтен „DailyCandy“, за само три часа добила нарачки во вредност од 10.000 долари.

Производството набрзо морало да се пресели од нејзината кујна во мала комерцијална кујна во Пенсилванија. Но, токму тогаш почнала приказната за брендот што подоцна ќе стане „Purely Elizabeth“.

Интересно е што производот кој ќе ѝ донесе најголем успех воопшто не бил нејзината првична идеја. Во 2011 година Стајн почнала да размислува како да ја искористи надуената киноа за нов производ и речиси случајно направила гранола.

– Не бев личност која јаде гранола. Всушност, никогаш во животот немав пробано гранола – признала таа.

Нејзината мајка Ненси била првата што ја пробала. Толку ѝ се допаднала што ѝ кажала на ќерка си дека токму тоа треба да биде нејзиниот следен производ. Потоа самата се јавила во 40 продавници во средноатлантскиот регион на САД, а Стајн истата година успеала да го убеди „Whole Foods“ да ја продава нејзината гранола.

До крајот на 2011 година приходите достигнале 200.000 долари, а само две години подоцна брендот веќе се продавал во шест региони на „Whole Foods“ и приходите пораснале на еден милион долари. Подоцна производите стигнале и на полиците на „Walmart“ и „Target“.

Стајн долго време ја градела компанијата без надворешни инвестиции. Дури во 2017 година собрала три милиони долари во првата инвестициска рунда, а пет години подоцна обезбедила уште 50 милиони долари за проширување на производството, инфраструктурата, маркетингот и развојот на нови производи.

До крајот на 2024 година „Purely Elizabeth“ остварувал околу 150 милиони долари годишни приходи и бил присутен кај повеќе од 10.000 трговци. Денес производите се продаваат во повеќе од 30.000 продавници низ САД, а компанијата се очекува годинава да надмине 300 милиони долари приходи.

Сега следува најголемиот пресврт во нејзината приказна. Стајн се договорила брендот да го преземе „Ferrero“, италијанската компанија зад „Nutella“, „Kinder“ и „Tic Tac“. Иако финансиските услови официјално не се објавени, „Forbes“ проценува дека целата компанија е проценета на повеќе од 850 милиони долари. Во договорот е вклучен и уделот на Стајн, која поседува околу две третини од компанијата.

Според проценките на „Forbes“, по плаќањето даноци, на 45-годишната претприемачка би ѝ останале околу 400 милиони долари. Но, таа нема да си замине од бизнисот. Напротив, Стајн ќе остане извршна директорка на „Purely Elizabeth“.

– Навистина се надевам дека ова ќе им покаже на жените дека не мора да избираат меѓу тоа да бидат визионерски основачки и да станат директорки на големи компании – изјавила таа.

Нејзината животна и деловна филозофија, вели, отсекогаш била едноставна: „Почувствувај го стравот, но сепак направи го тоа“.

Стајн вели дека го избрала „Ferrero“ затоа што верува дека таму брендот ќе има долгорочна иднина. – Фереро не размислува од квартал до квартал, туку генерации однапред – вели таа.

„Purely Elizabeth“ денес има околу 40 видови гранола, овесни каши и житарки, а Стајн планира и понатаму да го води брендот, со фокус на квалитетот на состојките и проширувањето на пазарот.